Бизнис
ПРИЛОГ: Бизнис дијагностиката како алатка за одржлив раст на компаниите
прилогот го подготви: Митко Јовановски
Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2025г.
Малите и средните претпријатија во земјите со развиена пазарна економија сè повеќе го применуваат моделот на бизнис дијагностика во подобрување на ефикасноста и на продуктивноста на деловните процеси. Користењето на услугите на бизнис-советниците носат повеќе придобивки, пред сè, за малите и за средните претпријатија кои често немаат доволно ресурси, време или експертиза за темелна анализа на своето работење. Со користење на оваа алатка, управителите во фирмите добиваат јасна слика за сопствениот бизнис со идентификација на клучните пречки за раст, на можностите за унапредување на бизнисите, преку подобрување на продуктивноста, на финансирањето и на внатрешната организација на компанијата. Бизнис-советниците нудат и решенија за надминување на проблемите на компаниите кои се насочени кон примена на нови знаења, инвестирање во нова опрема, дигитализација или иновации, во дефинирањето на маркетинг-стратегиите, подобрување на продажбата и освојување нови пазари.
„Економија и бизнис“ планира објава на два прилога (во октомври и во ноември) посветени на искуствата на бизнис-советниците кои соработуваат со Швајцарскиот проект за модернизација, проект што ги поддржува овие советници во понудата на деловна дијагностика како алатка за олеснување на зелената трансформација, на дигитализацијата и на создавањето достојни работни места во Северна Македонија.
Во овој прилог ги пренесуваме разговорите со Славен Ќуриќ, регионален експерт за МСП, кој во Северна Македонија го поддржува Швајцарскиот проект за модернизација преку менторирање на бизнис-советници и на компании, помагајќи им да ја зголемат својата конкурентност и да се прилагодат на пазарните промени. Разговаравме и со Ирина Аврамска Пашовска од Финовате, една од советниците кои се вклучени во проектот, со фокус на улогата на бизнис дијагностиката во подобрување на продуктивноста и на финансиското работење на малите и на средните претпријатија.
Славен Ќуриќ: Фамилијарните компании мора да го направат следниот чекор за раст и за развој

Забрзувањето на промените во деловното опкружување им отежнува на менаџерите и на сопствениците самите да го согледаат целосното работење покрај редовните активности кои ги имаат. Бизнис дијагностиката им дава сумирана и јасна слика за состојбата, како и одговори на прашањата: „Што сега?“ и „Кој е вистинскиот чекор?“, со што им заштедува време и им помага во донесувањето правилни одлуки, вели Славен Ќуриќ, регионален експерт за МСП, на прашањето како управителите на фирмите да препознаат кога е неопходно да се користат услугите на бизнис-советниците.
Според нашиот соговорник, потребата за користење на бизнис-советници начелно доаѓа во две ситуации: кога во претпријатието немаме доволно време да направиме нешто сами или едноставно кога немаме потребно знаење. Најчесто тоа е видливо кога ќе се појават стратешки дилеми, голем раст или проблеми во ликвидноста, во продуктивноста и во организацијата. Во Македонија често забележувам дека потребата посебно доаѓа до израз кај промената на генерациите, кога новата управа сака да го модернизира работењето и да обезбеди долгорочна одржливост. Сметам дека прашањата на која одговара бизнис дијагностиката требаат да бидат поставени речиси секогаш кога има намалување на пазарниот удел, на секоја помала успешност при продажбата на производите или на услугите, па дури и промена на технологијата, сите тие се сигнал дека мора да се преиспита сопствената вредносна понуда, односно како и што да му се понуди на пазарот, вели Ќуриќ.
Каква е општата „деловна дијагноза“ за малите и за средните претпријатија во земјите од регионот (сличности и разлики)?
