Интервјуа
МЕГА ИНТЕРВЈУ | Ѓорѓе Војновиќ: Ризиците носат потреба од динамична адаптација на осигурителниот пазар
Мега интервју со Ѓорѓе Војновиќ, главен извршен директор на Триглав Осигурување АД, Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 15 август 2025г.
Ѓорѓе Војновиќ е главен извршен директор на Триглав Осигурување АД, Скопје, осигурително друштво од областа на неживотното осигурување. Со него разговараме за состојбите и за разновидните аспекти на осигурителниот бизнис.
За почеток, што покажуваат бизнис-резултатите на целата групација на која ѝ припаѓате, како и на осигурителното друштво што го управувате тука?
Ѓ. Војновиќ: Групацијата Триглав, согласно последните официјални податоци за првиот квартал оваа година, оствари добивка пред оданочување од 54 милиони евра со што оствари раст од 25 % во однос на истиот период минатата година. Главниот двигател на раст беше осигурителната дејност која забележа значаен пораст на премиите и ја задржа профитабилноста. Tоа се гледа и преку поволниот комбиниран количник кој остана непроменет во споредба со минатата година. Групацијата Триглав останува добро капитализирана и финансиски стабилна, a во согласност со стратегијата e фокусирана и на зајакнување на своето меѓународно присуство.
Деловните резултати на Триглав Осигурување во првата половина од 2025 година рефлектираат стабилен и одржлив раст, како и високо ниво на ефикасност во работењето на компанијата. Бележиме раст од 7 % на бруто-полисираната премија споредено со истиот период минатата година, што е потврда за довербата што ја имаат нашите клиенти во нашите производи и услуги.
Највисокиот раст го бележиме во сегментите со стратешка важност – доброволното здравствено осигурување − каде што остваривме раст поголем од пазарниот. Значителен напредок имаме и кај каско осигурувањето, осигурувањето од општа одговорност, како и осигурувањето на кредити.
Во доменот на финансиската стабилност, компанијата покажува добри резултати што се потврда на нашата способност долгорочно да ги исполнуваме обврските кон осигурениците и партнерите, дури и во услови на висока пазарна неизвесност.
Нашите клиенти и јавноста го препознаваат и го вреднуваат квалитетот на производите и на услугите што ги нуди Триглав осигурување, што е директен резултат на нашата стратешка ориентираност кон извонредност, иновација и континуирано унапредување на клиентското искуство. Согласно истражувањата, компанијата континуирано бележи највисока оценка за углед на македонскиот осигурителен пазар и е прв избор на клиентите кога станува збор за осигурување.
Успева ли осигурителниот бизнис во земјава да ја достигне очекуваната брзина на развој? Дали се потребни одредени системски промени во регулативата и сл.? Можеби одредена либерализација?
Ѓ. Војновиќ: Осигурителната индустрија на македонскиот пазар е најмалку развиениот сегмент од финансискиот систем во земјава. Во структурата на финансискиот систем таа има удел од 3,5 %, а густината на осигурување во 2024 година изнесуваше околу 116 евра осигурителна премија по жител (2023 година: 127 евра), што е многу под просекот на ЕУ (2 327 евра), но во рамките на просекот на земјите од Западен Балкан. Нивото на осигурителна пенетрација укажува дека вкупната бруто-полисирана премија во 2024 година изнесувала само 1,4 % од бруто-домашниот производ во земјава (2023 година: 1,7 %).
Пазарот на неживотно осигурување покажува раст, но како индустрија сме сè уште далеку од реализирање на потенцијалот кој постои во секторот. Македонскиот осигурителен сегмент се карактеризира со ниска пазарна концентрација, што е предуслов за функционална пазарна конкуренција. Заклучно со јуни 2025 година, само четири компании на пазарот на неживотно осигурување го надминаа прагот на учество од 10 % во вкупната бруто-полисирана премија.
Еден од клучните предизвици со кои се соочува осигурителниот сектор во изминатиов период е зголеменото влијание на инфлацијата, особено изразено во најдоминантните класи во осигурителниот сектор.
Во доменот на доброволното здравствено осигурување, регистрираме значителен пораст на побарувачката, поттикнат од сè поизразените несоодветни услови во јавниот здравствен систем. Ова, во комбинација со ограничениот број на приватни здравствени установи со капацитет да одговорат на зголемената побарувачка, резултираше со значајно зголемување на цените на здравствените услуги. Последиците се рефлектираат во зголемени трошоци за исплата на штети, што логично води кон неопходност за прилагодување на премиите со цел да се зачува финансиската стабилност на осигурителните компании.
