Економија
Препроектирање за столбовите изградени на пругата кон Бугарија пред 30-ина години
26.08.2025
Надминат е конструкторскиот проблем со столбовите на мостовите на пругата во изградба Бељаковце - Крива Паланка, втората делница за желеничкото поврзување на Македонија и Бугарија на Коридорот 8. Веќе се врши препроектирање за столбовите изградени пред 30-ина години, а домашните експерти вклучени во работите очекуваат временските и финансиските импликации да бидат на најниско можно ниво.
Горан Марковски, професор и декан на Градежниот факултет во Скопје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кој беше вклучен во активностите за ново техничко решение, за МИА потврди дека проблемот со постоечките мостовски столбови, изградени пред 30-тина години, е успешно разрешен во полза на државата.
- Ова најмногу се должи на меѓусебната координираност и целосна доверба помеѓу домашните авторитети - премиер, министер за транспорт, директор на МЖ инфраструктура и домашните експерти инволвирани во проектот од Градежниот факултет. Проблемот произлезе како последица на разликите помеѓу стандардите по кои се проектирани и изградени столбовите и темелите (МКС-Македонски стандард) и Европските стандарди за проектирање конструкции (Еврокодови) кои во земјите членки на Европската Унија се во важност од 2010 година и кои се облигаторни за новите објекти на европските коридори. И секако поради долгиот период на изложеност на столбовите на надворешни влијанија, притоа без никаков мониторинг и заштита, изјави Марковски.
Помеѓу многуте други разлики во наведените прописи, посочува дека најсуштинска е онаа која се однесува на значително поголемиот интензитет на сеизмичката сила определена според Еврокодовите.
Фото МИА