Општество
Саем за миленичиња, викенд посветен на кучињата згрижени во „Лајка“
24.10.2025
Трговскиот центар „Дајмонд“ од денеска до недела во соработка со јавното претпријатие „Лајка“ ќе го одбележи вториот роденден со настани посветени на кучињата згрижени во „Лајка“.
Ќе се одржи саем за миленичиња, парада на хуманоста и концерт на кој ќе настапат Викторија Лога, Лозано, Тамара Тодевска и Драган Мијалковски.
Организаторите најавуваат настан исполнет со љубов, добрина и шанса за подобар живот на бездомните кучиња.
- Роденденот е повеќе од прослава – тоа е повик до сите да помогнат, да донираат или да подарат љубов на оние што немаат свој дом. Настан кој ги спојува семејствата, децата и љубителите на животни, потсетувајќи дека грижата за миленик е одговорност, а не тренд. Во текот на целата роденденска недела, посетителите ќе можат да ја посетат донаторската зона и „Ѕвездите на Лајка“ – простор посветен на кучињата кои моментално се згрижени во Лајка и со нетрпение очекуваат да бидат вдомени. Секој гостин ќе има можност да ги запознае, да дознае нешто повеќе за нивните приказни и – можеби – да си замине дома со нов верен пријател, велат од ЈП „Лајка“.
На саемот за миленичиња ќе бидат присутни ветеринари и едукатори кои ќе споделат совети за одговорно сопствеништво и грижа за миленик, а утре ќе се одржи парадата на хуманоста во друштво со Биби, Боби и жирафата Жижи.
Концертот на македонските музички ѕвезди ќе се одржи во недела.
Извор/фото МИА