Бизнис
Секој четврти Србин работи повеќе од 45 часа неделно, многу над ЕУ просекот
07.10.2025
Во Србија, 24,6 отсто од вработените работат повеќе од 45 часа неделно со нивна главна и евентуално втора работа, што е значително повисоко од просекот на Европската Унија од 10,8 отсто, според податоците на Евростат објавени денес за вториот квартал од 2025 година.
Највисок удел на вработени во Европската Унија кои работат повеќе од 45 часа е забележан во Грција 20,9 отсто, додека Кипар 16,6 отсто и Малта 14,6 отсто се исто така над просекот.
На другиот крај од листата е Бугарија со само 2,5 отсто од вработените кои наведуваат дека нивните работни недели се подолги од 45 часа, по што следуваат Латвија со 4,1 процент и Романија со 5,9 отсто.
Мнозинството вработени во Европската Унија, 72,3 отсто од нив, работат помеѓу 20 и 44 часа неделно, што е најчестиот модел на работно време. Во таа категорија, Бугарија води со удел од 92,8 отсто, Романија 90,6 отсто и Латвија 86,9 отсто. Покрај тоа, 16,9 отсто од вработените во Европската Унија работат максимум 19 часа неделно, според веб-страницата на Евростат.
Холандија има најголем удел на вработени со скратено работно време од 26,8 отсто, додека Данска со 25,5 отсто и Австрија со 25,3 отсто се на второ и трето место, а најмалку работници со скратено работно време се регистрирани во Романија 3,5 отсто, Бугарија 4,6 отсто и Грција 6,1 отсто, пренесува Политика.