Економија
ШПАНИЈА Е МОТОРОТ НА РАСТ НА ЕВРОЗОНАТА, ММФ ја подобри прогнозата за годинава
14.10.2025
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја зголеми својата прогноза за раст на Еврозоната за 2025 година, поттикната од здравата шпанска економија и малото подобрување во Германија и Франција.
Се очекува економскиот раст на Еврозоната да изнесува 1,2 отсто оваа година, што е за 0,2 процентни поени повеќе во однос на претходните прогнози на таа институција од Вашингтон објавени во јули. За 2026 година се предвидува раст од 1,1 отсто, што е за 0,1 процентен поен помалку од претходната прогноза.
Најдинамична економија меѓу главните развиени земји е Шпанија, чиј раст скокна на 2,9 отсто оваа година и се очекува да порасне за два отсто во 2026 година, што е за 0,2 процентни поени повисоко од претходната прогноза.
„Шпанија е моторот на растот на главните светски економии“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на мрежата X. Шпанската влада предвидува раст на БДП за 2025 година од 2,7 отсто.
По остриот пад на БДП за време на пандемијата на ковид, четвртата најголема економија во еврозоната сега има корист од здрава потрошувачка и инвестиции во домаќинствата и покрај климата на неизвесност предизвикана од зголемувањето на царините на САД, во која Шпанија извезува многу малку.
По две години рецесија, првата економија на еврозоната, Германија, ќе има малку повисок раст од претходно очекуваниот од ММФ, од 0,2 отсто (што е за 0,1 процентен поен повеќе од прогнозата во јули).
Германската економија ќе порасне малку позначајно во 2026 година на 0,9 отсто, предвидува ММФ. Франција треба да забележи раст од 0,7 отсто оваа година (што е за 0,1 процентен поен повисоко од претходната прогноза на ММФ), а следната година треба да има раст од 0,9 отсто (0,1 процентен поен помалку од претходно прогнозираниот), пренесува Н1.
Фото Економија и бизнис