Економија
Цените на недвижностите во Европската Унија се зголемија за 5,4 отсто
03.10.2025
Цените и кириите на станбените недвижности во Европската Унија продолжија да растат во вториот квартал од 2025 година, според податоците на Евростат објавени денес.
Како што е наведено, цените на недвижностите скокнаа за 5,4 отсто во споредба со истиот период во 2024 година, додека кириите се зголемија за 3,2 отсто.
Во споредба со првиот квартал од 2025 година, цените на куќите се зголемија за 1,6 отсто, а кириите за 0,7 отсто, што укажува на продолжување на стабилниот раст на пазарот на недвижности низ цела ЕУ.
Од 2010 година до денес, цените на куќите во Европската Унија се зголемија за вкупно 60,5 отсто, додека кириите се зголемија за 28,8 отсто.
Највисок раст на цените на станбените недвижности во периодот од 2010 до 2025 година е забележан во Унгарија за 277 проценти и Естонија за 250 отсто, а цените се дуплираа или повеќе во десет други земји-членки, Литванија, Латвија, Чешка, Португалија, Бугарија, Австрија, Луксембург, Полска, Словачка и Хрватска.
Италија е единствената земја во која цените на станбените недвижности се намалија во тој период за еден процент.
Кога станува збор за цените на кириите, најголем раст е забележан во Естонија 218 проценти, Литванија 192 отсто, Унгарија 125 отсто и Ирска 117 отсто.
Грција е единствената членка на Европската Унија каде што кириите се намалија од 2010 година, за девет отсто, пренесува РТВ.
Фото Економија и бизнис