Економија
ПЛАН ЗА „АКТИВНА ПЕНЗИЈА“, Германците сè подоцна се одлучуваат за пензионирање!
29.08.2025
Минатата година, работниците во Германија се пензионираа во просек на 64,7 години, две и пол години подоцна отколку во 2000 година.
Според податоците од Германскиот фонд за пензиско осигурување, луѓето престануваат да работат подоцна во секоја наредна година.
До 2031 година, Германија постепено ќе ја зголемува законската возраст за пензионирање на 67 години, иако не стивнува и дебатата за поместување на границата на 70 години старост.
Сепак, во коалицискиот договор меѓу демохристијаните на канцеларот Фридрих Мерц и социјалдемократите се наведува дека понатамошно зголемување на старосната граница не е во планот.
Наместо тоа, постои план за „активна пензија“ што ќе им овозможи на луѓето над возраста за пензионирање да заработуваат месечна заработка ослободена од данок до 2.000 евра.
Специјална комисија треба да изготви предлози за реформи за долгорочно финансирање на пензискиот фонд по 2026 година.
- Системот во моментов е на стабилна основа, благодарение на релативно добрата состојба на пазарот на трудот во контекст на вработувањето со социјално осигурување, изјави копретседателката на Фондот, Ања Пиел.
Пензионерите, кои сочинуваат околу една четвртина од германското население, минатата година добивале просечно 1.154 евра месечно. Во просек, мажите добивале чек од 1.405 евра, а жените чек од 955 евра.
Во 2024 година, фондот им исплатил на пензионерите 402,8 милијарди евра, по 380 милијарди претходната година.
Приходите на Фондот изнесувале 402 милијарди минатата година, односно 381 милијарда претходната година, пренесува B92.