Бизнис
(ВИДЕО) АНДРЕА СЕРАФИМОВСКИ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „ДРЖАВАТА ТРЕБА ДА ГИ ПОДДРЖУВА ДОМАШНИТЕ ГРАДЕЖНИ КОМПАНИИ“
23.10.2025г
Во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески гостин е Андреа Серафимовски, член на Управниот одбор на ГД „Гранит“ АД Скопје и претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора. Своето професионално искуство го гради во градежниот сектор, со директно учество во изградбата на голем број значајни објекти во земјава и во странство. Тема на дискусијата во поткастот се состојбите и предизвиците во градежниот сектор во нашата држава и во регионот.
Професионалната кариера Серафимовски ја започнал како градежен инженер во оперативата на ГД „Гранит“ АД Скопје, компанија со 75-годишна традиција, која зад себе има голем број капитални објекти создадени низ децениите, преку кои се здобил со практичното искуство во областа на градежништвото, учествувајќи во изградбата на повеќе објекти од високоградбата и од нискоградбата.
За компанијата тој вели: „Во минатото ’Гранит’ АД беше дел од големата четворка на светски градежни компании, перпознатлива по своите градби низ светот. Денес, и покрај промените во регионот и пошироко, останува меѓу четирите признати компании во регионот“.
„’Гранит’ значи систем поставен на здрави темели. Кога доаѓате да работите во ГД ’Гранит’, на почетокот не придонесувате, туку учите од системот сè што ви е потребно. Компанијата нуди можности за професионален раст и развој, а секоја алка што е поставена во компанијата има своја вредност која придонесува во создавањето зголемена вредност“, додава Серфимовски.
Поради неговата посветеност и неговите резултати, во 2011 година е назначен за директор на новоформираната организациска единица Високоградба, а во 2015 година ја презема функцијата директор на новиот сектор Оператива, кој управува со изградбата на автопатишта, аеродроми и други објекти од нискоградбата, како и со услужните дејности – механизација, каменоломи, бетонски и асфалтни бази.
Говорејќи за можностите за напредување на компанијата, Серафимоски потенцираше: „Во ’Гранит’ секој може да напредува затоа што за компанијата најважни се знаењето и стручноста. Во 2013 година тогашниот директор на компанијата Страшо Милковски, човек со визија, ја смени целата генерација во компанијата и вработи млад кадар од инженери. Денес тие се успешни проектни менаџери и директори во компанијата. Компанијата користи кадар и од странство, кој придонесува со својата стручност и со кој разменуваме искуства и знаења.“
Во поткастот Серафимовски се осврна и на општата состојба во градежниот сектор истакнувајќи дека градежништвото е една од трите најголеми стопански гранки во земјава, со околу 50.000 вработени, но смета дека потенцијалот не е доволно искористен. Според него, градежништвото може да биде мотор на економијата, со потенцијал да стане наш најголем извозник и на работна сила и на прилив на странски капитал.
Серафимовски додаде дека македонското градежништво има потенцијал за развој, само што се потребни долгорочна стратегија и краткорочни мерки за да се искористи потенцијалот кој може да овозможи создавање додадена вредност на економијата, и во земјата и на странскиот пазар.
„Зад секоја голема градежна компанија во другите држави стојат државните институции. Без поддршка од државата градежните компании не можат да опстанат бидејќи токму државата ги пропишува тековните инвестиции“, потенцира тој.
Серафимовски ја поздрави соработката со Владата воспоставена преку работното тело на иницијатива на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, кое се состанува еднаш неделно и кое ги поттикнува активностите во градежништвото.
„Во овој период има реално придвижување на работите, а Владата за првпат е поставена како партнер на активностите, а не како оценувач. Сите чинители мора да дејствуваат заедно, без потчинети и надредени страни, за рамноправно да се решаваат предизвиците“, додаде Серафимовски.
Во текот на својата кариера добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои признание за најдобро остварување од областа на градежното конструкторство за категоријата изведба на конструкции (2015 година) за објектите Државен архив на РМ, Уставен суд на РМ и Археолошки музеј Скопје и за изведбата на кровот и на фасадите на објектот Македонска филхармонија во Скопје (2017 година), за која доби и специјално признание од Министерството за култура, како и признание на 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (2022 година) за изведбата на мостот на бул. „АСНОМ“ (II фаза) од ул. „Васко Карангелески“ до ул. „Индустриска“, како за особено достигнување во градежното конструкторство.