С. Ќуриќ: Можам да кажам дека има голема сличност меѓу малите и средните претпријатија во регионов, но може да се поделат во две групи. Првата група се претпријатијата кои се развија од првата генерација и кои долго време се присутни на пазарот. Тие се во моментот кога за раст и за развој е потребен следен чекор, нови идеи и нови пристапи, како од постојниот или од страна на новиот менаџер, бидејќи промените во деловното опкружување се побрзи и бараат повеќе ангажирање.
Во втората група се „младите“ компании со нови производи и идеи, кои често имаат јасна визија и иновациска сила, но им недостасува сеопфатност. Тоа значи, иако знаат како да развијат нов производ, потребна им е помош во тоа како да ја изразат на повисоко ниво, било низ финансирањето било преку јакнење на продажните капацитети или поефикасна организација на дејствување, самостојно или со помош на партнери. Генерално постои простор за подигнување на продуктивноста во МСП.
Какво е искуството од Хрватска/Словенија во примената на моделот на деловна дијагностика од страна на хрватските/словенечките фирми во приближување на продуктивноста до европските компании?
С. Ќуриќ: Искуството од Хрватска и од Словенија покажува дека примената на бизнис дијагностика има смисла, но и резултатите зависат од подготвеноста на самите претпријатија да ги прифатат промените. Малите и средните претпријатија често се фамилијарно водени и се оптоварени со оперативни работи поради што им недостасуваат време и алатки да ја согледаат пошироката слика.
Треба да се нагласи дека успехот во ваквите процеси во голема мера зависат од квалитетот на самите бизнис-советници. Бизнис дијагностиката како пристап, всушност, ги насочува како приоритет да се стави целосната деловна состојба и на пазарот во кој се наоѓа претпријатието, а не таму каде што е компетенцијата на бизнис-советникот. Единствено тогаш се доаѓа до максимално приближување на очекуваното и на оствареното при ангажирањето на бизнис-советникот.
Каква е состојбата во самите претпријатија во Македонија и за општото деловно опкружување и колку тоа влијае за зголемување на продуктивноста и на конкурентноста во регионални и во европски рамки?
С. Ќуриќ: Состојбата во компаниите во Македонија покажува голем претприемачки потенцијал, но и одредени ограничувања. Повеќето мали и средни претпријатија и натаму се силно врзани за сопственикот, со ограничени менаџерски капацитети и често со недостаток од професионализација на работењето. Покрај тоа, продуктивноста е пониска во однос на европскиот просек, што произлегува од слабата капитална опременост, од недоволни вложувања во истражување и во развој, како и од повремени предизвици во достапноста на квалификувана работна сила. Поради тоа зголемувањето на продуктивноста и на ефикасноста мора да биде приоритет во македонските претпријатија. Без тоа ќе продолжи трендот на заминување на работниците од земјава во потрага за поголеми плати и за подобри услови.
МСП имаат отежнат пристап до поволни извори на капитал (но, и до енергија и до суровини), што влијае на вкупната конкурентност. Што треба да се промени во оваа насока?
С. Ќуриќ: Се согласувам дека еден од предизвиците во македонското деловно опкружување е отежнатиот пристап до поволни извори на капитал. Ова директно ја намалува конкурентноста на малите и на средните претпrијатија затоа што ги прави помалку отпорни на пазарни шокови и им ја намалува можноста за вложување во развој. Во основа, тоа е универзален проблем за претпријатијата.
Што се однесува до капиталот, потребно е да се развиваат флексибилни финансиски инструменти и да се прошири базата на учесници во финансирањето на МСП со вклучување на гарантни фондови, приватен капитал, дополнителни приватни инвеститори во раната фаза на развој (инвеститори ангели), како и поволни кредитни линии поврзани со приходот на претпријатијата како што е факторингот. Ваквите модели овозможуваат побрз пристап до обртни средства и поголема сигурност во финансиското планирање. Клучна улога има и државата во создавање на предвидлива регулаторна рамка.
Истовремено МСП мора да го завршат својот дел од работата: финансиите треба да бидат чисти и транспарентни, без мешање на приватното и на деловното, за да можат надворешните инвеститори и кредитори реално да ја согледаат состојбата во компанијата и да донесат одлука за финансирање.
Дали банкарскиот сектор ги следи новите интереси и потреби на деловните субјекти кои не се ориентирани само на примарното производство?
С. Ќуриќ: Банкарскиот сектор во регионов сè уште во голема мера е насочен на традиционалните модели на финансирање, пред сè поврзани со примарното производство и со материјалните гаранции. Тоа значи дека претпријатијата кои развиваат нови деловни модели, втемелени на знаење, на иновации или на услуги, често наидуваат на отежнат пристап до финансии. Повеќето банки нема да ја анализираат компанијата која нема барем две години финансиски извештај и имаат „нокаут“ критериум по оваа основа. Клучното решение лежи во проширување на базата на потенцијалните инвеститори и на инструментите за финансирање бидејќи со решението на традиционалното банкарство имаат ограничена можност за раст.
Ирина Аврамска Пашовска: Пазарот веќе ја препознава бизнис дијагностиката како стратешка алатка за одржлив раст

Каква е општата финансиска деловна слика за македонските деловни субјекти (МСП) по неколкугодишен транзициски период кон пазарна економија? Со кои финансиски предизвици се соочуваат во сегашниот и што се очекува во наредниот период?
И. Аврамска Пашовска: Финансиската слика на македонските МСП по транзицискиот период кон пазарна економија останува комплексна, обликувана од структурни промени, дигитализација и зелена транзиција. МСП сочинуваат над 90 % од активните компании, обезбедуваат половина од вработувањата и значаен дел од додадената вредност. Сепак, тие се соочуваат со сериозни финансиски предизвици: инфлација, раст на цените на суровините и на енергентите, нарушени синџири на снабдување, ограничен пристап до финансии и високи каматни стапки. Според Бизнис-мрежата, само 8,9 % од фирмите се со висок бонитет, додека 91,1 % имаат тешкотии со ликвидностa, што води кон претпазливи инвестиции, минимална експанзија и ограничено вработување. Домашните банки остануваат примарен извор на финансирање, а дополнителен притисок создаваат социјалната и политичката нестабилност, неформалниот сектор и парафискалните давачки. Во услови на зелена транзиција, приватниот сектор се соочува со барања за инвестиции во обновлива енергија, во енергетска ефикасност и во иновации − вложувања кои бараат предвидливи парични текови и поддршка надвор од класичните комерцијални кредити.
Бизнис дијагностиката е нов тип на услуга за што кај нас постои недоволна информираност и кај самите раководители и сопственици на МСП. За што станува збор?
И. Аврамска Пашовска: Бизнис дијагностиката е професионална услуга за темелна проценка на финансиските, на организациските и на оперативните параметри на компанијата. Таа овозможува анализа на профитабилност, на ликвидност, на структура на трошоци и на капитал, на ризици, на пазар и на конкуренција, како и анализа на продуктивноста. Резултатот е тродимензионална слика за реалната состојба, за скриените слабости и за можностите за усовршување, реструктурирање или раст.
За разлика од класичните анализи или стратегии, дијагностиката во оваа форма е новитет кај македонските компании. Таа им дава систематски пристап за следење на финансиското здравје, брза евалуација на деловните модели и навремено препознавање на ризиците. Најважно, ја поместува логиката од реактивно кон проактивно управување − предуслов за модерното работење на малите и на средните претпријатија.
За македонските мали и средни компании подолго време постои уверувањето дека се хронично „зависни“ од банкарски ликвидни средства. Колку користењето на моделот на деловна дијагностика може да придонесе за подобро надминување на финансиските предизвици во една компанија?
И. Аврамска Пашовска: Уверувањето дека МСП се хронично зависни од банкарски ликвидни средства произлегува од историјата на финансирање преку кредити, односно од недоволно развиен домашен пазар на капитал. Ова ги прави компаниите чувствителни на банкарски шокови, на променливи каматни стапки и на барања за обезбедување. Примената на моделот на деловна дијагностика овозможува компанијата да препознае проблеми во паричниот тек, недоволно користени ресурси, нерационални трошоци и можности за подобро прилагодување. Преку целосна проценка и стратешко планирање, управителите можат да го редуцираат нивото на финансиски ризик, да ја зголемат ефикасноста, да ја подобрат ликвидноста и да се позиционираат за привлекување на алтернативни извори на капитал, вклучително приватни фондови, бизнис ангели, а не би ја исклучиле и можноста да се размислува за издавање на корпоративна обврзница или пак преку примарна понуда на акции на берза. Со тоа бизнис дијагностиката се наметнува како практичен инструмент за градење финансиска отпорност и треба да се користи како основа при носење значајни деловни и стратешки одлуки.
Колку управителите во македонските компании се доволно свесни за проблемите со кои се соочуваат во тековното финансиско работење на фирмата?
И. Аврамска Пашовска: Управителите во македонските компании генерално се свесни за тековните финансиски проблеми, но таа свесност често останува на ниво на „гасење пожари“ наместо на систематски пристап. Најчесто се концентрираат на краткорочна ликвидност и плаќање на обврски, додека подлабоките прашања како структура на трошоци, продуктивност или долгорочна финансиска стратегија − се помалку анализирани. Недостатокот на обуки и ограничената примена на современи дигитални алатки дополнително го отежнува процесот. Сепак, со растечката конкуренција и вклучувањето на меѓународни инвеститори, кај сè поголем дел од сопствениците/менаџерите се гледа зголемена подготвеност да бараат поддршка преку консултантски услуги, тренинзи и нови методи за подобро управување.
Дали сегашните услови на домашното банкарско кредитирање се поволни за компаниите да размислуваат за поголеми инвестициски проекти, а со цел подобрување на нивната продуктивност и на нивната конкурентност?
И. Аврамска Пашовска: Иако на пазарот постојат различни банкарски продукти за финансирање, најголемиот дел од малите и од средните претпријатија немаат реален пристап до кредити за поголеми инвестиции, за модернизација или за зелена транзиција. Строгите услови за обезбедување, конзервативната политика на одобрување и фокусот на банките на сигурноста на наплатата ги ограничуваат можностите за вложувања со повисок ризик какви што се иновациите и зелените проекти. Оваа состојба значително го намалува трансформацискиот капацитет на приватниот сектор и го забавува темпото на дигитален и на зелен развој. Истражувањата покажуваат дека токму ограничениот пристап до финансирање е една од најчестите бариери со кои се соочуваат македонските менаџери и сопственици на МСП. Треба да се има предвид и дека банкарското кредитирање има свој максимум во однос на ризикот и на капацитетот на компаниите, па затоа се неопходни алтернативни извори на капитал − приватни фондови, обврзници или јавно-приватни партнерства.
Какви се другите финансиски опции за компаниите како нови извори на капитал (можност за спојување или за преземање од други поголеми компании, издавање корпоративни обврзници, понуда на акции на берза и сл.)?
И. Аврамска Пашовска: Компаниите, покрај класичните банкарски кредити, располагаат со низа алтернативни извори на капитал: привлекување стратешки инвеститор или фонд (приватен капитал/ризичен капитал [private equity/venture capital]) за раст и за пазарна експанзија, примарна јавна понуда на акции за прибирање сопственички капитал и поголема видливост, како и издавање корпоративни обврзници во услови на стабилен паричен тек и дисциплина во известувањето. Еве, на пример, за поголеми, за зелени инвестиции сè почесто се користат „зелени“ и одржливи обврзници. Како мост меѓу долг и сопственички капитал се применуваат мезанин финансирање и конвертибилни заеми, а за брзи оперативни потреби − лизинг и факторинг. Во услови на консолидација или на експанзија важна алтернатива се спојувања и преземања (МА [M&A]) со делумна или со целосна продажба на удел за свеж капитал и синергии. Сeпак, изборот на инструмент зависи од целта на компанијата, од ризик-профилот и од подготвеноста за транспарентно управување.
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.