Општество
ИМИГРАНТИТЕ И ПОГРЕШНИТЕ ГЛЕДИШТА ЗА НЕДОСТАТОКОТ ОД РАБОТНА СИЛА
Сем Вакнин
Авторот е аналитичар
Европската крајна десница е очигледно емотивна за прашањето за имиграцијата и според нејзините поддржувачи за прашањето за поврзаноста на неконтролираната имиграција со криминалот и невработеноста. Логиката во најдобар случај е опасна и лошо прикриена параноидна ксенофобија. Но, Ле Пен и сличните од тој тип, од Корушка до Копенхаген, успеаја на европската главна агенда да вметнат теми што дотогаш се сметаа за табуа. Со децении европската екстремна десница ги поставуваше сите десничарски прашања и ги нудеше сите екстремни одговори.
Да ги земеме предвид светата крава имиграцијата и нејзиниот слабичок близнак, недостигот на работна сила.
Имигрантите не можат да бидат избирливи. Тие ги извршуваат валканите и опасни работни задачи што не бараат големи вештини, а што се отфрлени од домашното население. На другиот крај, странците со високо образование и вештини ja пополнуваат празнината од опаѓачкиот, немотивиран и некомпетентен производ на затетеравените домашни образовни системи на Западот. Како што нахранетото и претенциозно бело население опаѓа и старее, имигрантите се влеваат како освежена крв во склеротичен систем.
Според Одделот за население во ООН, ЕУ ќе треба годишно да увезе 1,6 милиони работници-мигранти за да го одржи тековното ниво на работоспособно население. Но, ќе треба да апсорбира речиси 14 милиони нови имигранти годишно, на возраст што се смета за работоспособна, само за да одржи стабилен сооднос на бројот на работниците во однос на пензионерите.
Слични хистерични предвидувања за недостиг на работна сила и недостиг на работници имаше во секоја од претходните три историски важни економски трансформации.
Како што се разви земјоделството и бараше сѐ поусовршени вештини, големото семејство беше брутално истиснато од самодоволност кон недоволност. Голем број од неговите функции, од правење чевли до образование, се преселија кај специјалисти. Но, понудата на вакви експерти беше многу мала. За да се надмине идентификуваниот недостиг на работна сила беше воведена робовска работна сила и се водеа војни за да се одржат скапоцените извори на „раце“, како вешти така и невешти.
Во текот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, Британија, а подоцна и други индустријализирани нации како Германија, беа преплавени од паника за работната сила. Најпрвин изгледа дека индустријализацијата ја потцени живеачката на луѓето и производството на реални (читај: земјоделски) добра. Постоеше страв од пренаселеност и се сметаше дека решение е колонијална имиграција придружена со меркантилизам.
Сепак, во градските области дојде до ерупција на недостиг на обучена работна сила, дури и по напуштањето на селата во еден забрзан процес на масовна урбанизација и прекуокеанска миграција. Еден ветувачки образовен систем се обиде да ги подобри вештините на новодојденците и да ја сообрази понудата со побарувачката за работна сила. Подоцна автоматизацијата го зазеде местото на поскапиот и непостојан работник. Но, за кратко, ретката работна сила беше толку силна што беше способна да се поврзе во синдикати и да им ги диктира на работодавачите во светот условите за работење.
СПОРЕД ОДДЕЛОТ ЗА НАСЕЛЕНИЕ ВО ООН, ЕУ ЌЕ ТРЕБА ГОДИШНО ДА УВЕЗЕ 1,6 МИЛИОНИ РАБОТНИЦИ-МИГРАНТИ ЗА ДА ГО ОДРЖИ ТЕКОВНОТО НИВО НА РАБОТОСПОСОБНО НАСЕЛЕНИЕ
Изгледа дека трансформациите на услугите и на знаењето ја демонстрираа суштинската важност на имиграцијата како ефикасен пазарно ориентиран одговор за недостатокот на квалификувана работна сила. Странските научници беа привлечени и увезени за да се создаде ’рбетот на компјутерските и на интернет-индустриите во земји како САД. Очајните германски политичари викаа „Деца, не Индијци“ кога канцеларот Шредер дозволи еден релативно мал број од 20.000 странци да емигрираат во Германија со визи за работа поврзана со компјутери.
