Економија

Србија со намален економски раст како последица на „социо-политичката криза“

Реалниот раст на бруто-домашниот производ (БДП) на Србија во вториот квартал годинава изнесуваше 2,1 отсто,  во споредба со истиот период од претходната година , објави  Републичкиот завод за статистика.

Растот на БДП во споредба со првиот квартал изнесуваше 1,1 процент, пишува Бета.

Гледано по дејности, во вториот квартал од 2025 година, во споредба со истиот период од претходната година, најзначаен реален раст на бруто-додадената вредност е забележан во секторите индустрија и водоснабдување и управување со отпадни води (три проценти) и информатичко-комуникацискиот сектор (5,9 проценти).

Реален пад на бруто-додадената вредност е забележан во градежниот сектор (16,1 процент).

Ова е малку подобар резултат од статистиката за првиот квартал, кога економскиот раст изнесуваше 1,9 проценти, но значително послаб од претходната година. Имено, во третиот и четвртиот квартал од 2024 година, БДП порасна со стапка од 3,2 и 3,3 проценти, соодветно.

Економистот Саша Ѓоговиќ истакнува дека оваа година Србија ќе има забележително забавување на динамиката на економскиот раст.

„Наместо проектираните 4,2 проценти, ќе биде под три проценти. Прогнозите велат дека плафонот ќе биде до 2,7 проценти, што укажува дека Србија е во длабока социјална криза што има одредени економски последици. Тие првенствено се забележуваат во услужниот сектор, туризмот и градежништвото“, вели Ѓоговиќ, за Бизнис.рс.

Нашиот соговорник истакнува дека очигледно има пад во градежништвото бидејќи инвеститорите се воздржуваат или ги одложуваат своите проекти додека чекаат да видат разрешница на социо-политичката криза во која се наоѓа Србија веќе десет месеци.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано