Економија
ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ЕК НА ОТЧЕТ, Унијата малку направи од препораките за подобра конкурентност?
10.09.2025
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес ќе го одржи својот годишен говор за состојбата на Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, а се очекува да зборува за проширувањето и Западниот Балкан, објави денес „Бриселс тајмс“.
Бриселскиот весник додава дека следниот долгорочен буџет на ЕУ исто така ќе биде високо на агендата, како и одржливиот просперитет и конкурентност, зелената и дигиталната транзиција на ЕУ, вклучително и вештачката интелигенција, и прашањето како да се заштити демократијата и основните вредности на ЕУ.
Се очекува фон дер Лајен да се фокусира на глобалните предизвици со кои се соочува Европската Унија, вклучувајќи ги односите ЕУ-САД, континуираната поддршка на ЕУ за Украина во нејзината војна против Русија и европската одбрана и безбедност.
Претседателката на ЕК ќе се најде фо дефанзива по критиките за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, недостатокот на транспарентност, нејасните политики за борба против климатските промени, недостатокот на лидерство на меѓународната сцена и нејасниот план за намалување на трошоците за живот во ЕУ и раст на економијата на блокот, заклучува „Бриселс тајмс“.
Европската Унија имплементираше само дел од предлогот на поранешниот италијански премиер Марио Драги за ревитализација на ослабената економија на блокот во трка со глобални ривали како Кина и САД.
Уште во септември 2024 година, Драги презентираше 383 препораки со кои предупредуваше дека Европа се соочува со „егзистенцијален предизвик“ и дека „нема да може да стане лидер во новите технологии, светилник на климатската одговорност и независен играч на светската сцена“ освен ако не стане попродуктивна.
Но, една година подоцна, и покрај ветувањата на Европската комисија да дејствува брзо, само 11,2 проценти од идеите на Драги се имплементирани, според ревизијата на Европскиот совет за иновации во политиката, тинк-тенк со седиште во Брисел.
Во меѓувреме, европската економија продолжи да стагнира, а американската економија се прошири осум пати побрзо од економијата на ЕУ во вториот квартал од 2025 година.
Агендата за конкурентност се чини дека е блокирана, рече еден дипломат од ЕУ. „Комисијата се обидува, но на крајот зависи од националните лидери. Во меѓувреме, губиме време.“
Најголем напредок е постигнат во областите со најмал отпор, како што се заедничкото задолжување за одбрана или намалувањето на бирократијата, според аналитичарите на Дојче Банк.
„Досега, не би ги опишале нивните предлози како пресвртница“, рече Марион Милбергер, виш економист во Дојче Банк, пренесува Сеебиз.
Фото Економија и бизнис