Интервјуа
МЕГА ИНТЕРВЈУ | Армен Григорјан: 30 години сме силен партнер во развојот на земјата
Мега интервју со Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во С. Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | 01 септември 2025г.
Господине Григорјан, Програмата за развој на Обединетите нации почна со работа во Северна Македонија пред 30 години, реализирајќи бројни проекти, со што беше дадена силна поддршка за развојот на земјава. Како би го оцениле влијанието и придонесот на УНДП во изминативе три децении?
А. Григорјан: Ви благодарам. Навистина, во изминативе три децении, како и сега, УНДП е силен партнер во развојниот пат на Северна Македонија, придонесувајќи за напредок во повеќе сфери, во заштитата на животната средина, економското зајакнување, социјалната инклузија, демократското владеење, со фокус на подобрување на стандардите и на животот на сите граѓани во земјава.
Ова партнерство почна со потпишувањето на стандардниот договор на 30 октомври 1995 година. Тогаш Канцеларијата имаше само четворица вработени, а денес сме тим од речиси 80 луѓе.
Ќе истакнам неколку иницијативи преку кои УНДП го трасираше патот на повеќе важни процеси во земјава, кои подоцна прераснаа во стратешки определби. Една од првите иницијативи беше програмата „Чисто и зелено“, во 1998 година, која вклучуваше реконструкција на кејот на реката Вардар во Скопје. Со поддршка од Шведска и од Норвешка, овој проект одигра пионерска улога во поставувањето на зелената агенда како приоритет. Во овие години, УНДП помогна и во основање на Министерството за животна средина, поставувајќи ги темелите за силна еколошка компонента во креирање на политиките за развој.
Во 2004 година, во партнерство со тогашниот претседател Борис Трајковски, ја поддржавме и првата Стратегија за информатичка технологија, што беше почеток во дигиталната трансформација на земјава.
Во 2006 година, започнавме една од првите сеопфатни програми за поддршка на развој на политики, поставувајќи основа за денешната Национална развојна стратегија 2024 – 2044.
Кратко да набројам уште неколку проекти со кои инициравме битни прашања. УНДП во 2008 година, во соработка со Министерството за внатрешни работи, работеше на проекти за сајбер-безбедност, а уште во 2000 година обучувавме новинари за истражувачко новинарство. Некои од тие новинари денеска се водечки гласови во медиумите.
Од голема важност е нашето долгорочно работење на јакнењето на локалната демократија. Преку проектот „Јакнење на општинските совети“, УНДП ги поддржа советниците во општините да бидат поефикасни, транспарентни и одговорни во донесувањето одлуки.
Со Владата и со Агенцијата за вработување, повеќе од 15 години, преку Националниот план за вработување „Шанса за сите“, го поддржуваме развојот на пазарот на труд, самовработувањето и растот на малите и на средните претпријатија.
Дозволете уште кратко да кажам дека друга долгорочна иницијатива е заштитата на Преспанското Езеро, почната во 2007 година и активна до денес, која промовира заштита на животната средина, единствениот биодиверзитет во Преспанскиот Регион, и поттикнување на регионалната соработка.
Во моментов, со Владата работиме на имплементација на Националната развојна стратегија 2024 − 2044, првата долгорочна стратешка визија на земјава. Она по што се разликува оваа стратегија е што беше развиена преку еден од најсеопфатните и најинклузивни процеси досега, со учество на над 16 000 граѓани, експерти, институции, граѓански организации и претставници од приватниот сектор.
Со годините, отпорноста кон катастрофи и управувањето со ризици стана една од централните компоненти на работењето на УНДП. Од Програмата на ЕУ за санација на штетите од поплавите во 2015 година до швајцарската програма за подобрување на отпорноста кон поплави во Полог во последниве 5 години, овие интервенции вклучуваат санација на инфраструктура, чистење реки, пошумување, тренинзи и обуки за населението, од кои директна корист имаат десетици илјади граѓани, а општините ги зајакнаа капацитетите за справување со природни непогоди.

