Финансии / Банкарство

Еврозоната со нови правила за инстант банкарски трансфери

Од  октомври 2025 година, сите банки во Eврозоната се обврзани да овозможат инстант банкарски трансфери што траат само неколку секунди, без разлика на времето, денот или празникот. Парите сега патуваат побрзо, побезбедно и со автоматска верификација на примачот пред да ја напуштат сметката, со што Европската Унија влегува во нова фаза од дигиталната финансиска револуција.

Новите правила за инстант банкарски трансфери стапија во сила на 9 октомври, со што се заокружува втората фаза од планот на Европската Унија за модернизација на платните системи и зајакнување на заштитата на потрошувачите.

Целта е јасна: секој трансфер во евра да стигне до примачот во рок од неколку секунди, во кое било време од денот или ноќта, во текот на целата година.

Правилникот важи за сите банки, штедилници и даватели на услуги за плаќање кои веќе нудат стандардни СЕПА  трансфери, а оние кои не нудат мораат да ги подобрат своите ИТ системи за да ги исполнат новите обврски.

Најголемата новина е воведувањето на таканаречената верификација на корисникот.

Пред да се изврши трансферот, системот автоматски проверува дали името на примачот се совпаѓа со внесениот IBAN број. Доколку има несовпаѓање, корисникот добива моментално предупредување и може да одлучи дали сака да ја продолжи трансакцијата.

Оваа функција е бесплатна и важи и за инстант и за класични трансфери. Целта е да се намали бројот на грешки при внесување податоци и да се спречи измама со лажни IBAN сметки. 

Регулативите на ЕУ не бараат од банките да нудат инстант трансфери бесплатно, туку цената да биде иста или пониска од стандардната СЕПА трансакција. Значи, ако банката наплаќа едно евро за обичен трансфер, инстант трансакцијата мора да чини едно евро или помалку - не повеќе.

Голем број европски банки, вклучувајќи ги и португалските банки, веќе одлучија да ја направат услугата бесплатна за сите клиенти со цел да се зголеми конкурентноста. Инстант трансфер значи дека парите стигнуваат до сметката на примателот за помалку од десет секунди, без оглед на денот или празникот.

Друга важна промена е укинувањето на старото ограничување од 100.000 евра по трансфер. Секоја банка сега може да постави свои лимити, во зависност од видот на клиентот и каналот за плаќање.Во исто време, новите правила ги обврзуваат банките да овозможат персонализирани дневни лимити - што им дава на корисниците поголема контрола и дополнително ниво на безбедност, пренесува Инвеститор.ме.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО