Lifestyle

Џеки Чен станува амбасадор на изложбата „Експо 2027“ во Белград

Познатиот актер и мајстор на боречки вештини Џеки Чен ќе биде амбасадор на специјализираната изложба Експо 2027, која ќе се одржи за прв пат во Западен Балкан, во Белград. Темата на настанот „Играј за хуманост - Спорт и музика за сите“ беше дизајнирана да покаже како креативната игра преку спорт и музика може да придонесе за поврзување на луѓето и заеднички одговор на глобалните предизвици. Џеки Чен, во интервју за Euronews, нагласи дека спортот, музиката и културата не се одвоени, туку претставуваат различни јазици со ист дух.

Тој верува дека Белград ќе биде местото на средба на Истокот и Западот во 2027 година.

„Ритaмот во боречките вештини е како музика, а раскажувањето приказни во музиката е како филм. Сè заедно го носи духот на културата“, рече Чен.

Тој додаде дека го гледа Експото како сцена каде што народите споделуваат идеи, иновации и традиции.

Организаторите велат дека Експо 2027 ќе биде можност за Србија и регионот да го покажат својот потенцијал во науката, технологијата и вештачката интелигенција, но и да го претстават своето културно наследство пред светот.

Белград се подготвува да заврши неколку инфраструктурни проекти до 2027 година, меѓу кои се модернизацијата на саемските простори и подобрувањето на сообраќајната мрежа, пренесува Политика.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес се сретна со познатиот холивудски актер и нов бренд амбасадор на ЕКСПО 2027, Џеки Чен, и истакна дека е голема чест што оваа глобална филмска ѕвезда и еден од најголемите светски културни амбасадори ќе го претставува ЕКСПО во Србија со својата харизма и енергија.

Во објава на Инстаграм, Вучиќ изјави дека е убеден дека Џеки Чен, како промотор на ЕКСПО 2027, ќе обезбеди силна поддршка во презентирањето на настанот што ќе ја стави нашата земја во центарот на глобалното внимание и ќе го доближи духот на играта што ЕКСПО го промовира во Србија до светот.


Фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано