Економија

Влатко Сулев: Со туристи од Азија до продолжување на туристичката сезона преку цела година

Доколку успееме да привлечеме туристи од Азија, можеме да очекуваме значаен раст на приходите од туризам, и исполнетост на капацитетите во текот на целата година. И ако на традиционалните туристи од соседството, најмногу од Турција, ги додадеме и туристите од Азија, би имале диверзификација на приходите од туризам, не би зависеле само од еден регион, од навиките едни туристи, и би биле поотпорно на евентуални локални кризи и политички случувања.

Зошто туристите од Азија се толку важни?

Првенствено станува збор за патници кои имаат голема куповна моќ, голем потенцијал, бројни се и имаат поинаков ритам на патување. На пример, во период на Кинеската Нова Година која е во јануари/февруари зависно од годината, милиони Кинези патуваат во странство – токму среде нашата зима. Слично на нив, Јапонците имаат пролетни празници (Златна недела во мај), а Индијците често патуваат во периодите пред и по летниот монсун, односно во наша есен.

Па така ако имаме добра промоција и доколку најдеме начин и комуникациски канали да ги привлечеме би можеле да имаме групи на гости во месеците кои се „мртва сезона“. Би имале продолжување на туристичката сезона преку целата година! Нешто што обезбедува повеќе бенефити: хотелите, рестораните би работеле со повисок интензитет и во зимските месеци, што ја подобрува нивната профитабилност и одржливост, се создаваат целогодишни работни места во туризмот, наместо сезонска вработеност, а сето тоа позитивно би влијаело и врз другите поврзани економски гранки.

Она што е особено охрабрувачко е што земјите со развиен туризам веќе го почувствуваа овој ефект. Изминативе години Кинезите помогнаа Грција да не биде повеќе само „летна дестинација“ туку да привлече гости и во јануари и во другите зимски месеци. Исто така, богатите туристи од заливските земји (Саудиска Арабија, ОАЕ) во последниве години масовно ги посетуваат Балканските земји и источниот Медитеран во периоди кои традиционално беа пост-сезона, а со тоа локалните сместувачки капацитети го продолжуваат својот работен период и по октомври.

Азиските земји, пред сѐ оние со брз економски раст и голема средна класа (како Кина, Индија, земјите од Југоисточна Азија, Јапонија, Јужна Кореја, па и блискоисточните пазари), стануваат сѐ поважен извор на туристи за целиот свет.  На пример, кинеските туристи пред пандемијата беа меѓу најбројните и најзначајните во светски рамки – во 2019 година тие потрошиле вкупно 255 милијарди долари во странство (повеќе од која било друга нација), при што 60% од таа сума била остварена преку организирани туристички групи.

Сите овие примери ни ја покажуваат насоката во која треба да се движиме: да ја отвoриме нашата туристичка понуда и инфраструктура за прием на гости 365 дена во годината.

Постои интерес за балканот!

 Туристите од Азија се во потрага по нови и уникатни искуства. Балканот за нив претставува егзотична и неоткриена дестинација, богата со историја, култура и традиција. Македонија, како дел од поранешна Југославија, им звучи интересно и егзотично. Уште во 2016 година, кинески тур-оператори оценија дека Македонија има огромен потенцијал за кинескиот пазар, особено благодарение на нашите природни езера, културно-историски споменици (цркви, тврдини), како и винскиот и гастрономскиот туризам. Токму ваквите автентични содржини – прошетки низ историски места, дегустација на локална храна и вина, средби со локални занаетчии – се она што азиските гости го ценат и бараат за разлика од стандардните „луксузни“ понуди. Нашиот регион може да им понуди нешто што го немаат дома, а тоа е формулата за задоволување на современиот светски турист.

За овој потенцијал, Балкан Прајм Турс одамна е свесен, и веќе започнавме со активности за промоција.  Оваа година инвестираме во учество на саемот ITB Asia 2025 во Сингапур со сопствен штанд, а паралелно организираме и roadshow – патувачки презентации во Јужна Кина и Хонг Конг. ITB Asia 2025 во Сингапур, претставува водечки азиски туристички саем, на кој учествуваат илјадници излагачи од целиот свет, туристички дестинации, хотели, авиокомпании, тур-оператори кои се среќаваат со најважните азиски купувачи од областа на туристичките патувања, и претствува централно место за умрежување и склучување бизниси.

За таа цел креираме специјални аранжмани/понуди наменети за зимско/пролетни тури за азиските пазари. Тие вклучуваат посети на етно-села, бањи, винарии и гастро-тури кои се подеднакво интересни и во постудените месеци. На тој начин, не само што им нудиме уникатно доживување, туку и го позиционираме Балканот како дестинација што секогаш има нешто да понуди, без разлика на сезоната. Девизата „без промоција нема туризам“ се покажува особено точна во денешниот свет на дигитални медиуми и масовност на информации (information overflow).

За Балкан Прајм Турс, присуството на ITB Asia 2025 во Сингапур со сопствен штанд е значаен инвестициски потфат и логистички предизвик – но и нужна инвестиција во иднината. И ако сакаме далечните туристи да дознаат за убавините на Балканот, мора проактивно да се претставиме пред нив. Настапот на ITB Asia ни овозможува директно да ја промовираме Македонија и Балканот пред стотици тур-оператори и агенции од Кина, Индија, Југоисточна Азија, Јапонија, Австралија и многу други пазари на едно место.

Важно е да се нагласи дека ваквиот настап бара и сериозна подготовка. Штанд без содржина и систем за односи со клиенти е само скапа фотографија – доколку однапред не се организираат состаноци и не се осмисли јасна порака, ефектот од саемот може да изостане. Затоа, тимот на Балкан Прајм Турс уште пред самиот саем договори низа претходно закажани средби (pre-scheduled appointments) со потенцијални партнери од азиските земји. Наша цел не е само да привлечеме внимание, туку да направиме и конкретни договори – соработка со тур-оператори кои би вклучиле балкански тури во нивните програми, договори со агенции за специјализирани интересни групи (на пример вински тури, верски тури, авантуристички тури) и слично. На вакви саеми се „купува вниманието“ на партнерите, а подоцна тоа внимание се претвора во реални тури и гости.

Настапот на ITB Asia е исто така значаен и од аспект на националната промоција. Имено, на вакви меѓународни саеми често учествуваат и национални туристички организации со сопствени штандови. Македонија во минатото имала свои претставувања на саеми како ITB Берлин, но присуството на ITB Asia било поскромно. Оваа година, со иницијатива на Балкан Прајм Турс, регионот и Македонија практично имаат свое претставување. Тоа е порака дека приватниот сектор е проактивен, но и потсетник дека синергијата со државните институции би донела уште поголем ефект. Координиран настап, поддржан и од државата, би значел стратегиско брендирање на дестинацијата – нешто кон што треба да се тежнее во иднина.

Патувачки презентации во Јужна Кина и Хонг Конг

Непосредно по саемот во Сингапур, тимот на Балкан Прајм Турс ќе се упати на roadshow турнеја низ Јужна Кина и Хонг Конг. Ова практично значи серија на патувачки презентации и средби на терен со туристички агенции, тур-оператори, па можеби и медиуми во неколку големи градови. Јужна Кина, особено провинцијата Гуангдонг (со метрополи како Гуангжу и Шенжен), е регион со огромен број потенцијални патници и со релативно висок стандард. Хонг Конг, пак, е глобален центар каде има и многу тур-оператори кои работат со клиенти од целиот азиски регион.

Логистички сме подготвени: имаме канцеларии и партнери во повеќе балкански земји (Скопје, Софија, Подгорица, Тирана), висококвалитетни водичи кои зборуваат светски јазици, како и искуство со прием на илјадници туристи од разни страни на светот. Ова е важно за кинеските и други азиски партнери – да знаат дека работат со сигурен оператор на кој можат да му ги доверат своите клиенти.

Така, кога разговараме со партнерите, ја истакнуваме реалната изводливост на балканските тури – колку лесно групите можат да допатуваат, без долги и скапи трансфери. Ова е во согласност со современиот пристап: каде што градовите се поврзани со конкретни летови. Само така промоцијата се претвора во остварлив бизнис.

Заклучок: Иднината е во проактивна промоција

Шансите се отвораат, на нас останува дали ќе ги искористиме! Азиските туристички пазари се една од тие големи шанси за нашиот туризам. Со храбар настап на саеми, со постојано присуство на теренот кај партнерите и со креирање содржини прилагодени на она што тие го бараат, веруваме дека Балканот може да стане атрактивна приказна за многу туристи од Истокот. А тие, пак, да станат наши амбасадори, задоволни гости кои ќе ја пренесат приказната за Македонија и Балканот понатаму.

На крајот на денот, навистина е едноставно: без промоција нема туризам, а со паметна промоција има иднина.

ПРЕПОРАЧАНО