Интервјуа
ИНТЕРВЈУ | Герасим Ванчев: Jа интегрираме вештачката интелигенција (AI) во нашeтo продуктно портфолио
Интервју со Герасим Ванчев, извршен директор на СЕМОС
Економија и бизнис | печатено издание | 15 август 2025г.
Семос е изграден и е препознаен бренд во ИТ-бизнисот не само во земјава туку и регионално. Со 40-годишно искуство тоа е и една од компаниите со најдолга традиција во овој бизнис. Кога ќе погледнете наназад низ времето, кои биле најголемите предизвици со кои се соочила и успешно ги надминала компанијата?
ГВ: Семос претставува една од најстарите и највлијателни ИТ-компании во Македонија. Минатата година одбележавме 40 години традиција и успешно постоење − четири децении во кои неуморно градевме експертиза, доверба и визија.
Како менаџер со повеќе од 30 години искуство, имав привилегија да бидам дел од секој клучен момент – од транзицијата во 90-тите до денешната дигитална трансформација која темелно го промени ИТ-секторот – секој период носеше свои искушенија.
Можеби најголемиот предизвик беше како да останеме релевантни и иновативни во време на вртоглави технолошки промени. Нашиот одговор на тоа беше јасен: инвестиравме во нашите луѓе, изградивме партнерства со водечки светски технолошки компании и постојано ги приспособувавме нашите услуги кон динамичните потреби на пазарот.
Ако треба да направам ретроспектива во една реченица за Семос и за дејноста која ја работиме, тоа секако е: максимална посветеност, следење на трендовите, континуирано учење, тимска работа, градење партнерства и максимално професионален однос со клиентите.
Каде е денес Семос на домашен план, но и регионално и како ја оценувате тековната состојба на ИТ-секторот во земјава?
ГВ: Иако сме најчесто препознаени како софтверска куќа, сепак, домените на системската интеграција, лиценцирањето и ИТ-безбедноста се исклучително важен сегмент на компанијата.
Со тоа Семос го има полниот капацитет да биде доверлив партнер за целосна дигитална трансформација и на институциите и на компаниите. Од креирање на соодветни апликации кои ќе ги дигитализираат и ќе ги автоматизираат процесите, преку обезбедување на соодветна опрема и нејзина интеграција во еден систем, до обезбедување висока сигурност и максимално професионална поддршка. Тоа е нашата најголема додадена вредност и елемент кој силно нè издвојува од конкуренцијата.
Во моментов Семос е активно присутен во пет држави од регионот, со сериозни референци, особено во банкарскиот сектор, во производствени компании и во големи регионални корпорации.
Особено сме горди на нашите стандардни продукти, софтверски системи кои имаат значајно позитивно влијание во деловните процеси на организациите како: напреден систем за управување и развој на човечките ресурси − Motiv8, модерен EРП-систем за сеопфатно деловно работење, е-архива – моќен систем за електронско управување со документи, систем за ефективно управување со компаниите со деловна интелигенција за споредба и приказ на податоците – BI Style и интуитивниот и лесен за користење систем за шпедитерско работење – TS Trader.
Иако ИТ-секторот во Македонија бележи континуиран раст поради извозната компонента на нудење на технолошки услуги, мојот личен став е дека извозот нема значително да расте во наредниот период. Веќе се појавуваат нови технолошки области, дел од задачите на ИТ-професионалците ќе се променат, а растот на платите на програмерите ќе се стабилизира.
Сепак, пред нас стои огромна можност: дигитализацијата на државните институции и приватниот сектор во Македонија. Тоа е поле каде што сè уште има многу работа и голем потенцијал за развој.

Имајќи ги предвид потенцијалите на ИТ-секторот и фактот дека станува збор за брзорастечки сектор кој ѝ носи сериозен девизен прилив на македонската економија од извоз на услуги, носителите на економските политики по дефиниција треба да се заинтересирани за развојот на овој сектор. Што може да направи нашава држава за уште поголем раст на ИТ-секторот?
ГВ: Потенцијалите на ИТ-секторот за македонската економија треба да се разгледуваат од неколку агли. Прво, тој сериозно придонесува за македонската економија со прилив на девизи од извоз на услуги, второ, ангажира високостручен и добро платен кадар, трето, кадарот е претежно млад кој живее, работи и инвестира во Македонија.
Во таа смисла, државава, секако, треба да има значајна улога во идниот развој на ИТ−секторот – и може и мора да направи многу повеќе за да го задржиме и да го забрзаме овој позитивен тренд.
Најпрво, неопходно е системско и долгорочно инвестирање во ИТ-образованието, поддршка за стартапи и за иновативни компании, даночни олеснувања за технолошкиот сектор, како и создавање поволна, предвидлива средина за домашни и за странски инвестиции. Клучен чекор е и поттикнување на блиска соработка меѓу индустријата и образованието – модел кој веќе покажува резултати на глобално ниво.
Македонските институции мора со забрзано темпо да ја спроведуваат дигитализацијата, тоа директно ќе го придвижи и развојот на домашните ИТ-компании кои полесно ќе се позиционираат и на меѓународниот пазар. Во некои земји веќе постои практика на големите јавни тендери за софтвер, странските компании да отстапуваат најмалку 49 % од проектот на локални фирми како финансиски така и оперативно.
Државата треба да има на ум дека кога говориме за ИТ-секторот, всушност говориме за клучен екосистем и за критична инфраструктура на една модерна држава. Без соодветна поддршка, без развој и без стратешко партнерство со овој сектор, како национален ресурс, се доведува во прашање и државноста и безбедноста на една земја.
Можеби е време и за посериозно разгледување на моделот на јавно-приватни партнерства во ИТ-секторот бидејќи реалноста покажува дека капацитетите и експертизата во државната администрација се многу под потребното ниво. Со соработка можеме побрзо и поквалитетно да ја модернизираме јавната администрација и да создадеме реални можности за ИТ-индустријата.
Вие сте еден од основачите на МАСИТ. Што се случува таму и може ли преку ваква коморска организација да се направи нешто повеќе за ИТ-секторот?
ГВ: Со гордост можеме да кажеме дека Семос беше еден од основачите на МАСИТ пред 25 години – што ја потврдува нашата долгогодишна посветеност кон развојот на ИТ-екосистемот во Македонија.
МАСИТ останува клучна платформа за застапување и за унапредување на интересите на ИТ-индустријата во земјава. Организацијата активно работи на иницијативи кои го олеснуваат извозот, придонесуваат за создавање на поволни законски рамки и ја стимулираат соработката меѓу домашните компании. Преку МАСИТ постои реална можност за влијание врз креирањето на посовремени економски политики и зајакнување на улогата што ја има ИТ-секторот во развојот на националната економија.
Веруваме дека МАСИТ треба уште поактивно да ги поддржува ИТ-компаниите со македонско потекло, особено кога се во процес на излез на странски пазари и за стратешките нови проекти во Македонија. Се надеваме дека со новото раководство, организацијата ќе ја засили својата стратешка важност и уште посилно ќе ја води индустријата кон регионален и глобален успех.
Живееме во возбудливо време на појавување на вештачката интелигенција. Постои цела лепеза на мислења за тоа како таа ќе влијае на животите на луѓето. Како гледате вие на промените на технолошки план и што носат тие за иднината?
ГВ: Живееме во ера на брзи и на длабоки технолошки трансформации, каде што вештачката интелигенција, машинското учење и автоматизацијата радикално го менуваат начинот на кој работиме, комуницираме и живееме. Технологијата сè повеќе станува двигател на секоја индустрија и ќе продолжи да игра клучна улога во обликувањето на нашата иднина.
Очекуваме сè поголема автоматизација на процесите, појава на персонализирани дигитални услуги, како и развој на сосема нови професии кои денес сè уште не постојат. Секако, овие промени носат и предизвици, но и огромен потенцијал за раст и за иновација.
За да останеме чекор пред времето мораме постојано да се адаптираме, да ги менуваме нашите пристапи и да стекнуваме нови вештини и знаења. Секако, етичкиот пристап во користење и употреба на новите технологии мора да бидат примат и на бизинисите и во заштита на јавниот интерес.

Како се позиционира Семос во ваквиот контекст? Што да прават другите бизниси за да го „јавнат бранот“ на новите технолошки промени?
ГВ: Ние веќе го направивме првиот чекор, започнавме да ја интегрираме вештачката интелигенција (AI) во нашeтo продуктно портфолио, најпрво во системот за управување со човечки ресурси, а веднаш потоа и во е-архива и во системот за шпедитерско работење. Со тоа отвораме ново поглавје и нови можности за брза анализа, за предвидување и за целосна автоматизација на процесите кои досега беа трудоинтензивни.
Во светот кој постојано се менува, ние постојано вложуваме во иднината. Активно инвестираме во вештачка интелигенција, сајбер безбедност и облак решенија и ги трансформираме во конкретни, вредносни услуги за нашите клиенти.
Веруваме дека секој бизнис, без разлика на неговата големина или дејност, мора да го прифати дигиталниот напредок, да инвестира во знаење и да негува организациска култура што охрабрува иновација и прифаќа промени.
Во време на постојана трансформација, само тие што се подготвени да се адаптираат ќе успеат да останат релевантни. Ние самите се менуваме. И да, не е лесно. Но, веруваме дека токму низ тие предизвици се гради вистинскиот напредок.
Новото технолошко време бара и човечки ресурси со нови знаења и вештини во ИТ--секторот, но и воопшто. Во тој контекст работи едукативниот центар Семос едукација. Кажете ни нешто повеќе за овој центар?
ГВ: Семос едукација е водечки едукативен центар во Македонија, со над триесет години посветена работа во обучување стручни кадри за ИТ-индустријата. Нашите програми се лиценцирани од водечки глобални технолошки компании како Мајкрософт, Сиско (Cisco), АВС (AWS), Адоб и други, што обезбедува висок квалитет и меѓународно признати знаења.
Нашата мисија е јасна – да го унапредиме ИТ-знаењето во земјава и да создадеме генерации на стручњаци кои се подготвени веднаш да одговорат на потребите на пазарот. Горди сме што многу од нашите поранешни студенти денес работат како успешни професионалци низ целиот свет.
Особена чест ни беше што минатата година Семос едукација беше прогласен за најдобар едукативен центар на глобално ниво.
Покрај Семос, јас сум еден од основачите на едукативните центри Семос едукација, Clear view, Certiadriа и Семос едукација Белград, иницијативи кои го продолжуваат нашето залагање за развој на ИТ-талентот на регионално и на меѓународно ниво.
Што претставува за вас вистински успех? Дали е тоа поврзано само со професионалните достигнувања или има нешто подлабоко?
ГВ: Често се вели дека успехот се мери со бројки – профит, раст, проекти. Но, според мене, вистински успешен човек е оној кој покрај што е успешен во бизнисот има и стабилно, среќно семејство и богато опкружување од пријатели. Моето семејство ми дава внатрешна сила и стабилност, нешто што е неопходно за секој претприемач за да се справи со предизвиците кои немаат крај. Имам и широк круг на пријатели, вистински другари, луѓе со кои можеш да седнеш, да се насмееш, да се исплачеш и ако треба да се потсетиш зошто сето ова што го правиме има смисла. За мене, тоа е богатството, извор на инспирација и рамнотежа во секојдневието. Балансот меѓу работата, семејството и пријателствата не доаѓа сам по себе, треба свесно да го градиш. Ама кога ќе го најдеш, сè друго си доаѓа на место. Затоа секогаш велам – не е доволно само да си добар претприемач или менаџер, биди добар сопруг, родител, пријател. Е тогаш си навистина успешен. На крајот на краиштата, ако кариерата ти оди добро, а немаш со кого тоа да го споделиш – тогаш успехот е празен. Затоа моја порака до помладите е: работете напорно, бидете амбициозни, но никогаш не го запоставувајте семејството, пријателите и себеси.
За крај на интервјуто, во ова време на летни годишни одмори, сум слушнал дека сте приврзаник на кампување, на нуркање и на крстарење. Кажете ни нешто повеќе за овој сегмент од приватниот живот и кои се најубавите места кои сте ги посетиле?
ГВ: Со кампување се занимавам повеќе од 25 години – тоа е навистина стил на живот кој ми помогна да останам присебен и енергичен и во најбурните бизнис-периоди. Крстарењата и нуркањето ми овозможуваат вистинска поврзаност со природата, моменти на спокој, но и длабока лична рефлексија. Подводниот свет е мојот начин да се оддалечам од секојдневието, да го смирам умот и да ја обновам енергијата.
Имам и авантуристички дух, еднаш скокнав во тандем со падобран од планина висока 1 900 метри! Верувам дека вистинската животна рамнотежа меѓу работата и приватниот живот е основа за креативност и за долгорочна исполнетост.
Сега, кога сум пред пензија, со задоволство гледам како животот се трансформира. Децата ни го напуштија родителскиот дом, станавме горди баба и дедо на три внучиња. Сите деца ни работат приватно, две се австралиски државјани, но со радост велам сите работат од Македонија, во ИТ-секторот, за странски компании. Тоа ми дава надеж и гордост.
Сум обиколил добар дел од светот. Минатата година уживав на 11-дневно крстарење низ Средоземното Море до Португалија, а оваа есен ме чека нова авантура: 20-дневно крстарење од Европа, преку Мароко, Тенерифе, Атлантикот, преку Екватор до Уругвај, Бразил, Аргентина...
И да, ќе продолжам да истражувам, да патувам и да се радувам сè додека можам.
Најубавите места кои сум ги посетил досега се Маврициус и Бриони, вистински раеви на земјата кои засекогаш ќе останат во моето срце.
Разговараше:
Зоран Јовановски