Од вашиот одговор е јасно дека развојната агенда на УНДП ги опфаќа сите аспекти од напредокот на земјава: зелената агенда, ИТ, сајбер-безбедност, истражувачко новинарство, вработување, родова еднаквост, социјална инклузија, обнова по поплави, заштита на животната средина и управување. Кои од овие проекти ги сметате за највлијателни?
А. Григорјан: Тешко е да се издвојат само неколку бидејќи секој проект одговараше на различни потреби. Но, можам да истакнам некои поради нивното долгорочно влијание.
На пример, во градење на отпорност кон катастрофи ја поддржавме земјава во справување со штетите по големите поплави во 2015 година. Програмата за санација на штетите од поплавите во 2015 година, финансирана од ЕУ, им помогна на повеќе од 10 општини да ја обноват инфраструктурата и да го вратат животот во овие места. Преку оваа повеќемилионска програма беа изградени два големи моста во Зрновци и во Тработивиште, секој со должина над 100 метри, како и чистење на 40 километри од сливот на реката Црна во Пелагонија и над 20 километри од сливот на реката Струмица, намалувајќи ги идните ризици од поплави.
Во Полог, каде што жителите се особено изложени на поплави и на свлечишта, Програмата за подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион, финансирана од Швајцарија, покрај санација и инфраструктурни зафати донесе долгорочни решенија како санирање на околу 16 километри од коритото на реката Вардар и спроведување студии за мерки за отпорност во Тетово и во Гостивар.
Подеднакво важна е нашата посветеност на заштита и на обнова на извонредното природно богатство на земјава. На пример, преку програмата финансирана од ЕУ за подобрување на управувањето со заштитените подрачја во минатите години, ги вклучивме националните паркови „Пелистер“, „Маврово“ и „Галичица“, како и езерата Преспа, Дојран и Охрид, потоа Јасен, Водно, Матка и 17 помали заштитени подрачја. Интересно е да спомнам дека еден од најсимболичните резултати беше враќањето на европскиот елен во Националниот парк „Галичица“, започнувајќи со носење на 30 млади елени (женки и мажјаци) кои сега бројат над 70 единки.
Исто така Програмата за самовработување е еден од нашите водечки примери. Таа креираше над 14 000 работни места со полно работно време, поддржувајќи бројни претприемачи преку обука, ресурси и финансии. На пример, само во 2024 година, 2 300 луѓе беа обучени за претприемништво, давајќи им можност да почнат свој бизнис и да излезат на пазарот.
Инвестиравме и во „Економијата на грижа“, помагајќи да се зголеми учеството на жените на пазарот на труд преку признавање на неплатената домашна работа и создавање прилагодени и соодветни мерки за вработување. Над 500 жени веќе имаат корист од овие иницијативи. Слично, преку Програмата за Роми повратници, поддржавме стотици лица да завршат образование и да стекнат нови вештини, вклучувајќи дигитална писменост. За оваа цел го отворивме и првиот Ресурсен центар за повратници и други маргинализирани групи во Шуто Оризари.
Конечно, нашата работа и поддршка во областа на демократското владеење. Локалната демократија е најсилна кога граѓаните чувствуваат дека нивниот глас е важен. Тоа е движечката сила на проектот „Јакнење на општинските совети“. Од 2016 година, проектот им помогна на локалните совети да станат поотворени, потранспарентни и поодговорни. Советниците добија обука и пристап до дигитална платформа за учење, додека околу 9 000 граѓани се приклучија на стотици заеднички форуми за дебата и за избор на локални приоритети. Општините воведоа преноси во живо, е-киосци и алатки за фискална транспарентност. Овие иновации не само што добија признание на Глобалниот самит за отворено владеење туку и, уште поважно, ја зајакнаа довербата меѓу луѓето и нивните локални институции.
Исто така правиме напори за справување со предизвиците од загадувањето на воздухот преку насочени интервенции во урбаните средини. Преку Зелениот финансиски инструмент, заедно со нашите партнери и донатори, обезбедуваме пристап до поволно финансирање за мали и за средни претпријатија и домаќинства за да можат да инвестираат во обновлива енергија и енергетска ефикасност.
