Економија
„Танцот на змејот и слонот“ - економската соработка меѓу Кина и Индија
31.08.2025
Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска, за време на средбата со индискиот премиер Нарендра Моди, изјави дека Кина и Индија се партнери во соработката, а не соперници, и дека двете земји една за друга се развојни прилики, а не закани.
Како што објави кинеското Министерство за надворешни работи, Си по средбата со Моди во кинескиот пристанишен град Тјенџин изјави дека „танцот на змејот и слонот“, односно постигнувањето добрососедски пријателски и партнерски односи меѓу двете најнаселени земји во светот, треба да биде вистинскиот избор и за Кина и за Индија.
Кинескиот лидер истакна дека минатогодишниот успешен состанок на самитот на БРИКС во Казан го означи повторното лансирање на односите меѓу Кина и Индија, при што размената и соработката меѓу двете земји постојано напредуваат.
Тој рече дека Кина и Индија, како две древни источни цивилизации и двете најнаселени земји во светот, се важни членови на Глобалниот Југ и дека тие ја носат одговорноста за благосостојбата на своите народи, промовирањето на единството и ревитализацијата на односите меѓу земјите во развој и унапредувањето на напредокот на човечкото општество, објави МИА.