Економија

Просечната цена на кошница со производи во Грција е 140,20 евра

Цените на вообичаената кошничка за домаќинства во грчките супермаркети и понатаму се пониски во споредба со Франција, Англија, Италија, Шпанија, Португалија, Германија и Романија, додека Грција бележи најголема даночна оптовареност од ДДВ меѓу седумте анализирани земји, покажуваат резултатите од истражувањето на грчкиот Институт за истражување на малопродажба на стоки за широка потрошувачка (ИЕЛКА), јави дописничката на МИА од Атина.

Во истражувањето биле споредени цените во супермаркетите во Грција во септември 2025 година и соодветно во останатите седум земји, а споредбата е направена со и без вредноста на ДДВ, што е различно во секоја земја.

Биле анализирани цените на вкупно 40 категории производи со примерок од над 6.000 цени на производи и 44 различни синџири на супермаркети во вкупно осум земји за да се пресметаат просечните цени.

Просечната цена на кошница со производи во супермаркет во Грција е 140,20 евра со ДДВ (121,33 евра без ДДВ), додека во Португалија е 141,02 евра (126,1 без ДДВ), во Велика Британија 154,55 евра (147,50 евра), во Шпанија 157,38 евра (143,20 евра без ДДВ), во Италија 160,86 евра со ДДВ (147,49), Романија 161,61 (141,60 евра без ДДВ), во Франција е 182,59 (167,46 без ДДВ), а најскапа е во Германија 186,16 евра со ДДВ и 169,35 без ДДВ.

- Споредбата на просечните цени на кошниците покажува дека и другите земји имаат значително поскапа просечна кошничка од Грција, 33 отсто во Германија, 30 проценти во Франција, 10 отсто во Обединетото Кралство, 15 проценти во Италија, 12 отсто во Шпанија, 15 проценти во Романија и 1 отсто во Португалија, пишува во извештајот на ИЕЛКА. 


 

Извор МИА

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано