Бизнис
Курт: Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона
18.10.2025г
Нашиот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток. Од постојните пазари во наредниот период, ќе се фокусираме на поголема поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство, вели во интервју за МИА Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Курт најавува дека двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона која започнува од крајот на октомври и ќе трае до крајот на март.
-Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година за Меѓународниот Аеродром Скопјe вклучува редовни и чартер летови, односно 49 редовни дестинации кои ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании и 13 чартер дестинации кои ќе ги опслужува една авиокомпанија, информира генералниот директор на ТАВ Македонија.
Тој најавува дека кон крајот на овој месец, ТАВ Македонија и државава ќе бидат претставени на две роудшоуа во Скандинавија, во Копенхаген и Стокхолм, како и во Азија, односно во Тајпеј, Сеул и Токио. И двата настана се организирани во соработка со NAITM - Националното здружение за дојдовен туризам во Македонија , а презентациите ќе бидат направени пред туроператори во секој од овие градови.