Бизнис
Одбележан Меѓународниот ден на руралните жени: Признание за трудот, визијата и придонесот на руралните жени во земјоделството
15.10.2025г
Јакнењето на руралните жени е клуч за стабилен синџир на исхрана, отпорност на климатските промени и поправедна иднина, е заклучокот од одбележувањето на Меѓународниот ден на руралните жени, што се одржа во Дојран, во организација на Националната федерација на фармери (НФФ), со поддршка на Шведска и Шведската организација за развој We Effect. Настанот собра бројни претставници од институции, организации и здруженија, како и рурални жени од сите делови на државата, кои со својата работа и ангажман придонесуваат за развој на локалните заедници и посилен глас на жените во земјоделството.
Во своето обраќање, претседателот на Националната федерација на фармери, Стеванче Јорданоски, истакна дека руралните жени се движечка сила на земјоделството и руралниот развој, и нивниот придонес мора да биде видлив, вреднуван и поддржан.
„Донесувањето на Програмата за поддршка на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност е голем заеднички успех, бидејќи овозможува земјоделките да добијат паричен надомест за време на мајчинството. Заедно со тоа, се залагаме за системско решение. Ние сме меѓу иницијаторите за формирање на Регионалната платформа за подобрување на економскиот и социјален статус на руралните жени од Западен Балкан. Апелирам да се инвестира во образование и обуки за руралните жени, за да можат да ги унапредат своите знаења, да започнат сопствени бизниси и активно да учествуваат во процесите на одлучување, како и подобрување на пристапот до услуги и инфраструктура. Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи 2026 година за Интернационална година на жените фармери, а Националната федерација на фармери ќе продолжи да работи во насока на лидерство, примена на иновативни технологии и економско јакнење на земјоделките “ истакна Јорданоски.
Претседателката на РСМ, Гордана Силјановска Давкова сo писмено обраќање се обрати на настанот и во нејзино име поздравното обраќање го прочита Вангелина Пармачка, земјоделка и координаторка на Мрежата на жени фармери во НФФ.
„Вашата улога одамна ги надмина границите на традиционалното земјоделство. Вие сте носителки на прогресот, заштитнички на заедницата, двигателки на локалните процеси и современи лидерки на економските и социјалните реформи во руралните подрачја. Крајно време е да го препознаеме и вреднуваме вашиот труд. Јасно е дека тој е се уште невидлив и непризнат“, поентираше претседателката Силјановска.
Таа нагласи дека наша обврска, како општество и како држава е не само да ја гарантираме, туку и да ја реализираме рамноправноста, поддршката и охрабрувањето на женското претприемништво, менторството и лидерство.
„Наша обврска, како жени е, да ги еманципираме и демачоизираме мажите околу нас, но и да ги охрабриме девојчињата и жените е да се сакаат и почитуваат себеси и да се борат за своите неотуѓиви човечки права!“, заклучи претседателката.
Свој осврт на улогата на жените во руралните средини и на важноста од унапредување на родовата еднаквост даде и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој истакна дека, од 117 договори од Јавниот повик за мерката 112 за млади земјоделци, повеќе од половина се склучени со млади земјоделки, а на последните четири јавни повици за државно земјоделско земјиште, од 1.454 договори, 248 се склучени со жени.
„Министерството активно работи на поддршка на руралната жена преку конкретни мерки и политики, и ова е охрабрувачки показател дека младите жени се подготвени да ја преземат иницијативата во развојот на македонското земјоделство,” наведе министерот Трипуновски.
Потенцирајќи ја долгорочната соработка со НФФ и вложувањата во подобрување на положбата на жените во руралните средини, зборуваше и директорката на We Effect за Латинска Америка, Европа и Палестина, Пиа Ставас Мајер, која нагласи дека заедничка цел е да се создадат еднакви можности, видливост и достоинство за жените во руралните средини.
„Навистина цврство верувам дека вашето општество ќе биде дел од Европската унија. Се надевам дека Европската унија ќе биде во состојба да ви овозможи многу работи, но исто така сум уверена дека и вие ќе дадете значителен придонес за ЕУ и за големото европско семејство“, потенцираше Пиа Ставас Мајер.
Во рамките на панел-дискусијата „Родова еднаквост во руралните средини – предизвици и можности“, учесниците се осврнаа на потребата од подобра едукација, информираност и поддршка за руралните жени во насока на нивно економско јакнење и валоризација на нивниот труд.
Панелистите истакнаа дека од суштинско значење е да се поттикне собирање на родови податоци кои ќе помогнат во креирањето и развојот на постоечките програми за поддршка и политики, во кои жената од руралната средина нема да биде третирана како маргинализирана група или социјална категорија, туку ќе се препознае и вреднува нејзината улога во земјоделството и руралниот развој.
Инвестирањето во инфраструктура и услуги, нагласија, ќе придонесе кон поголема родова рамноправност и инклузивен развој на руралните заедници.
Имено, беше презентиран и Регионалниот извештај „Преглед на положбата на руралните жени во земјите од Западен Балкан“.
Со голема чест и во духот на препознавање на постигнувањата и придонесот на руралните жени и организации, беа доделени благодарници за истакнатиот успех, посветеноста и заложбата во различни области поврзани со земјоделството, преработката на храна, родовата еднаквост и социјалната инклузија.
Лилана Стојковска ја доби благодарницата за успешна млада земјоделка од рурална средина, како признание за нејзината посветеност, успех и пример за младите генерации во земјоделството.
Владанка Ристиќ ја доби благодарницата за успешна операторка за храна, која изгради свој бренд за производство на ракија и други пијалоци од грозје.
Милена Ангелова ја доби благодарницата за успешна операторка за храна, за развојот на препознатливиот бренд на ајвар „Везанка“ и за примерот кој го дава за развој на оператори за храна.
Санија Демовска ја доби благодарницата за успешна операторка за храна од Дебарскиот регион, позната по преработки од круша – водница (традиционална стара сорта), како и по производство на џемови, слатко и сокови.
Марика Томова ја доби благодарницата за активистичка посветеност и долгогодишен придонес во подигнување на гласот на руралните жени. Како долгогодишна членка на Федерацијата и цвеќарка, преку својата работа ја инспирира заедницата и го промовира активното учество на жените во руралниот развој.
Македонската платформа против сиромаштија ја доби благодарницата за заложбата и борбата за еднакво општество без сиромаштија, како признание за континуираната работа во заштита на ранливите групи и унапредување на социјалната праведност.
Овие признанија ги истакнуваат индивидуалните и колективните достигнувања, нагласувајќи ја важноста на поддршката, едукацијата и информираноста како клучни фактори за економско јакнење на руралните жени и за инклузивен развој на заедниците. Тие претставуваат инспирација за сите кои веруваат во рамноправност, солидарност и одржлив развој на руралните средини.
На одбележувањето сите учесници заклучија дека вложувањето во руралните жени значи вложување во посилна, порамноправна и одржлива иднина.