Кои проекти на УНДП се во тек денеска во земјава и што можеме да очекуваме во наредниве години?
А. Григорјан: Во моментов, нашиот фокус е на имплементацијата на Националната развојна стратегија 2024 – 2044, која ја спроведуваме во тесна соработка со Владата. НРС е првата долгорочна стратешка визија на земјава, обединувачка рамка која ги утврдува приоритетите за наредниве 20 години, во согласност со добро управување, инклузивност и одржливост. Она што ја прави особено уникатна, кажав претходно, е начинот на кој беше создадена − преку широк инклузивен процес и оваа инклузивност ѝ даде легитимитет и сила на Стратегијата, а нејзиното едногласно усвојување во Собранието, поддржано од сите партии, претставува редок момент на политички консензус во Северна Македонија. Накратко, таа стана компас за развој на земјава и во УНДП сме задоволни што имаме клучна улога во нејзината реализација.
Истовремено спроведуваме иновативни иницијативи кои ја претвораат оваа визија во практика. Зелениот финансиски инструмент, на пример, е пионерска заедничка програма на ОН, дизајнирана да им овозможи на малите и на средните претпријатија и недоволно услужените домаќинства пристап до поволно зелено финансирање. Со овозможување инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност, механизмот не само што им помага на бизнисите и на семејствата да ги намалат трошоците туку и ги намалува штетните емисии, ја намалува потрошувачката на енергија и го подобрува квалитетот на воздухот.
Слично, нашата програма „Справување со загадувањето на воздухот“, првично пилотирана во Скопје, во населбата Лисиче, со поддршка од Шведска, веќе покажа конкретни резултати преку подобрување на енергетската ефикасност во 140 домаќинства. Врз основа на овој успех, сега ја прошируваме програмата во уште пет градови спроведувајќи мерки за почист воздух за илјадници граѓани.
Друга водечка иницијатива е ЕУ за Преспа. Се работи за сеопфатна програма која ја унапредува зелената агенда во еден од еколошки најзначајните региони на земјава, во кој УНДП е присутен речиси 20 години. Комбинирајќи мерки за заштита на природата, одржливо земјоделство и еко-туризам, со оваа програма, финансирана од Европската Унија, го заштитуваме уникатниот биодиверзитет на овој крај и создаваме нови одржливи економски можности. Во рамките на оваа програма е и повторно отворање на граничниот премин кај Маркова Нога, меѓу Северна Македонија и Грција. Работите се во тек и ова претставува историско достигнување, зајакнувајќи ги прекуграничната соработка и поврзаност и регионалниот развој.

Во изминативе 30 години, работата на УНДП доби поддршка од многу донатори за реализација на проекти во земјава. Како влијаеше нивниот придонес во работењето на УНДП во земјава?
А. Григорјан: Ви благодарам за прашањето. Навистина од огромно значење е да се спомне дека за она што сработивме досега имавме силна поддршка од донаторите и од партнерите. Во изминативе три децении, УНДП имплементираше проекти во вредност од над 230 милиони долари во Северна Македонија, што нè прави најголема агенција на ОН во земјава, и по финансирање и по број на вработени. Овие достигнувања не би биле можни без силната поддршка од нашите донатори како ЕУ, Швајцарија, Шведска, Словачка, Јапонија, Норвешка, Австрија, Обединетото Кралство, Холандија, Јужна Кореја и други, како и фондови на ОН како на пример Заедничкиот фонд и Фондот за целите за одржлив развој.
Но, покрај финансиската компонента, она што е еднакво важно, со помош на донаторите УНДП изгради трајни партнерства со институции, со граѓанскиот и со приватниот сектор, поттикнувајќи одржлив развој и зајакнувајќи ја довербата. Нивната поддршка помогна да се трансформираат бројни животи, да се подобри управувањето и да се унапреди патот на земјава кон инклузивна, отпорна и просперитетна иднина.
Да преминеме на одбележувањето на овие резултати. Како прославувате 30 години од постоењето на УНДП во Северна Македонија?
А. Григорјан: Почнавме со одбележување на 30-годишнината со серија настани организирани низ сите осум плански региони на земјава. Идејата за овој пристап и изборот на градовите беше едноставна и има значење, да одбележиме со граѓаните, со заедниците, да покажеме колку сме присутни на терен и да ги промовираме партнерствата и проектите што ги имаме низ целава земја. Секој настан е повеќе од прослава. Преку саеми, интерактивни презентации и директни разговори го отсликуваме нашето работење, се поврзуваме со заедниците, со луѓе од сите сфери на животот, вклучувајќи корисници, локални власти, бизниси и граѓанскиот сектор. Мислам дека успеваме да ја донесеме енергијата на УНДП во срцето на градските плоштади каде што се одвиваат овие настани.
Прославата ќе заврши во Скопје каде што ќе го одбележиме не само триесетгодишниот заеднички успех туку и почетокот на нови заеднички заложби. Овој финален настан ќе биде можност да се осврнеме на постигнатиот напредок, да ги почитуваме партнерствата кои тоа го овозможија и да гледаме напред кон предизвиците и новите можностите што нѐ очекуваат.
Господине Григорјан, откако стe во земјава, вие сте еден од ретките на кои на крајот од секоја година им се обраќаме да дадат согледувања за развојот во наредната година како на глобално така и на национално ниво. Денес сме сведоци на длабоки глобални промени, од климатските промени и конфликти до економска нестабилност и нови геополитички реалности. Како овие предизвици влијаат врз земјава и како УНДП може да даде поддршка во соочувањето со овие брзо менливи околности?
А. Григорјан: Навистина живееме во времиња на голема неизвесност и промени. Светот во последниве години се соочува со повеќекратни кризи, оружени конфликти, климатски промени, пандемии, растечки нееднаквости и технолошки кризи. Сите тие ја обликуваат глобалната политика и влијаат на секоја земја, вклучително и на Северна Македонија. Геополитичките промени и економската нестабилност исто така влијаат врз меѓународната соработка и финансирањето на развојот, што ја прави одржливоста на долгорочните заложби покомплексна. Сепак, овие предизвици исто така ја потенцираат итната потреба од посилни партнерства, поотпорни институции и инклузивен пристап кон управувањето. Во ваква средина, мултилатерализмот не е луксуз, туку неопходност.
Во овој контекст даваме силна поддршка на усогласувањето на националните приоритети со Целите за одржлив развој и рамката за членство во Европската Унија, преку креирање развојни стратегии, одржливи инвестиции и социјални политики кои се компатибилни со ЕУ.
Би сакал да напоменам дека оваа година бележиме уште два важни јубилеја: УНДП слави 60 години постоење на глобално ниво, додека Обединетите нации одбележуваат 80 години од постоењето. Овие јубилеи ја нагласуваат виталната улога на УНДП и на ОН во поврзувањето на локалните потреби со глобалните решенија, осигурувајќи никој да не биде изоставен во овој брзо менлив свет.
Господине Григорјан, во земјава сте од 2021 година. Како го гледате животот тука?
А. Григорјан: Благодарам за ова прашање. С. Македонија е земја на топли и на гостопримливи луѓе, со богато културно наследство и голем потенцијал. Уживам во нејзината разновидност, како во пејзажите така и во традициите. Како и во секоја друга земја, постојат предизвици како во обезбедување одржлив развој, но цврсто верувам дека со подобрување на соработката меѓу институциите, граѓанското општество, земјава има сè што е потребно за успех. Во изминативе 30 години, земјава помина низ промени кои истовремено го трансформираа и УНДП и начинот на кој соработуваме со нашите партнери. Денес со оптимизам гледаме кон напорите што водат кон нашата заедничка цел: посилни институции и подобри услови за живот на сите граѓани.
Разговараше: Кирко Бошкоски
Промовирање на активностите на УНДП за подобрување на економскиот амбиент во земјава, за остварување побрз економски развој, за заштита на животната средина, итн.