Општество

Проф. д-р Цветковиќ од ФВМС стана Дипломат на Европскиот колеџ за ветеринарна микробиологија (ECVM)

Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје оствари историски успех во областа на ветеринарната медицина -  проф. д-р Искра Цветковиќ официјално се стекна со титулата Европски специјалист по ветеринарна микробиологија и стана Дипломат на Европскиот колеџ за ветеринарна микробиологија (ECVM), со што влезе во кругот на највисоко акредитирани експерти во Европа.

Со ова признание, ФВМС стана и првиот ECVM Тренинг центар во Западен Балкан, овозможувајќи специјализација и едукација од европски ранг директно во Скопје.

„Оваа титула е најголемата професионална валидација за мојата работа – потврда дека експертизата, истражувањето и практиката што ги развивав во изминативе две децении се на највисокото ниво кое го бара Европскиот одбор за ветеринарна специјализација,“ истакна проф. д-р Цветковиќ.

Таа додаде дека најголемиот предизвик во процесот бил континуираното одржување на интернационални стандарди во дијагностиката и истражувањето, но и балансирањето меѓу големиот обем на работа, научната дејност и активното учество во национални и меѓународни комисии.

„Најсилниот мотив ми беше да го подигнеме стандардот во едукацијата во нашата земја и да обезбедиме европски квалитет за идните генерации доктори по ветеринарна медицина,“ нагласи таа.

Одобрувањето на ФВМС како ECVM Approved Training Centre претставува институционално признание за квалитетот на инфраструктурата, дијагностичките капацитети и експертизата на кадарот. Со тоа, Факултетот добива регионална лидерска позиција во областа на ветеринарната микробиологија и отвора можност за нови европски и меѓународни соработки.

Овој успех претставува не само лична победа на професорката Цветковиќ, туку и значајно достигнување за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и за целата држава, која добива нова видливост и кредибилитет на европско и глобално ниво.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано