Финансии / Банкарство

Димитриеска-Кочоска: Македонија дел од СЕПА, плаќањата кон ЕУ поевтини и за граѓаните и бизнисот

Граѓаните и бизнисите во РС Македонија од денеска ќе ги користат придобивките од приклучувањето на земјата кон СЕПА (Единствениот евро-платежен простор) регионот. Европскиот совет за  плаќање има одобрено апликациите на 9 домашни банки во платежната шема за кредитни трансфери коишто се оперативни во СЕПА, додека останатите 3 банки се очекува да се приклучат до крајот на годината.

 „Ова значи дека  земјава практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската унија. Од членството во СЕПА се очекуваа бројни придобивки за граѓаните, компаниите, но и за економијата во целина. Пред се се очекуваат побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ", рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. 

„Овој проект е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, прилагодувајќи ги стандардите на нашата земја кон европските.Министерството за финансии и Народната банка ќе продолжат со реформи насочени кон економскиот развој и подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите,", вели министерката. 

Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули 2024 година, додека на 6 март 2025 беше прифатена  апликацијата од страна на Европскиот совет за плаќања за приклучување на  СЕПА со што се овозможи и  приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра. Станува збор за регион кој опфаќа 41 земја  од Европа.


 

Фото Министерство за финансии 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано