Финансии / Банкарство

ОД МЕНУВАЧНИЦА ВО ЗЕМУН ДО СОПСТВЕНИК НА СТОПАНСКА БАНКА АД БИТОЛА, кој е претседателот на Управниот одбор на АЛТА БАНКА АД Белград

Комисијата за хартии од вредност на седницата што се одржа вчера донесе Решение за утврдување на успешноста на понудата за преземање на Стопанска банка АД Битола, дадена од АЛТА БАНКА АД Белград. Врз основа на извршената понуда, АЛТА БАНКА АД Белград се стекна со вкупно 345.175 обични акции, што претставува учество од 88,2852% од вкупниот број на обични акции издадени од Стопанска банка АД Битола.

Заедно со акциите што веќе ги поседува (19.439 обични акции) АЛТА БАНКА АД Белград има вкупно 364.614 обични акции, што претставува учество од 93,2571% од вкупниот број на издадени акции од Банката.

Српската Алта банка официјално стана нов сопственик на Стопанска банка Битола, откако нејзината понуда беше прифатена од вкупно 262 акционери. Алта банка, со седиште во Белград, понуди 3.777 денари по акција издадена од Стопанска банка Битола.

Со оваа аквизиција, српската финансиска институција значително го проширува своето присуство во регионот. Според податоците објавени на сајтот на Народна банка на Србија АЛТА ГРУП ДОО Белград е сопственик на Алта банка со вкупен процент на право на глас од 100 отсто. Претседател на Управниот одбор на банката е Давор Мацура.

Тој ја започна својата деловна кариера во 2008 година, отворајќи ја првата менувачница во Земун под името Алта, а набрзо стана претседател на Здружението на менувачници на Србија. Се споменува како сопственик, директно или преку други негови компании, на повеќе компании регистрирани во Агенцијата за деловни регистри во Србија.

Според пишувањата во српските медиуми, од почетокот на ноември 2023 година, склучил договор за стратешко партнерство со ЕПС и стана посредник во електронското плаќање на сметките за електрична енергија на веб-страницата на јавното претпријатие, како и во апликацијата „Увид во сметката“.

Според прегледот за вкупната нето билансна актива на НБС, Алта банка е на 11 место од вкупно 19 банки во Србија, со вредност од 1,16 милијарди евра, со пазарен удел од околу два отсто.

Алта банка првично се викала Јубмес банка, која е основана во 1979 година. Во октомври 2018 година, министерот за финансии Синиша Мали објави дека државата ќе го продаде својот удел во Јубмес банка. Алта Пеј Груп, во сопственост на Давор Мацура, купи државни акции за околу 5 милиони евра. По продажбата, Јубмес се ребрендира и станува Алта банка. Подоцна, Мацура купува уште 36,1 процент од акциите од малцинските акционери, а во септември 2021 година, уште 12 проценти, со што станува сопственик на 84,1 процент од акциите на банката. На крајот, Давор Мацура ја презема целосната контрола преку неговата компанија Алта Пеј Груп, ги купува преостанатите акции и станува целосен сопственик на Алта банка. 

Според информациите на сајтот на Народна банка на Србија, Алта банка има вкупно 15 експозитури, од кои 6 во Белград и 9 во другите поголеми градови во Србија.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО