Интервјуа
МЕГА ИНТЕРВЈУ | Филип Силјановски: Конференцијата Инграм и вендорс нетворкинг#4 (Ingram & Vendors Networking#4) е темел за иднината на ВИ и на сајбер безбедноста во регионот
Мега интервју со Филип Силјановски, генерален директор на „Инграм Микро“ за Македонија, Албанија и Косово
Економија и бизнис | печатено издание | 01 септември 2025г.
Филип Силјановски, генерален директор на „Инграм Микро“ за Македонија, Албанија и Косово, во пресрет на четвртото издание на Инграм и вендорс нетворкинг (Ingram & Vendors Networking) зборува за значењето на оваа конференција, за темите што ќе ја обележат и за тоа зошто вештачката интелигенција (ВИ) и сајбер безбедноста денес се неразделни области. Според него, оваа година се поставуваат темели кои ќе ја дефинираат насоката не само на технолошкиот сектор туку и на целата бизнис-заедница во регионот.
Г. Силјановски, како би ја опишале улогата на конференцијата Инграм и вендорс нетворкинг#4 во актуелниот контекст?
Во овие четири години, конференцијата ја надмина рамката на обичен бизнис-настан и се претвори во клучна платформа за дискусии и за иницијативи што го обликуваат идниот развој на индустријата. Покрај тоа што е место за споделување информации и за остварување средби, на неа се создаваат визија и заедничка агенда што ќе имаат долгорочен ефект.
Секоја година, со своето ново издание, конференцијата ја потврдува улогата на мост меѓу глобалните трендови и локалната реалност. Слушаме мислења од врвни експерти, но ги интегрираме и перспективите на домашните компании. Таа динамика создава средина која ги рефлектира случувањата во индустријата и активно ги обликува.
Темата оваа година е вештачката интелигенција. Како ќе се обработува таа на конференцијата?
Точно е дека многу конференции зборуваат за ВИ, но често во апстрактни термини. Нашата цел е да ја претвориме во опиплива реалност за компаниите и за институциите во Македонија и во регионот.
Ќе прикажеме конкретни примери − како ВИ веќе се користи во здравството, во финансискиот сектор, во јавната администрација и во образованието. Но, уште поважно, ќе покажеме кои технологии се достапни денес и како секоја организација може да започне со нивна примена.
На еден начин, Инграм и вендорс нетворкинг#4 е првата конференција во регионот што систематски ја отвора оваа тема со поглед и на бизнис-моделите и на општествените ефекти.
Освен ВИ, ја нагласивте и сајбер безбедноста. Зошто е толку важно тие да одат „рака под рака“?
Ако треба да бидам директен − нема ВИ без безбедност. Колку побрзо се развиваат апликациите на вештачката интелигенција, толку поинтензивно мора да се работи на заштита на процесите што ги движат.
Вештачката интелигенција се потпира на огромни количини податоци. Ако тие не се заштитени, ризиците не се само технички − тие стануваат економски и општествени. Затоа на конференцијата ќе презентираме современи модели за заштита од традиционални мрежни решенија до интелигентни системи кои во реално време препознаваат и спречуваат закани.
Интересно е што токму ВИ станува најсилна алатка за безбедност − алгоритми кои детектираат напади во моментот кога тие се случуваат веќе не се иднина, туку сегашност. Нашата порака е јасна: брзината на развојот на ВИ мора да се следи со ист таков развој на безбедносните механизми.

Какви се вашите очекувања од ова издание на конференцијата?
Очекувам учесниците да заминат со ново разбирање за можностите и за предизвиците на индустријата. Сакам да видат како ВИ може да се користи во конкретни ситуации и како безбедносните практики мора да станат составен дел од секој процес.
Во исто време очекувам конференцијата да предизвика размислување за иднината − да поттикне лидерите да ги гледаат предизвиците како можности. Кога ќе ги соберете на едно место глобалните иноватори и локалните визионери се создава енергија што резултира со нови идеи и со конкретни проекти.
Најважно е учесниците да заминат мотивирани − да применат нови технологии, да градат соработки и да создаваат решенија кои ќе донесат развој.
Зошто токму сега е исклучително важно да се разговара за ВИ?
