Вести
„Награда за развивање на темата” за македонскиот павилјон на ЕКСПО 2025 во Осака
13.10.2025
Македонскиот павилјон го освои признанието „Награда за развивање на темата/Theme Development Award“ на Светската изложба ЕКСПО 2025 во Осака, што го доделува Меѓународното биро за изложби (BIE). Наградата беше објавена и доделена на свечената церемонија по повод BIE Day – 12 октомври 2025.
- Ова признание претставува голем успех за Македонија, бидејќи ја вреднува креативноста, концептуалната јасност и автентичниот начин на кој националниот павилјон ја оживува централната тема на ЕКСПО 2025 – „Дизајнирање на иднината за нашите животи“. Македонскиот павилјон преку иновативен пристап, културно наративно ткаење и современа визуелна презентација успеа да ја раскаже приказната за земјата како мост меѓу традицијата и иднината, со фокус на поврзување на луѓето, архитектурата и хуманоста. Успехот е резултат на координирани напори на Генералниот секретаријат на Владата, предводени од Кристина Ризовска Кутретински - генерален комесар за РС Македонија за Експо Осака 2025, во соработка со стручен и посветен тим од претставници, дизајнери и институции, информира македонскиот тим што ја претставуваше државава во Осака.
Клучна улога во развивањето на концептот и визуелниот идентитет на павилјонот, се наведува во соопштението, имаше маркетинг агенцијата „Бокс Дигитал“, која го осмисли и реализира креативниот концепт и комуникациската стратегија што ја поставија државава како современ, поврзувачки и визионерски учесник на ЕКСПО 2025.
- Оваа награда е признание за визијата и тимската работа со која ја презентиравме Македонија на глобалната сцена. Успеавме да ја раскажеме нашата приказна на начин кој е препознатлив, модерен и длабоко поврзан со темите на ЕКСПО 2025, вели во пишана изјава Кристина Ризовска.
ЕКСПО 2025 во Осака се одржува под покровителство на Меѓународното биро за изложби, со учество на над 160 земји и организации. Наградите за учесници се доделуваат од меѓународно жири, кое ги оценува павилјоните според четири категории: архитектура, дизајн на изложба, одржливост и развивање на темата – најпрестижната категорија која ја нагласува способноста на павилјоните да ја претстават централната тема на Експото на инспиративен и иновативен начин.
Извор/фото МИА