Lifestyle
Данска ја решава и „кризата на читање“, ќе го укинува данокот на книги за да го поттикне читањето
26.08.2025
Данска планира да го укине највисокиот данок на книги во светот во обид да ги охрабри луѓето да читаат повеќе. Данокот на книги во Данска е 25 проценти, а владата верува дека таквата политика придонесува за растечката „криза на читање“.
Министерот за култура Јакоб Енгел-Шмит објави дека владата ќе предложи во својот буџетски план да го укине данокот на книги, што ќе ја чини земјата 330 милиони дански круни (44 милиони евра) годишно, пишува Гардијан.
Енгел-Шмит рече дека верува оти мора да се преземат ризици за да се стави крај на кризата со читање што се шири во последните години.
„Неверојатно сум горд. Не се случува секој ден некој да успее да ги убеди колегите дека толку огромна сума пари треба да се инвестира во потрошувачката и културата на Данците“, рече министерот.
Другите нордиски земји исто така имаат стандардна даночна стапка од 25 проценти, но не ја применуваат за книгите. Во Финска, ДДВ за книгите е 14 проценти, во Шведска е 6 проценти, а во Норвешка не се наплаќа, пренесува Бизнис.рс.
Во 2001 година, Шведска го намали данокот на книги, што ја зголеми продажбата на книги, но, како што покажа анализата, книгите ги купуваа оние кои веќе читале.
Во Данска, која има малку повеќе од шест милиони жители, во 2023 година се продадени 8,3 милиони книги, во книжарниците и преку интернет.
Најмногу се продавале детски книги, сликовници и книги со активности, а другите најпопуларни жанрови биле криминалистички романи и трилери.
„Секако, ќе следам како се развиваат цените. Ако се покаже дека укинувањето на ДДВ само води до зголемување на профитот на издавачите, а цените на книгите да не паднат, тогаш мора да размислиме дали тоа било исправно“, вели Енгел-Шмит.