Вештачката интелигенција веќе не е визија за иднината, туку реалност што ја живееме. Таа влијае врз одлуките, процесите и стратегиите на компаниите. Нашата цел е да пренесеме знаење, да покажеме како може да се зголемат ефикасноста и флексибилноста на организациите.
Овој настан се издвојува затоа што не останува на теоретско ниво, туку нуди практични алатки и платформи. Еден од примерите е Ексвантиџ™ (Xvantage™) на „Инграм Микро“ – решение што им овозможува на партнерите аналитика, транспарентност и контрола на ново ниво. Настанот ги поврзува оние кои ја креираат технологијата со оние кои ја применуваат, создавајќи симбиоза меѓу визија и реализација.
Колку е важна соработката меѓу глобалните производители и локалните партнери?
Тоа е основата на целиот систем. Глобалните компании носат искуство, технологии и стандарди од највисоко ниво, а локалните − познавање на пазарот и практични решенија. Кога тие две страни се обединуваат резултатот е создавање нови решенија, бизнис-модели и можности за раст.
На конференцијата тоа е особено видливо − секоја презентација придонесува за иницијативи што ќе го обликуваат идниот развој на ИТ-секторот во регионот. Нашата улога е јасна: да ја обезбедиме платформата и да ги поврземе учесниците за потоа тие да ги реализираат идеите.
На кои говорници и содржини најмногу се радувате оваа година?
Ќе имаме извонредни говорници − од регионални експерти до локални практичари. Ќе се зборува за глобалните трендови во ВИ, за успешни локални примери на имплементација, како и за современи решенија за сајбер безбедноста.
Особено интересни ќе бидат деловите каде што ќе се дискутираат интегрирани решенија − комбинација на иновативни технологии и безбедносни протоколи прилагодени на реалните потреби на компаниите. Токму тоа ја прави оваа конференција уникатна.

Многу компании сè уште се скептични спрема ВИ. Како ги мотивирате?
Скептицизмот е природен, особено кога станува збор за нови технологии со огромен потенцијал и комплексни импликации. Но, вистината е дека ВИ веќе е тука. Игнорирањето значи заостанување.
Нашата цел е да им помогнеме на компаниите да започнат постепено, со мали, но видливи проекти. Важно е процесот да биде контролиран и прилагоден на капацитетите. Конференцијата служи токму за тоа − преку практични примери, искуства и знаења што веднаш можат да се применат.
Каде ги гледате Македонија и регионот во иднината на ВИ и дигиталната трансформација?
Регионов има огромен потенцијал. Имаме талентирани луѓе, амбициозни компании и институции што постепено ја прифаќаат дигитализацијата. Она што недостасува е систематски пристап − знаење, инфраструктура и безбедност.
Конференции како оваа создаваат критична маса на знаење, на партнерства и на визионерски иницијативи. Верувам дека во следниве години Македонија и регионот ќе се истакнат во специфични ИТ-насоки, особено во ВИ и во сајбер безбедноста.
Како ја гледате вашата лична улога во оваа конференција?
Мојата мотивација е едноставна: да го видиме регионот како напредува. Работам во „Инграм Микро“ долго време и сум сведок колку може да се промени индустријата кога постои вистинска средина за соработка.
Конференцијата за мене е симбол на процес на отворање, на поврзување и на градење визија. Кога гледам колку луѓе од различни земји доаѓаат со желба да разменат искуства знам дека секој вложен труд има смисла.
Целта е јасна: да се постават темели за иднина каде што ВИ и сајбер безбедноста се основа на работењето и на развојот на компаниите.
Инграм и вендорс нетворкинг#4 оваа година отвора нова ера на ИТ-конференции во регионот. Со фокус на вештачката интелигенција и на сајбер безбедноста, таа пренесува знаење и создава реални можности за партнерства и за иновации.
Филип Силјановски, генерален директор на „Инграм Микро“ за Македонија, Албанија и Косово, заклучи дека иднината не нè чека − таа веќе започна. Додека ВИ ја трансформира индустријата, паралелно расте и потребата за интензивна работа на безбедноста на процесите. Конференцијата е доказ дека вистинскиот развој се гради преку спој на иновација, на соработка и на доверба.
Разговараше: Кирко Бошкоски