Слични динамики се забележуваат и кај имотното осигурување, каде што растот на цената на градежните материјали, повисоката вредност на недвижностите и нивната пософистицирана внатрешна и техничка опременост, во комбинација со интензивирањето на климатските промени и ризици – особено оние што го засегаат земјоделството – доведуваат до зголемени осигурени суми и посложени ризични профили. Иако осигурителните компании во моментов успешно ги балансираат цените со техничкиот резултат што го остваруваат, неизбежно ќе се отвори потребата од репозиционирање на цените за да се задржи долгорочната одржливост.
Особено внимание заслужува задолжителното осигурување од автомобилска одговорност кое, и покрај значајните промени на пазарот и на структурата на ризик, бележи непроменета цена повеќе од 15 години. Овој дисбаланс директно го загрозува капацитетот на осигурителните компании да обезбедат континуирана ликвидност и сигурност при исплата на отштетни побарувања, што ја наметнува потребата од системски пристап и регулаторна корекција.
Осигурителниот сектор, како интегрален дел од финансискиот сегмент во општеството, е столб на стабилност и на сигурност, со јасна општествена улога во управувањето со ризици и заштита на вредности. Но, и покрај перцепцијата за висока профитабилност, осигурителниот сектор, всушност, оперира со значително помал агрегатен профит кој е понизок и од единечниот профит на помала банка на македонскиот пазар.

Кој е најбрзорастечкиот осигурителен продукт на Триглав Осигурување АД, Скопје? Што е причината за тоа?
Ѓ. Војновиќ: На македонскиот осигурителен пазар, во резидентниот сегмент и натаму доминираат задолжителните класи на осигурување, поточно осигурувањето од автомобилска одговорност кое е и најмасовно застапено. Сепак, она што го сметаме за особено охрабрувачки тренд е поинтензивната експанзија на доброволните осигурувања, пред сѐ во корпоративниот сегмент каде што се бележат позначајни позитивни поместувања.
Особено би го истакнал доброволното здравствено осигурување кое, во последниве неколку години, доживува континуиран и двоцифрен раст. Овој пораст е резултат на неколку фактори – растечката свест кај работодавачите за важноста на програмите за бенефиции за вработените (employees benefits), зголемената присутност на странски инвеститори со високи интерни стандарди за грижа за вработените, како и ограничениот капацитет и пристап до квалитетни и брзи здравствени услуги во јавниот сектор. Сето тоа води кон сѐ поголем интерес за приватното здравствено осигурување кое станува составен дел од пакетот за задржување и за мотивирање на клучните кадри, особено во ИТ-индустријата и во странските компании.
Покрај здравственото осигурување, во корпоративниот сегмент бележиме раст и во побарувачката за други доброволни производи – осигурување на побарувања, осигурување од професионална и општа одговорност, осигурување од сајбер ризици, кредити, како и осигурување на фотоволтаични електрани, што е показател за зголемената зрелост и разбирање на ризикот од страна на бизнис-заедницата.
Во услови на економска неизвесност, инфлаторни притисоци и климатски ризици, осигурителниот пазар се наоѓа пред потреба од динамична адаптација – и во однос на продуктното портфолио и во однос на ценовната политика. Веруваме дека овие предизвици ќе бидат и можност за понатамошна еволуција на пазарот преку воведување на иновативни производи кои ќе ја рефлектираат реалната изложеност на ризик и ќе одговорат на потребите на современите компании и на граѓаните.
Колкаво е значењето на изборот на соодветен канал на продажба на осигурителните продукти? Во тој контекст, каква е улогата, на пример, на каналот на продажба што оди преку банките?
Ѓ. Војновиќ: Изборот на соодветен канал на продажба е една од клучните стратешки одлуки при обликување на деловниот модел и директно влијае на способноста на една компанија да обезбеди долгорочен раст, ефикасност и високо ниво на задоволство кај клиентите. Продажниот канал не е само алатка за дистрибуција на производи – тој е точката на интеракција, каде што се гради довербата, се артикулира вредноста на производот и се обликува севкупното клиентско искуство.
Во тој контекст, банко осигурувањето претставува особено важен канал кој, преку веќе воспоставената инфраструктура и доверба меѓу банката и нејзините клиенти, овозможува пристап до структурирана и профилирана клиентска база. Овој канал има потенцијал да дејствува како мултипликатор на вредност не само преку зголемена продажба туку и преку унапредено клиентско искуство и персонализирана понуда адаптирана на специфичните потреби на клиентот.
Од наша перспектива, клучно е интегрираното размислување во кое продажните канали не се разгледуваат изолирано, туку како дел од единствен, омниканален екосистем на поврзани услуги. Во пракса, ова значи дека дигиталните канали, традиционалната продажна мрежа и партнерските канали – како што се технолошките компании, банките, здравствените установи и други индустрии, се дизајнираат и се координираат така што меѓусебно се надополнуваат и создаваат конзистентно, флексибилно и висококвалитетно клиентско патување.
Во време кога клиентите очекуваат брзина, транспарентност и индивидуализиран пристап, агилноста во изборот и во управувањето со продажните канали станува пресудна. Затоа вложуваме во континуирана еволуција на нашите продажни модели при што секој канал – вклучително и банкарскиот – го третираме како стратешки партнер во создавањето вредност за клиентот.
Неизбежна тема е и дигитализацијата на процесите во функција на постигнување подобро искуство на клиентот. Што прави Триглав осигурување АД Скопје на тој план?
Ѓ. Војновиќ: Во Триглав Осигурување посветуваме посебно внимание на воведување иновативни решенија што го следат светскиот технолошки развој и се одраз на емпатијата кон предизвиците со кои се соочува општеството. Наша стратешката цел е да обезбедиме извонредно клиентско искуство при што достапноста и едноставноста на услугите се приоритет.
Дигитализацијата ја позиционираме како еден од главните двигатели на оваа визија. На пример, со воведувањето на онлајн пријава на осигурени случаи преку платформата OneID за доброволно приватно здравствено осигурување, нашите клиенти добија можност безбедно и брзо да пријават осигурен случај од далечина. Оваа услуга значително ги поедноставува и ги забрзува процесите, а истовремено ја зголемува транспарентноста и го подобрува клиентското искуство во критични моменти.
Преку мобилната апликација за пријава на штети по каско осигурување, Триглав пријава, ги олеснуваме процесите, овозможувајќи побрза и поефикасна комуникација со клиентите.
Технологијата ја користиме и за унапредување на процесот на процена на штети од далечина, а воведовме и употреба на дронови за прецизни и за брзи процени, што дополнително ја подобрува точноста и ја подобрува транспарентноста на процесите.
Континуирано развиваме дигитални алатки што ги доведуваат до оптимум внатрешните процеси, обезбедувајќи поголема оперативна ефикасност.
Сите овие напори се дел од нашата долгорочна визија – да поставиме стандард во осигурителната индустрија, обезбедувајќи услуги што се достапни, едноставни и транспарентни, во секое време и секаде. Моќта на технологијата ја користиме како основа за континуирана иновација и подобрување со цел да создадеме процеси кои се лесни, сигурни и прилагодени на потребите на нашите клиенти.
Во овој процес, едукацијата и континуираниот развој на нашите вработени се клучен фактор за успешна имплементација и користење на новите дигитални алатки, што обезбедува одржливост и квалитет во нашето работење.
Кои се клучните столбови на корпоративното управување со осигурителното друштво? На пример, како е позиционирано друштвото во однос на EСГ-стандардите?
Ѓ. Војновиќ: Корпоративното управување во Триглав Осигурување се темели на одговорно работење, на транспарентност и на долгорочна ориентација кон одржливост, што претставува неизоставен дел од нашата деловна филозофија. Водени од убедувањето дека осигурителната индустрија има суштинска улога во градењето на поотпорни општества, интеграцијата на EСГ-принципите (еколошки, социјални и управувачки) ја третираме не како дополнителна вредност, туку како основа за нашето работење.
Одржливиот развој го препознаваме како материјално значаен аспект не само во контекст на еколошката одговорност туку и во поширокиот општествен и управувачки контекст. Во таа насока, нашите активности се насочени кон конкретни, мерливи резултати. Преку иницијативи како Триглав Зелена Лига им овозможуваме на нашите вработени и на клиентите на здравствено осигурување активно да придонесуваат кон подобра животна средина, стимулирајќи ги да ги заменат автомобилите со пешачење или со возење велосипед. Целта е амбициозна, но остварлива: заштеда на 365 тони CO2 на годишно ниво.
Истовремено развиваме производи како Каско грин (Kasko Green), каде што нудиме 50 % попуст за осигурување на електрични и на хибридни возила, промовираме енергетски ефикасни домови преку поволности за осигурување, стимулираме и осигурување на фотоволтаици, а дел од сопствениот возен парк веќе го заменивме со електрични возила. Ваквиот пристап не само што ја демонстрира нашата еколошка одговорност туку испраќа и јасен сигнал дека EСГ не е само интерна политика, туку модел на однесување и на вреднување.
Во социјалниот домен, преку активна поддршка на здравствени, на едукативни и на општествено значајни иницијативи, придонесуваме за стабилен и за одржлив развој на заедницата.
Етиката во управувањето е исклучително важна. Во Триглав Осигурување поддржуваме транспарентност и одговорност на секое ниво преку јасна комуникација на целите, на предизвиците и на резултатите. Интегритетот во работењето придонесува да градиме доверба кај клиентите, вработените и партнерите, што е основа за долгорочен успех. Да не заборавиме, разновиден и инклузивен тим овозможува иновативно и навремено донесување одлуки, правејќи ја компанијата поагилна и поспособна да одговори на промените на пазарот.
Во сè што правиме, градиме бренд фокусиран на клиентите, кој ги става нивните потреби на прво место. Истовремено создаваме бренд на работодавач кој е насочен кон вработените, поттикнувајќи позитивна и проактивна култура на работното место.
Со ваков холистички пристап, Триглав Осигурување останува доследно посветен на визијата да биде двигател на позитивни промени при што EСГ-стандардите не ги третираме како обврска, туку како можност за одговорно работење и за создавање долгорочна вредност за сите засегнати страни.

Сериозен предизвик за секој правен субјект во финансискиот сектор е и примената на пропишаните меѓународни стандарди. Еден од оние што се многу актуелни за осигурителниот бизнис е ИФРС 17, меѓународниот стандард за финансиско известување. Како се справувате со ваквите предизвици?
Ѓ. Војновиќ: Како дел од Групацијата Триглав, нашето друштво има јасна обврска постојано да се усогласува со најновите меѓународни стандарди за финансиско известување. Во тој контекст, имплементацијата на МСФИ 17 (IFRS 17) претставуваше значаен предизвик, но и можност за унапредување на нашите финансиски процеси и на транспарентноста во известувањето.
Нашиот тим активно учествуваше во групацискиот проект за имплементација на стандардот, успешно реализирајќи ги сите активности и задачи во рамките на предвидените рокови. Обезбедивме целосно усогласување со барањата на МСФИ 17, што овозможи навремена и квалитетна подготовка на консолидираните финансиски извештаи.
Овој процес уште еднаш ја потврди нашата посветеност на финансиска дисциплина, на регулаторна усогласеност и на транспарентно работење, што се вредности во кои веруваме и кои активно ги практикуваме во секој сегмент од работењето.
Се наѕира ли како ќе влијае вештачката интелигенција на осигурителниот бизнис во иднина?
Ѓ. Војновиќ: Иако влијанието на вештачката интелигенција (ВИ) врз осигурителниот бизнис на глобално ниво веќе е значајно и забележливо, кај нас овој импакт сѐ уште не е целосно изразен. Сепак, трендовите јасно покажуваат дека и нашиот пазар ќе се движи во таа насока, особено со зголемување на дигиталната писменост и на технолошките капацитети.
Потенцијалот на ВИ е голем – во развиените пазари веќе се користи за автоматизација на процеси, понапредна процена на ризици, откривање на измами, како и за подобрување на клиентското искуство преку персонализирани понуди. Овие придобивки несомнено ќе бидат релевантни и за нашиот пазар во блиска иднина.
Како компанија внимателно ги следиме глобалните трендови и веќе ги вклучуваме аспектите на дигитална трансформација и на ВИ во нашите долгорочни стратегии. Веруваме дека постепената и одговорна интеграција на вакви технологии ќе донесе ново ниво на ефикасност, на прецизност и на вредност за клиентите.
Вештачката интелигенција ја гледаме како алатка што ќе го редефинира начинот на кој се дизајнираат, се дистрибуираат и се администрираат осигурителните производи во иднина – и сме подготвени да го прифатиме тој развој во склад со потребите и со зрелоста на нашиот пазар.
Вие сте и, народски кажано, „човек од кошарката“. Како гледате на состојбата во која се наоѓа македонската кошарка? Можеме ли да бидеме оптимисти за иднината?
Ѓ. Војновиќ: Кошарката, за жал, веќе подолг период бележи надолен тренд – без разлика дали зборуваме за клупското ниво, за младинските категории или за настапите на репрезентацијата во различни циклуси. Причини за тоа има секако многу, но важно е да се потенцира дека не ни недостасува талент. Нашите млади генерации се талентирани и постигнуваат задоволителни резултати.
Според моја проценка, еден од клучните проблеми е напуштањето на системот кој функционираше и даваше резултати во минатото – и на клупско и на репрезентативно ниво, а кулминираше со успесите на европските првенства во периодот од 2009 до 2015 година кога македонската репрезентација постигнуваше забележителни успеси.
Сметам дека најмногу ни недостасува квалитетен тренерски кадар кој ќе знае како да го извлече максимумот од младите таленти, да ги изгради не само како играчи туку и како личности со вистински вредности – на теренот и надвор од него.
Кога повторно ќе изградиме таков систем и ќе ги вратиме тие вредности, тогаш ќе можеме и реално да зборуваме за поуспешна иднина на македонската кошарка. Оптимизмот постои, но мора да биде поддржан со јасна визија, со работа и со континуитет.
Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски