Бизнис

На што ги трошат парите најбогатите луѓе во светот?

Најбогатите луѓе во светот, чие богатство надминува 30 милиони долари, минатата година потрошиле неверојатни 290 милијарди долари за луксузни стоки. Нивната куповна моќ го обликува глобалниот пазар на луксуз, од супер автомобили и јахти до вино, уметност и на велнес патувања, според извештајот на компанијата Алтрата

Ултра богатите сочинуваат само 1% од светските милионери и само 0,006% од светската популација, но поседуваат речиси 60 трилиони долари, што е една третина од вкупното богатство на сите милионери.

Минатата година, тие беа одговорни за дури 21% од глобалната потрошувачка за луксузни стоки. Тие трошат најмногу за луксузен транспорт, дури 129,5 милијарди долари, од кои 100,9 милијарди одат на луксузни автомобили, а 28,6 милијарди на приватни авиони и јахти. Продажбата на приватни авиони и јахти се зголемила за 13% во споредба со претходната година.

За луксузни предмети како што се накит, часовници, мода, вино и мебел, ултрабогатите издвоиле уште 115,6 милијарди долари, додека 19,6 милијарди отишле во уметнички дела.

Најбогатите инвестираат сè повеќе од своето богатство во луксузни искуства, како што се сафари авантури, велнес туризам, ексклузивни патувања и дестинации со спа третмани. Тие потрошиле 25,3 милијарди долари само за луксузен туризам.

Во 2023 година, најбогатите донирале дури 207 милијарди долари за хуманитарни цели, што е речиси еднакво на износот што го потрошиле за луксузен транспорт и накит, пренесува Телеграф.бизнис.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО