Бизнис
Нашата цел е текстилната индустрија да не биде симбол за ниски плати, изјави Димитриеска Кочоска на „Текстилијада"
03.10.2025
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска се обрати на настанот „Текстилијада" во Штип, каде што ја истакна посветеноста на Владата и Министерството за финансии во поддршката на реалниот сектор и текстилната индустрија, која вработува над 25.000 луѓе.
„Текстилната индустрија отсекогаш имала значајно место во македонската економија. Таа е важна не само економски, туку и социјално и родово. Но, мора да бидеме реални – овој сектор се соочува со сериозни предизвици и затоа Владата ќе вложи сите напори да обезбеди стабилна и модерна иднина," истакна министерката.
Таа потсети дека во Буџетот за 2025 година се предвидени 250 милиони евра за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании, што треба да покрене нов инвестициски циклус од околу 300 милиони евра. Средствата се обезбедени преку поволна линија од унгарската Експорт-импорт банка, а досега преку Развојната банка кон домашната економија се пласирани вкупно 190,5 милиони евра, дел од кои се достапни и за текстилниот сектор.
„Овие средства поттикнуваат нов инвестициски циклус, носат раст на производството, поголема продуктивност и повисоки плати. Свесни сме дека тоа не може да ги реши сите проблеми, но претставува значаен чекор кон стабилизирање и модернизација на индустријата," додаде Димитриеска Кочоска.
Во своето обраќање таа го истакна и значењето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој се реализира преку Министерството за економија и труд и преку кој компаниите – домашни и странски – добиваат транспарентна помош за нови работни места, модерна опрема, истражување и развој, како и зајакнување на соработката со локалните добавувачи. Законот особено ги стимулира инвестициите во помалку развиените региони, што овозможува рамномерен развој.
„Нашата цел е текстилната индустрија во Македонија да не биде симбол за ниски плати, туку за современи технологии, иновативни процеси и моден бренд кој ќе биде препознатлив и надвор од нашите граници. Владата останува посветена на поддршката на овој сектор – за повисоки плати, подобри услови за работа и стабилност за семејствата кои зависат од него," порача министерката.
Фото Министерство за финансии