Финансии / Банкарство
ФЕД е под притисок, Трамп и економистите очекуваат намалување на каматите
16.09.2025
Претстојниот состанок на Комитетот за отворен пазар на американскиот ФЕД ќе биде единствен во историјата. На ова влијаат континуираните напади на американскиот претседател Доналд Трамп врз ФЕД како институција, а особено врз претседателот Џером Пауел, вклучувајќи ја и најновата објава на социјалните мрежи дека очекува „големо намалување“ на претстојниот состанок на 17 септември. Трамп назначи уште еден кандидат за Одборот на гувернери, кој е поделен, вели Ѓорѓе Ѓукиќ, професор на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, во изјава за Бизнис.рс.
По девет месеци одржување на непроменета основна каматна стапка, се очекува американската централна банка да објави намалување на стапката од 0,25 проценти во среда по дводневниот состанок. Иако нападите на Трамп не влијаеја директно врз ФЕД, серијата слаби извештаи за пазарот на трудот би можеле да бидат одлучувачки фактор, објавува USA Today.
Според Бирото за статистика на трудот, во август се создадени 22.000 нови работни места, додека невработеноста се искачи на највисоко ниво од октомври 2021 година. Ревидираните податоци покажаа и дека во јуни се изгубени 13.000 работни места, што е првиот негативен месец од декември 2020 година. Слична ревизија во јули дополнително ја ослабна сликата на пазарот на трудот, па Пауел набргу потоа сигнализираше дека е подготвен да ги намали стапките.
„Администрацијата на Трамп ги драматизира податоците за невработеноста. Гледајќи го историскиот контекст, невработеноста, која достигна 4,3 проценти, не е лоша за американската економија, но општата тенденција на пазарот на трудот се користи за застапување за понатамошно намалување на каматните стапки. Исто така, инфлацијата се покажа како исклучително отпорна, пред сè базната инфлација, која е 3,1 процент. Долго време се одржува над целта од два проценти, иако се очекуваше да претставува привремен феномен“, вели Ѓукиќ.
Инфлацијата останува над целта од два проценти на ФЕД, но податоците од август не се доволно високи за да се спречи намалување на стапката, велат повеќето американски аналитичари. Вкупната инфлација беше 2,9 проценти, а базната инфлација (без храната и енергијата) беше 3,1 процент.
Сепак, повеќето американски економисти очекуваат ФЕД да ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени овој месец, додека е помалку јасно колку дополнителни намалувања ќе следат, пишува Бизнис.рс.
Фото Економија и бизнис