Бизнис

ВО ЕВРОПА СЕ ВОВЕДУВА РЕД ВО КРАТКОРОЧНОТО ИЗНАЈМУВАЊЕ СТАНОВИ ЗА ТУРИСТИ

Европската комисија најави воведување нови правила за краткорочно изнајмување на туристички сместувачки капацитети и предупреди дека тоа е причина за социјална криза низ целата Унија.

Европскиот план за домување, кој ќе биде презентиран до крајот на годината, треба да ги ограничи негативните последици од туристичкото сместување врз локалните пазари за изнајмување на недвижности за домување, особено во урбаните средини каде што кириите растат, а можноста за долгорочни договори за закуп исчезнува, објавува порталот „Јуровикли њуз“.

Европската Унија планира да воведе обврска за споделување податоци помеѓу дигиталните платформи за резервации и изнајмување на станови со локалните власти, како и стандардизирани системи за регистрација за лицата што издаваат станови под наем и можни ограничувања на бројот на денови за издавање имот под наем во текот на годината.

Овие мерки, според најавите од Брисел, треба да обезбедат поголема транспарентност, наплата на даноци и локална контрола врз пазарот на домување.

Првиот европски комесар за домување, Дан Јоргенсен, истакна дека „Европа мора да реагира за да се спречи понатамошно влошување на прифатливото домување и зголемувањето на незадоволството на граѓаните“.

Шпанија веќе презеде конкретни чекори во оваа насока и воведе задолжителен единствен регистар на сите краткорочни изнајмувања и дигитален портал за апликации.

Секој имот наменет за туристичко изнајмување сега мора да има регистриран идентификациски број, кој мора да се прикажува на секоја онлајн понуда. Благодарение на овие правила, шпанските власти веќе отстранија десетици илјади нерегистрирани огласи од главните платформи.

Регионалните шпански власти, особено во Каталонија, Андалузија и Мадрид, добија овластувања да ги постават своите ограничувања, вклучувајќи максимален број денови за издавање, забранети зони и целосни мораториуми за издавање нови лиценци во пренатрупаните области, пренесува Курир.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано