Финансии / Банкарство
ПАКУВАЊЕ ЦИГАРИ ЌЕ ЧИНИ КАКО ЗЛАТОTO! – Грците против предлогот на ЕК за зголемување на данокот за цигарите за над 100 отсто
19.10.2025
Европската комисија предлага зголемување на данокот за тутунот за „мотање“ цигари за 258 отсто, данок од 139 отсто на цигарите и повисока даночна стапка на електронските цигари, кои во моментов се оданочуваат многу пониско. Грција предлага да се најде заедничко решение за новата идеја на Европската комисија за големо зголемување на данокот на цигарите, тутунските производи и производите од никотин, со цел да се избегне понатамошното ширење на шверцот со цигари и да не се наштети на грчката тутунска индустрија, пренесува Еуроњуз.
На состанокот на Советот на министри за финансии на ЕУ (ЕКОФИН), министерот за финансии Киријакос Пјеракакис предложи, меѓу другото, пониски даноци од предложените, подолг преоден период и воведување даноци врз основа на тежина, а не по единица од финалниот производ, објавува Катимерини.
Иницијативата на Европската комисија се однесува на ревизија на Директивата за оданочување на тутунот и истовремено воведување на нова давачка. Таа беше покрената по притисокот од северноевропските земји.
На состанокот минатата недела, министерот за национална економија и финансии Киријакос Пјеракакис, поздравувајќи ја иницијативата во принцип, нагласи дека врз основа на грчкото искуство и земајќи ја предвид географската положба, во минатото е забележано дека зголемувањето на овие даночни стапки доведува до зголемување на шверцот со цигари. Европската комисија предлага три различни сценарија, но го поддржува она со најголемо зголемување на даноците. Според нејзините проценки ова решение, би донело дополнителни даночни приходи од 15,1 милијарди евра. Според тоа сценарио, даноците на цигарите би се зголемиле од 90 евра на 1.000 единици на 215 евра, додека данокот на тутун за цигари што се „виткаат“ би се зголемил од 60 евра по килограм на 215 евра. За пурите се предлага зголемување на данокот од 12 евра за килограм на 143 евра. Електронските цигари со повеќе од 15 микрограми никотин на милилитар течност ќе бидат оданочени по 0,36 евра за милилитар, а оние под таа граница по 0,12 евра.
Конечната цена на кутија од 20 цигари која, сега се продава за 4,60 евра, вклучува даноци од околу 3,74 евра (81,3 проценти од цената). Со зголемувањето предложено од Комисијата, цената од 4,60 евра денес би достигнала околу 7 евра.
Повисоките даноци и цени на тутунот „се покажаа како најефикасни мерки за намалување на вкупната потрошувачка на тутун“, се вели во извештајот на Комисијата. Повисоките даноци придонесоа за намалувањето на пушењето од 40 проценти во ЕУ во текот на изминатата деценија со зголеменото оданочување од 2011 година, пренесува Еуроњуз.
Фото Економија и бизнис