Бизнис
Годинава најуспешниот оризопроизводител е жена, „Денови на кочанскиот ориз“
05.10.2025
На нива во близината на селото Грдовци, денеска, претставници на Здружението на пензионерите од Кочани и членови на ФА „Љупчо Сантов“ од населбата Оризари го прикажаа обичајот зажнејување на традиционален начин, со срп. Истовремено, Општината го прогласи најуспешниот оризопроизводител.
Годинава, тоа е жена, која потекнува од земјоделско семејство. На, нај – оризопроизводителот на годината, Ленче Стојанова и беше врачена парична награда од 60 илјади денари.
На ваков начин, Општната ја одбележа традиционалната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“, која годинава го доживеа 34.издание, без вообичаените содржини и без гости од Македонија и опкружувањето поради трагедијата од 16 – ти март, кога во пожар во кочанска дискотека животот го загубија 62 лица.
Најуспешниот оризопроизводител, Ленче Стојанова, со земјоделство се бави веќе две децении. Таа е регистриран земјоделски производител, кој во 2024 година има предадено 55 450 кг оризова арпа и поседува 46 ха земјоделско земјиште.
Д-р Верица Илиева, професорка на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, во завршницата од манифестацијата, го претстави проектот „КАРБОНИКА – Јаглеродна иницијатива за климатски отпорно земјоделство“.
Со овој, проект се развиваат земјоделски практики кои го задржуваат јаглеродот во почвата или ги намалуваат емисиите на стакленички гасови и практики за следење на нивото на складираниот јаглерод во почвата, како придонес во ублажувањето на климатските промени, рече Илиева.
Извор/фото МИА