Бизнис
Компаниите во трка за пилоти, нудат подобри услови за работа и бонуси
12.10.2025
Многу авиокомпании во светот се борат да привлечат нови пилоти, поради зголемувањето на воздушниот сообраќај. За да се привлече пилотски персонал компаниите нудат подобри услови за работа, а се зголемува и возраста за пензионирање.
За време и по пандемијата на коронавирусот, обуката на пилоти беше прекината бидејќи авиокомпаниите одлучија да почекаат и да видат што ќе направи пандемијата со туризмот. Денес, кога воздушниот сообраќај се обнови, има застој во обуката. Во исто време, пандемијата беше причина за предвремено пензионирање на голем број постари пилоти.
„Сегашниот раст на побарувачката за авионски билети изненади многу авиокомпании“, вели Кристоф Клингенберб, експерт за управување со авиокомпании и аеродроми на Универзитетот во Вормс во Германија.
Бидејќи обуката на пилоти трае долго, ќе бидат потребни години за да се нормализира ситуацијата, појаснува Клингенберг во интервју за ДВ.
Само во Соединетите Американски Држави, околу 18.200 работни места за пилоти во авиокомпании и комерцијални авиони ќе се создаваат секоја година во текот на следната деценија. Ова се повеќе од 180.000 нови работни места за пилоти во САД.
Иако искусните пилоти можат да заработат многу, влегувањето во пилотската кабина е долго и скап процес. Во Соединетите Американски Држави, обуката за пилоти може да чини повеќе од 100.000 долари.
Неодамна, многу големи и регионални авиокомпании ги зголемија платите на пилотите, со цел да привлечат повеќе заинтересирани, но и да ги задржат оние што веќе работат за нив.
Некои авиокомпании нудат бонуси дополнително, додека други дизајнираат подобри распореди на летови за екипажите за да им помогнат на пилотите да ја балансираат работата и животот. Сите овие трошоци се одразуваат во цената на авионските билети.
Пред дваесет години, пилотите на меѓународните авиокомпании мораа да се пензионираат на 60 години, во согласност со правилата пропишани од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство.
Поради напредокот во здравствениот сектор, возраста за пензионирање во 2006 година беше зголемена на 65 години. Повикувајќи се на недостатокот на пилоти и подобрените стандарди за здравствена заштита, некои сега предлагаат да се зголеми возраста на 67 години, пренесува Сеебиз.
Фото Економија и бизнис