Бизнис
Почнува зимскиот ред на летање
24.10.2025
Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година стапува во сила викендов. Од Меѓународниот Аеродром Скопјe ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер дестинации на кои ќе сообраќа една авиокомпанија. Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании, информираа за МИА од ТАВ Македонија, концесионер на македонските аеродроми.
Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона, што ќе трае до крајот на март следната година. Девет од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата Виз Ер, со субвенции од Владата. Тоа се летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, што ќе започнат на 27-ми овој месец, а на истиот датум ќе започне и воздушната линија од Охрид до Базел. На 28-ми октомври, главниот град првпат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден на распоредот за летање се враќа и линијата до Ларнака. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн.
Од 30 март 2026 година двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации. Од Меѓународниот аеродром во Скопје, Виз ер ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нова дестинација за одмор во Италија – Неапол, дестинација за која очекуваме многу голема побарувачка. На 30 март 2026 година, Аеродромот Св. Апостол Павле од Охрид ќе биде поврзан со Милано. Десеттата нова дестинација е линијата од Скопјe до Женева, која ИзиЏет ќе ја врати на 3 ноември.
Како што објави Агенцијата за цивилно воздухопловство во зимската сезона од 26 октомври до 28 март следната година од Скопје ќе се лета до Виена, Белград, Атина, Загреб, Варшава, Франкфурт, Сандефјорд, Гетеборг, Малме, Ајндховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Фридрихсхафен, Меминген, Франкфурт Хан, Базел, Нирнберг, Берлин, Милано, Хамбург, Венеција, Братислава, Рим, Баден-Баден, Малта, Болоња, Љубљана, Лондон, Стокхолм, Прага, Штутгард, Ларнака, Келн, Лион, Бари, Мадрид, Женева, Истанбул, Измир, Анталија, Цирих. Дестинациите од Охрид се: Цирих, Базел, Дортмунд, Виена, Меминген.
Од ТАВ Македонија велат дека нивниот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток. - Од постојните пазари во наредниот период, ќе се фокусираме на поголема поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство, информираше генералниот извршен директор Неџат Курт.
Можности за воспоставување нови директни авиолинии се отвораат и со Договорот за редовен воздушен сообраќај со Велика Британија, што го потпишаа вицепремеирот и министер за транспорт Александар Николоски и англискиот министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација Киер Метер на 23. месецов во Лондон.
Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужиле 2.585.096 патници во првите девет месеци од годинава што е зголемување од шест проценти во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период има зголемување и на бројот на летови - за три проценти во споредба со минатата година, односно на двата аеродрома се опслужени 20.141 лет од почетокот на годината до септември.
Преку Меѓународниот Аеродром Скопјe се превезени 2 375 264 патници, што е за 5,4 процент повеќе од минатата година, а Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид забележа двоцифрен пораст од 16,2 процент со 209.832 превезени патници.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис