Интервјуа
ИНТЕРВЈУ | Наташа Бреслиска: Македонското вино има потенцијал и иднина, но ни требаат нови стратегии, брендирање и современ пристап
Разговор со Наташа Бреслиска Советник за бизнис-развој, за маркетинг и за продажба во секторот на вино и на жестоки пијалаци
Економија и бизнис | печатено издание | 01 септември 2025г.
Наташа Бреслиска е долгогодишен советник за бизнис-развој, за маркетинг и за продажба во секторот на виното и на жестоките пијалаци. Кариерата ја започнува во винаријата „Сковин“, една од најголемите во Македонија, каде што напредува до позиција менаџер за извоз и за маркетинг. Подоцна ја продолжува својата професионална приказна како самостоен консултант, а извесен период живее и во САД каде што воспоставува значајни контакти. По враќањето во земјава, продолжува активно да соработува со компании во Македонија и во странство. Истовремено е и меѓународен вински судија и извозник на вино на меѓународни пазари. Со Бреслиска разговараме за можностите за посилна промоција на македонското вино во светот и за иднината на лозарството и на винарството во нашава земја.
Каква е состојбата во винарската индустрија во светот?
Н. Бреслиска: Моментално винарската индустрија во светот минува низ еден од најтурбулентните периоди во својата историја. Имено, веќе подолго време се чувствува криза која се одразува директно преку пад на потрошувачката. Тоа е предизвик што го чувствуваме и глобално и локално кај нас. Денес и академскиот, и производствениот, и маркетиншкиот сегмент бараат одговори како да се преброди овој сериозен период.
Ако до пред некоја година кризата најмногу се одразуваше кај вината во секторот малопродажба, во меѓувреме таа се прошири и во сегментот на „фини вина“, односно вината во повисоките ценовни категории. За илустрација, Бордо веќе трета година по ред бележи пад на цените на вината − нешто што порано беше незамисливо. И не само Бордо, туку многу други реномирани региони. Оваа состојба е многу неблагодарна за сите учесници во индустријата − од лозарите и винарите до дистрибутерите и трговците.
Кои се причините за винската криза во светот?
Н. Бреслиска: Па никогаш не е еден фактор − секогаш се повеќе фактори. Секако, едни од главните причини се падот на консумацијата, прекумерната понуда на вино, прекумерните вина од премиум сегментот, промената на навиките кај новите генерации − младите денес имаат сосема различен однос спрема алкохолните пијалаци во споредба со претходните генерации. Понатаму, геополитичкиот контекст, односно негативните политички процеси (војни) и царинските бариери исто така претставуваат причина за падот на консумацијата. Дополнително силно влијание има и кампањата на Светската здравствена организација која од 2023 година воведе политика на нулта толеранција на алкохолот и поведе голема кампања против него.
Кога се очекува стабилизација на глобалниот пазар на вино?
Н. Бреслиска: За жал, со сигурност никој не може да каже. Но, според анализите на големите вински пазари − стабилизација може да се очекува дури приближно во 2027 година. Дали по ова ќе следува раст, никој со сигурност не може да каже. Има некои анализи коа кажуваат дека нагорната линија повторно ќе почне од 2030 година, ама сепак сите се многу воздржани и ова го земаат со резерва.
И засега сите, а посебно големите вински земји, бараат начини како да ги амортизираат ударите од оваа криза. Само да спомнам дека како резултат на кризата Франција од пред две години почна да субвенционира ископачување на лозовите насади.

Како и каде се (с)наоѓа Македонија во оваа приказна?
Н. Бреслиска: Македонија, за жал, во оваа приказна не стои добро. Во однос на производството, ако се вратиме дваесетина години наназад, годишното производство на вино се движеше меѓу 120 и 180 милиони литри. Денес количините се движат меѓу 60 и 90 милиони литри − што е речиси преполовување.
Што се однесува до консумацијата, никогаш не сме биле некоја посебно голема нација која пие вино. Ако се земе предвид консумацијата на чист алкохол (вино, пиво и жестоки пијалаци заедно), традиционално сме или на ниво на европскиот просек или малку под него.
Која е вистинската насока за развој на македонското винарство? Дали треба да се фокусираме на мали или на големи визби или на нешто друго?
Н. Бреслиска: Мислам дека е крајно време да престанеме со разговорите за тоа дали ни требаат мали, средни или големи винарии. Во голем број вински земји во светот, и развиени и во развој, има секакви винарии според капацитетот. И во Италија и во Шпанија ќе најдете и мали „гаражни“ производители и огромни индустриски капацитети. А и не мора толку далеку − еве ја Словенија. И таму има неколку винарии кои произведуваат од 5 до 8 милиони литри годишно, а има и винарии кои произведуваат по 5 000 литри годишно. Ние не сме исклучок, па затоа е беспредметно да ја трошиме енергијата на овие дискусии.
Многу е поважно наместо квантитативни анализи да почнеме да правиме квалитативни анализи − односно дали тоа што го прават винариите е доволно за да може да се подобрат нивното брендирање, продажбата и, нормално, комуникацијата со купувачите. Има ли нешто поубаво од тоа да успееш да направиш бренд од својот производ, па да можеш да го пласираш на голем број пазари и поради зголемена побарувачка да мора да го зголемиш капацитетот?!
Во оваа насока имаме неколку позитивни примери и кај нас. И треба да се спомене дека, и покрај кризата, тие многу позитивно се носат со продажбата − и дома и во странство.
Дали на македонското вино му недостасува препознатливост пред регионалните и странските потрошувачи?
Н. Бреслиска: Препознатливоста и брендирањето се процеси на кои мора постојано да се работи и мора да се унапредуваат. Ако до пред извесен период Македонија важеше за лидер во регионот, денес на таа сцена се појавија нови играчи и се создаде нова „микроклима“. Затоа е корисно да ги анализираме позитивните примери и да видиме што можеме да преземеме за да се подобриме.
Во светот гледаме многу практики што може да се прилагодат и кај нас. На пример, зошто да не настојуваме во регионов, во земји каде што традиционално имаме присуство, да инвестираме во посебна македонска „полица“ во винотеките − налик како што постојат француски или италијански полици? Знаете, ако ова сега стандардно им припаѓа на споменатите земји, воопшто не е случајно и голем дел од земјите да имаат инвестирано во овие алатки во одреден период од развојот.
Дополнително, дигиталните алатки денес нудат бескрајни можности за промоција. Прашањето е дали ние ги користиме доволно и дали можеме повеќе да направиме, посебно во извозните земји. Исто така останува отворена темата колку активно ја вклучуваме дијаспората во промоцијата на македонското вино − а тука постојат големи можности за унапредување.
Во денешни услови, предизвикот не е производството − во светот има повеќе од доволно вино. Вистинскиот проблем е како тоа вино да се продаде и како маркетиншки да се доближи до потрошувачите. Затоа сите релевантни чинители − државата, винариите и агенциите − треба да креираат политики што нема да се сведат само на производство, туку ќе обезбедат и посилна продажба и промоција на македонското вино во најразлични форми. Ваквата поддршка во моментов им е најпотребна на винариите. Денес најважната инвестиција не е во производството, туку во маркетингот и во продажбата.

Рековте дека не е проблем да се произведе вино, туку како да се продаде. Дали некои пазари се полесни за работа од други?
Н. Бреслиска: Па би кажала дека не постои лесен пазар. Посебно не за македонските вина. Сите пазари се подеднакво тешки и бараат систематски пристап. До пред една година имав соработка со две винарии од Италија за нивната дигитална промоција во Канада. За мене тоа беше ново искуство, многу поразличен е пристапот, алатките што се нудат како помош на винариите се потранспарентни и имаат изградено цела инфраструктура од агенции и од тела кои им помагаат на винариите и на нивните извозници.
Не треба да очекуваме еден Американец кој еднаш пробал македонско вино дека ќе стане редовен потрошувач − тоа е нереално. Тоа е само првиот чекор. Вториот чекор е да најдеме начин тој купувач повторно да посегне по македонско вино. Следниот е да влијаеме и врз неговото опкружување − пријателите, семејството, па дури и преку мали гестови како подароци за роденден. Можеби звучи едноставно, но токму овие чекори се дел од стратегиите што ги користат најпознатите вински земји и етаблирани брендови, и тоа многу интензивно.
Исто така вреди да се размисли кои пазари се во развој и како може таму да се настапи со македонско вино. Најчесто тие пазари не се толку заситени и луѓето се повеќе отворени − сакаат да пробаат, да научат нешто ново, да откријат нови вкусови. Ние често знаеме да кажеме дека на Французите или на Шпанците им е лесно затоа што веќе се големи брендови. Но, праксата кажува дека тие кога влегуваат на нов пазар се однесуваат како да нудат „непознато“ вино − и вложуваат напори како да градат бренд од почеток. Токму затоа и успеваат.
Колку винскиот туризам придонесува за промоција на македонското вино?
Н. Бреслиска: Добрата вест е што винскиот туризам во Македонија е веќе препознаен и се развива во позитивна насока. Постојат винарии кои успеаја преку овој сегмент значително да ја зацврстат својата позиција, овде пред сè мислам на малите и на средните винарии, а последниве години се појавија и специјализирани агенции што организираат вински тури.
Ама како и кај секоја гранка, така и тука има нивоа. Ако досега го совладавме основното, сега е време да преминеме во следната фаза − да понудиме подлабоко и поавтентично искуство за љубителите на виното. Вистинските винољубци подготвени се да платат повеќе ако добијат уникатно доживување.
Ако сакаме винскиот туризам да биде вистинска алатка за промоција на македонското вино мора да понудиме нешто повеќе од стандардна дегустација. Треба да размислиме и за можности за „вкрстена“ или за „повисока продажба“ со други индустрии − гастрономија, култура, занаетчиски производи − што не само што ќе го збогати искуството туку и ќе донесе поголема заработка за винариите.
Каква е винската култура во Македонија?
Н. Бреслиска: Се развива, и тоа е супер. Меѓутоа, потребно е повеќе да се работи на проширување на винската понуда, посебно во рестораните. Често кај нив на винските листи има само вина од 3 до 4 винарии, и толку. И во најголем дел се едни исти винарии. Има неколку исклучоци и секоја чест за нив, ама главно многу малку ресторани го менуваат менито, ја менуваат винската карта, нудат дегустациски менија итн. Знаете, ние во моментов имаме ситуација каде што вината и винската култура отидоа многу понапред од гастрономијата. Тоа е еден од предизвиците и треба да се работи на тоа.
Како ќе се одразат климатските промени врз производството на грозје и на вино во Македонија?
Н. Бреслиска: Веќе се одразуваат. Ланската берба беше една од најлошите во поново време. Сè повеќе гледаме дека процесите стануваат понерамномерни − бербата започнува порано, а времето на созревање на различни сорти е скратено. Некогаш бербата траеше до ноември, а минатата година во голем број визби сè заврши на почеток на октомври.
Неопходно е да се истражува и да се вложува во нови региони (на пример, Охридскиот е неоправдано запоставен), нови сорти на грозје, различни експозиции, лозарство на повисока надморска височина итн. За илустрација, развиените вински земји одамна работат во оваа насока. Регионот Бордо во Франција уште во 2019 година одобри шест нови сорти со цел полесно справување со климатските промени.
Разговараше: Митко Јовановски