Општество
СИСТЕМСКИ ГРЕШКИ
Александар Стојков
Авторот е Вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје
Понекогаш е убаво човек да се оттргне од забревтаното секојдневје и да размисли за големата слика. Зошто Република Македонија не е напредна транзициска економија? Кои беа системските грешки во економската стратегија во изминативе 24 години? Повеќето од нив со различен интензитет се провлекуваат низ мандатите на досегашните влади. Тие го намалуваат искористувањето и го попречуваат проширувањето на производствените можности на македонската економија. Се осврнувам на само дел од нив.
ПОГРЕШНА СЕЛЕКЦИЈА
По распадот на Советскиот Сојуз, еден истражувач на Институтот за теоретска и експериментална физика во Москва бил отпуштен од работа и бил принуден да вози такси за да ја обезбеди својата егзистенција. Неговите капацитети биле искористени во поле каде што можел да даде многу помал придонес од она за кое бил едуциран. Милан Кундера во „Неподносливата леснотија на постоењето“ раскажува дека по задушувањето на Чешката пролет, поради опасните политички ставови, познатиот хирург и интелектуалец Томаш е прераспределен да чисти прозорци наместо да лекува пациенти. Ваквите примери, секако, најмногу болат кога доаѓаат од македонската реалност. Доктор по математички науки со години неуспешно трага за свое место во академската заедница барајќи утеха во привремена работа на 50 целзиусови степени во Кувајт. Брилијантен математички ум од Ресен, кој добивал награди на неколку математички олимпијади, успеал да се вработи во општинска администрација на позиција која искористува трошки од неговиот умствен потенцијал. Еден од сериозните проблеми на македонската економија, за кој малку се зборува, е погрешната селекција и алокација на човечките ресурси. Во изминативе 24 години транзиција, во Република Македонија видовме премногу ликови кои не беа дораснати за позицијата на која беа поставени, но со зачудувачка сервилност брзо напредуваа по партиските хиерархиски скали. Последиците се повеќе од очигледни: едни поединци не ги искористуваат своите капацитети, а други не се дораснати за предизвиците пред кои се поставени. Економијата функционира далеку под својот производствен потенцијал.
ПОЛИТИЧКА НЕСТАБИЛНОСТ
Во најголем дел од транзицискиот период, политиката дејствуваше како сопирачка за македонската економија. Политичката нестабилност внесуваше премногу несигурност во економскиот амбиент, предизвикуваше одложување или откажување на инвестициите и ги зголемуваше трошоците за бизнисот. Додека други економии храбро пловеа напред, ние се расправавме кој каде ќе седи во бродот, какви симболи ќе има на палубата и со какви и колкави знамиња ќе плови. Многу често се раѓаше и чувството дека не сакаме да пловиме во истиот брод. Едни бараа да се плови на Запад, други на Исток, а трети со резигнација го напуштаа бродот. Беше изгубено драгоцено време во договорите за етничка поделба на функциите, на буџетските раздели и на ресурсите. Импресивна е неверојатната жилавост на македонските бизнисмени со која ги издржуваат сите политички шокови и ја продолжуваат својата невозможна мисија. Политичката нестабилност е во голема мера предизвикана од надворешни фактори за кои Република Македонија претставува пион во неважен регион на геостратегиската шаховска табла. Сепак, во онаа мера во која самите ги предизвикуваме турбуленциите, политичката нестабилност претставува системска грешка и ограничувачки фактор за економскиот растеж.
НЕКВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ
Една од најсериозните закани за македонската економија на среден и на долг рок е неквалитетното образование. Многу ученици асимилираат бескорисни факти наместо релевантни знаења и развиваат мемориски вештини наместо способност за критичко размислување. Нивниот прилично ограничен вокабулар е директна последица на елементарниот недостиг на љубопитност и желба за учење и за надградување. Врз набрзина поставените темели на знаењето во основното образование потоа се прават обиди за санирање на пропустите што, во најголем број случаи, е или премалку или предоцна. Висок процент од приватните високообразовни установи (секоја чест за исклучоците) не успеваат да изградат пристојна академска средина и да ги задоволат ниту минималните стандарди за квалитетно образование. Конкуренцијата меѓу високообразовните институции станува деструктивна бидејќи се претвора во трка кон дното (понизок квалитет) и полесен пристап до дипломата. Ова е типичен пример за пазарен, но и за државен неуспех. За жал, тоа не е само македонски, туку и европски проблем. Кога високото образование станува прибежиште за неуспешни бизнисмени, за заслужни административци и за пензионирани полицајци кои се проектираат како професори, јасно е дека системот бара сериозен ремонт. Владините реформи насочени кон подигнување на квалитетот во високото образование – иако со добри намери – наидуваат на силен отпор кај академската заедница и се квалификуваат како упад во автономијата на универзитетите. На Македонија ѝ е неопходно темелно преуредување на терцијарното образование. Како можеме да очекуваме конкурентност во бизнис-светот со неквалитетно или со несоодветно образование? Значаен дел од реформите мора да бидат договорени во соработка со академската, со студентската и со деловната заедница и тие мора да бидат поддржани со многу поголеми буџетски алокации. Но, ќе мора да се направат и резови што ќе го нарушат комфорот на универзитетскиот професор и ќе го принудат да посвети повеќе време и труд во истражувачка дејност. Докторирањето не смее да биде зенит, туку почеток на академската кариера.
НЕПРАВЕДНА ПОДЕЛБА НА КОЛАЧОТ
Запрепастувачки е фактот дека најбогатите 10% од македонските домаќинства трошат 23,3 пати поголема сума од најсиромашните 10% од македонските домаќинства. Доходната нееднаквост не само што се заканува да го раскине кревкото социјално ткиво на македонското општество туку и создава плодна почва за погрешна алокација на ресурсите, корупција, непотизам, изгубена доверба во институциите. Во минатиот број наведов дека современите емпириски истражувања покажуваат дека доколку се зголеми делот од националниот доход, што го присвојуваат посиромашните граѓани за 1 процентен поен, растежот на БДП се зголемува за 0,38 проценти во следните пет години. Доходната нееднаквост е сериозна сопирачка на економскиот напредок. Затоа е потребна широка лепеза мерки за посилна редистрибуција на доходот и возобновување на средната класа која, по дефиниција, е носител на општествениот напредок.
НЕДОСТИГ НА БИЗНИС-ЛИДЕРИ
Младите Американци им се восхитуваат на бизнис-лидерите како Стив Џобс на „Епл“, Џек Велч на „Џенерал Електрик“ и Хауард Шулц на „Старбакс“, младите Индијци на Ратан Тата, извршниот директор на „Тата Груп“, младите Британци на Ричард Брансон на „Вирџин“... Овие млади луѓе имаат пред себе модели на успешни поединци во нивните земји, кои со своите исклучителни интелектуални капацитети и менаџерски вештини направиле спектакуларни резултати во бизнисот. Многу од бизнис-лидерите успеале да побегнат од правливите сиромашни квартови во кои живееле и да се протнат во луксузните кабинети на моќните корпорации. Токму таков е примерот на Хауард Шулц, главниот извршен директор на „Starbucks“, кој потекнува од сиромашно семејство од Бруклин. Американските тинејџери можат да сонуваат дека ќе го повторат неговиот успех, па дури и дека ќе го надминат. А кого го има пред себе македонската младина? Ретки се бизнис-лидерите во Македонија кои чесно успеале во деловниот свет. Многу од нив ги имаат изградено своите бизниси преку коруптивен пристап до јавните набавки. Деловниот успех на ваквите „економски оператори со најповолна понуда“ е најчесто краткорочен за што сведочат судбините на неколку македонски компании што доживеаја имплозија по смената на власта. Други бизнисмени ги развиваа своите компании во матните деведесетти години на минатиот век кога институциите имаа запрепастувачки низок капацитет. Користејќи десетици сметководствени марифети за неплаќање на даноци и на царини, овие бизнис-лидери остваруваа трошочна предност и го зголемуваа пазарното учество на своите компании. Заклучокот е дека македонската младина пред себе има сосема малку бизнис-лидери со кои може да се идентификува и да ѝ послужат како модел на успешни деловни луѓе. Кога животните очекувања се ниски и кога нема многу бизнис-херои во непосредното окружување, тешко се градат идни успешни приказни во македонската деловна заедница. Оттука не изненадува фактот дека многу млади луѓе или ја сонуваат личната кариера во странство или се задоволуваат со сигурна, но ниско платена позиција во јавниот сектор.
ПОТЦЕНЕТА УЛОГА НА ДИЈАСПОРАТА
Неизбежен е впечатокот дека со недоволна почит, па дури и со потценување се гледа кон македонската дијаспора. Нашите иселеници се перципираат како луѓе кои успеале да избегаат од зовриениот балкански котел, не покажувајќи ни трошка патриотизам. Една од главните манифестации на таквиот одиум кон нашата дијаспора е револтот за обезбедените три пратенички места на парламентарните избори. Многу лесно се заборава дека емиграциската стапка на Македонија изнесува над 25%, односно дека над 550.000 македонски граѓани се иселиле во светот (според пописите на државите во кои имигрирале). Проценките на ММФ се дека приватните трансфери на македонската дијаспора во последнава деценија се движеа меѓу 13% и 21% од македонскиот БДП и дека речиси целосно го покриваа трговскиот дефицит на Република Македонија. Тие не се само стабилен извор за финансирање на дефицитот на трговската сметка, туку и инструмент за делумно намалување на сиромаштијата, одржување на нивото на потрошувачка, финансирање на мали инвестициски проекти и поттикнување на претприемништвото. Судејќи според искуствата на Израел и на Индија, постои можност и за дополнително привлекување на капиталот на дијаспората преку продажба на долгорочни државни обврзници наменети за дијаспората.
Но, зарем ќе ја цениме дијаспората само затоа што испраќа парични дознаки за своите семејства во Македонија? Дијаспората има огромен потенцијал да изгради мостови на соработка со странство преку кои брзо ќе пренесува знаења, вештини, културни содржини и почит, пред сè, кон различноста. „Ние сме генерација на емигрaнти коja своеволно сакаше да се пронајде себе на едно друго ниво, да си ги измери силите со светот и да научи од него. Македонија не е претесна за нас, туку нашите амбиции се поголеми од границите на една држава“, поентира познатиот македонски музичар Дуке Бојаџиев. Ова докажува дека граѓаните од нашите простори умеат да постигнат импресивни резултати во поповолна средина, во средина со помалку системски грешки, а и дека во ништо не заостануваат зад другите нации. Решението за македонските системски грешки се содржи во кинеската поговорка која вели дека најдоброто време да се засади дрво беше пред 20 години, а второто најдобро време е сега. Нема повеќе изговори!