Спорадично, и покрај недостатоците на одредени вештини, сите претходни апокалиптични јеремијади во однос на економската внатрешна експлозија, во рамките на самите богати земји, предизвикана од нивната сопствена демографска ерозија, се покажаа спектакуларно погрешни.
Некои пророци на пропаста станаа плен на грешките на Малтус. Според овие сценарија за пропаст, обврските за државна пензија и здравство растат експоненцијално со стареењето на населението. Бројот на активни плаќачи на данок се намалува како што сѐ повеќе луѓе се пензионираат и други мигрираат. Во одреден момент графиците се раздвојуваат, оставајќи ги на нивниот пат незадоволните и излажани пензионери и одметнички расположените работници кои одбиваат и понатаму да го носат на својот грб апсурдниот товар. Единственото решение е да се увезат работници од странство кои ќе плаќаат данок.
Други пророци зборуваат за „групирање на погрешни разбирања“. Тие велат дека количествата на сите економски добра се фиксирани и конзервирани. Постојат нефлексибилни количини на работна сила (познати како „дел од погрешното разбирање за работната сила“), на пензиски бенефиции и на даночни обврзници, кои го поткрепуваат растечки неодржливиот и слаб систем. Така, какво било отстапување од извонредно финиот еквилибриум е закана за самите темели на економијата.
За да се одржи оваа рамнотежа, од клучно значење се одредени заменски коефициенти. Соодносот на активни работници и на пензионери, на пример, не смее да падне под 2 спрема 1. За да се одржи овој сооднос, голем број европски земји (и Јапонија) имаат потреба од увоз на милиони свежи работници годишно, и тоа такви што ќе плаќаат даноци (т.е. легални работници).
Во секој случај, во согласност со овие мислители, имиграцијата е и неизбежна и пожелна. Ова убаво се поклопува со политички коректните, иако непрецизни, либерални идеали и така секој во академскиот свет е задоволен. Родена е конвенционална мудрост.
Сепак, обете идеи се погрешни. Тоа се погрешни гледишта бидејќи економијата функционира во недетерминистички и отворени системи. Најмалку девет фактори ги поништуваат претходно спомнатите депресивни прогнози и ја редуцираат претпоставената потреба од имиграција.
1. Замена на работната сила
Работната сила е постојано супституирана од технологијата и од автоматизацијата. Дури и високостручните работни места се делумно заменети од вештачка интелигенција, експертски системи, софтверски апликации, далечински управувани направи и сл. Потребата од влез на работната сила не е перманентна. Таа се намалува со зголемувањето на технолошката софистицираност и пенетрација. Технологијата исто така влијаеше на составот на работната сила и профилот на вештини што се бараат.
Како што расте продуктивноста, помалку работници произведуваат повеќе. Убав пример за тоа е американското земјоделство. Помалку од 3 проценти од населението сега се ангажирани во земјоделството на САД. Сепак, тие 3 проценти од населението произведуваат повеќекратно повеќе во однос на она кое го произведувале 30 проценти од населението пред еден век. Порастот на продуктивноста е уште поимпресивен набљудуван по жител.
2. Хаотично однесување
Сите модели на Малтус и на групирање претпоставуваат дека пензиските и здравствените бенефиции се водат од некаква линеарна функција со мал број актуарски варијабли што се добро познати. Случајот не е таков. Вистинските бенефиции што се исплаќаат се мошне чувствителни на претпоставките и на граничните услови вградени во математичките модели користени за предвидување. Дури и многу мала измена кај една од претпоставките може да произведе огромна разлика кај квантитативните предвидувања.
3. Структура на поттикнувачите
Пророците на пропаста често претпоставуваат статичен социјален и економски амбиент исполнет со ентропија. Тоа е многу ретко, ако и воопшто кога било е така. Владите секогаш влијаат врз економските резултати преку давање на поттикнувачи и обесхрабрувачи и со тоа го деформираат идеалниот и ефикасен пазар. Големината на бенефициите за невработеност влијае на големината на работната сила. Повисоката или пониска пензија, заедно со одредени даночни поттикнувачи или обесхрабрувачи, може да го направи застарен и најригорозниот математички модел.
4. Учество на работната сила
Со стапка на учество на работната сила од одвај 60 проценти (споредено со 70 проценти во САД), Европа сѐ уште има огромен резервоар од кој може да влече работна сила. Додадете ги на овие огромни бројки и невработените, уште 8 проценти од работната сила, и Европа нема недостаток на работна сила како тема за разговор. Овие работници се колебаат за работа бидејќи структурата на поттикнувачи е структурирана против работа што е ниско платена и бара мала стручност. Но, ова е прашање на политиките. Тоа може да се промени. Кога ќе дојде моментот Европа ќе одговори со адаптирање, не со исчезнување или со сопствено поплавување со 150 милиони странци.

5. Меѓународна трговија
Улогата на меѓународната трговија, сега убедлив феномен, често е запоставена. Трговијата им овозможува на богатите земји да ги купат плодовите на странската работна сила без да ги увезува тие работници. Дополнително, во согласност со економската теорија, трговијата е поприфатлива од имиграцијата бидејќи ги претставува компаративните предности на страните што тргуваат. Ова се рефлектира на локалните можности.
6. Виртуелен простор
Во модерните економии, секторот услуги учествува со 70 проценти и тие се одржуваат со големи телекомуникациски мрежи и транспорт. Напредокот во компјутерството им овозможува на странските работници со добри вештини од далеку да се инкорпорираат во локалните економски активности. Дистрибуираното производство, виртуелните тимови (на пример, на дизајнери, на инженери, на адвокати или на медицински доктори), мултинационалните корпорации, сите се дел од овој растечки тренд. Голем број програмери од Индија се вработени во американски фирми без кога било да го преминат океанот или да бидат вклучени во статистиката за имиграција.
7. Испрекинати демографски еквилибриуми
Демографските трендови не се линеарни. Тие потсетуваат на образец од еволутивната биологија, познат како испрекинат еквилибриум. Тоа е нешто што се повторува во неправилни интервали. Бум на новородени бебиња има по војни или по суша кај наталитетот. Демографските тенденции се во интеракција со економските реалности, политичките случувања и околината.
8. Појава на нови трендови
Општествените трендови се дури и поважни од демографските. Сепак, бидејќи е тешко да се идентификуваат, а не пак да се квантификуваат, тешко е да се најдат во моделите што ги користат посочените касандри и експертите на маѓународните агенции за развој. Може да се каже дека појавата на втора и трета кариера, втора фамилија, работа со скратено работно време, флексибилно работно време, работа од дома, телекомуникации, унисекс професии, сето тоа имаше посилен ефект на нашиот економски амбиент од кое било поединечно демографско поместување, како и да е манифестирано тоа.
9. Магловитата наука
Имиграцијата можеби придонесува за растечка заемна толеранција, плурализам, мултикултура и мир. Но, нема дефинитивни наоди што ја поврзуваат имиграцијата со економскиот раст. Во историјата на народите е лесно да се посочат периоди на незапаметен просперитет во кои немало имиграција, или обратно, периоди на рецесија придружени со поплава од имигранти.
Значи, дали крајната десница е во право?
Само во посочување на очигледното: Европа може да преживее и да напредува без масовна имиграција. ЕУ може да се справи со своите кусоци на работна сила едноставно со зголемување на учеството на работната сила. Или може да ги присили невработените (и жените) да работат нископлатени работи, што се и нечисти, опасни и тешки. Или може да го продолжи работниот век со одложување на пензионирањето. Или може да го направи сето она погоре спомнато или ништо од тоа. Но, во секој случај, да се претстави имиграцијата како магичен лек за сите европски економски болести е погротескно од она што Ле Пен кога било го кажал.