Општество

ОПШТЕСТВО | Дејан Азески: Вакцина против рак

Дејан Азески | Авторот е историчар, новинар и публицист

Светот се наоѓа на вратата на нов метод на револуционерно лекување на тешката болест која паралелно се развива во повеќе држави. Русија е првата која потврди дека почнува со клинички тестирања и со употреба на т.н. вакцини против рак.



Руската вакцина против рак успешно ги помина претклиничките тестови и се покажа како безбедна и многу ефикасна, објави раководителот на Федералната медицинска и биолошка агенција Вероника Скворцова.
„Истражувањето траеше неколку години, а последниве три беа посветени на задолжително претклиничко истражување“, рече Скворцова на Источниот економски форум.
Таа додаде дека вакцината сега е подготвена за употреба и чека официјално одобрување, објави ТАСС.
Истражувачите забележаа намалување на големината на туморот и забавување на прогресијата на туморот во опсег од 60 до 80 проценти, во зависност од карактеристиките на болеста.
Дополнително студиите покажаа зголемување на стапките на преживување што се припишуваат на вакцината.
Првичната цел на оваа вакцина ќе биде колоректалниот рак. Постигнат е ветувачки напредок во развојот на вакцини за глиобластом и одредени видови меланом, вклучувајќи го и очниот меланом. Овие вакцини моментално се во напредна фаза на развој.
Неодамна една од главните вести се таканаречените вакцини против рак, поточно − меланом, карциноми поврзани со вирусот Епштајн-Бар, но се развиваат и експериментални вакцини против рак на панкреас и други. Овие терапии често се нарекуваат вакцини, иако всушност не се, бидејќи не се профилакса, т. е. превентивни, туку дејствуваат само откако ќе се појави болеста.

ЗА ШТО СЕ РАБОТИ КОНКРЕТНО?
Многу од овие терапии, „вакцини“, се базираат на mRNA (iRNA) технологија, т. е. информативна РНК исто како и најпопуларните вакцини против ковид-19 како што се модерна и фајзер. Сепак, додека вакцините против ковид-19 дејствуваат на намалување на ризикот од инфекција или добивање симптоматска болест, односно дејствуваат превентивно, „вакцините“ против рак дејствуваат кај луѓе кои добиле одреден вид рак.
Иако во овој текст го ставаме терминот вакцина во наводници, тоа не е за да ја обезвредниме технологијата, туку само да подвлечеме дека не станува збор за профилакса, туку всушност за имунотерапија, а терминот „вакцина“ едноставно им се допадна на медиумите.
„Вакцината против рак“ (mRNA) функционира така што го тренира имунолошкиот систем на пациентот да ги цели специфичните клетки на ракот кои можат да преживеат операција или хемотерапија. Тие не создаваат имунитет кон секој можен рак. Ова се персонализирани имунотерапии кои се адаптираат според „мерките“ на пациентот, односно според ракот што го имаат.
Тие се таму за да ги убијат преостанатите клетки на ракот и да го намалат ризикот од враќање на ракот кај пациенти кои биле подложени на стандардни третмани за рак.
Мерк (Merck) моментално развива имунотерапија наречена кејтруда (Keytruda) против меланом, а ФДА одобри испитувања на имунотерапијата кај ракови поврзани со вирусот Епштајн-Бар.
Сепак, не е дека нема вакцини кои можат да спречат некои видови рак. На пример, вакцината против хепатитис Б го намалува ризикот од инфекција со овој вирус, а со тоа и последователниот развој на рак на црниот дроб, а вакцините против вирусот на хуман папилома (HPV) се исто така вакцини кои го намалуваат ризикот од рак на грлото на матката.

РАЗЛИКАТА СО КЛАСИЧНАТА ТЕРАПИЈА КОЈА СЕ КОРИСТИ ДОСЕГА
Рак (медицински термин: злокобна неоплазма) е класа на болести каде што група на клетки пројавува неконтролиран раст преку поделба надвор од нормалните граници, напаѓање и врзување со соседните ткива и понекогаш појава на метастази кои ги шират клетките на други места во телото преку лимфниот систем и крвотокот. Овие три злокобни својства го одвојуваат ракот од бенигните тумори кои се самоограничени и не напаѓаат ниту метастазираат.
Видовите рак, пред сè, се болест на животната средина, со 90 до 95 % од случаите кои се должат на начинот на живот и факторите на животната средина и 5 до 10 % кои се должат на генетиката. Најчестите фактори на средината кои доведуваат до рак (15−20 %) се: тутунот (25−30 %), начинот на исхрана и преголемата тежина (30−35 %), инфекциите (15−20 %), зрачењето, стресот, недостатокот на физичка активност и загадувачите на животната средина.
Идејата дека лековите можат да се користат за спречување на ракот е привлечна и многу висококвалитетни клинички испитувања ја поддржуваат употребата на хемопревенцијата во посебни околности. Секојдневната употреба на тамоксифен, селективен естроген рецептор модулатор (СЕРМ), обично во период од 5 години го намалува ризикот од развивање рак на дојката за околу 50 % кај жени кои имаат висок ризик од заболување. Неодамнешно истражување покажа дека селективниот естроген рецептор модулатор ралоксифен има слични придобивки како тамоксифенот во превенцијата на ракот на дојката кај жени кои имаат висок ризик од заболување, но со помалку несакани ефекти. Ралоксифен е СЕРМ како тамксифенот; според медицинските испитувања, тој го намалува ризикот од рак на дојка подеднакво добро како и тамоксифенот кај жени кои имаат висок ризик од заболување. Во едно такво истражување кое опфати речиси 20 000 илјади жени, ралоксифенот имал помалку несакани ефекти од тамоксифенот, иако допуштал создавање на повеќе карциноми со дуктална неинвазивна форма. Финастерид, 5-алфа-редуктаза инхибитор, го намалува ризикот од рак на простатата, иако се чини дека најчесто ги спречува само несериозните тумори. Ефектите од „кокс-2“ инхибиторите како рофекоксиб и целекоксиб врз ризикот од полипи на дебелото црево се проучуваат кај пациенти со семејна аденоматозна полипоза и кај голем број од населението. Во двете групи имало значително намалување на создавањето полипи на дебелото црево, но по цена на зголемена токсичност во кардиоваскуларниот систем. Од 2010 година се покажало дека витамините не се ефикасни во превенцијата од рак, додека намалените нивоа на Д-витаминот се поврзани со зголемен ризик од појава на рак. Сè уште не е утврдено дали оваа врска е случајна или додатоците на Д-витамин имаат заштитно дејство. Бета-каротин додатокот незначително го зголемува ризикот од рак на белите дробови. Фолната киселина нема ефект во спречувањето на ракот на дебелото црево и може да предизвика зголемување на бројот на полипите.

ХЕМОТЕРАПИЈАТА СО СИТЕ СВОИ ДОБРИ И ЛОШИ СТРАНИ
Постојат многу можности за справување со ракот, меѓу кои: хемотерапија, терапија со зрачење, операција, имунотерапија, терапија со моноклонални антитела и други методи. Кој од нив ќе се користи зависи од местоположбата и од сериозноста на туморот и од степенот на болеста, како и од општата здравствена состојба на човекот. Во развојна фаза се и експериментални третмани против ракот. Целта на третманот е целосно отстранување на ракот без притоа да се оштети остатокот од телото. Понекогаш ова се постигнува со операција, но склоноста на ракот да ги напаѓа соседните ткива или да се шири на подалечни места со микроскопски метастази често ја ограничува ефикасноста на операцијата. Операцијата често бара отстранување на широка хируршка маргина или на слободна маргина. Ширината на слободната маргина зависи од видот на ракот, од методот на отстранување (Мохсова хирургија) и сл. Маргината може да биде мала и до 1 милиметар за рак на базалните клетки, користејќи Мохсова хирургија, до неколку сантиметри за агресивните видови рак. Ефикасноста на хемотерапијата често е ограничена поради нејзината токсичност за другите ткива во телото. Зрачењето, исто така, може да предизвика штета на нормалното ткиво. Бидејќи ракот е класа на болести, веројатноста дека некогаш ќе има еден единствен „лек за рак“ е мала, иста како онаа дека ќе има единствен третман за сите инфективни болести. Порано за инхибиторите на ангиогенезата се мислеше дека имаат потенцијал како „сребрен куршум“ кој може да се примени кај многу видови рак, но ова не се покажа вистинито во практика.

ПРЕПОРАЧАНО