Бизнис

Влатко Сулев: Мудрите луѓе инвестираат во искуства од патувања, а не во материјални добра!

Лек за брзиот начин на живот кој акумулира стрес, се патувањата, тие ни ги полнат батериите, ни овозможуваат да доживееме нешто ново, поинакво, едноставно ни помагаат полесно да се справуваме со стресот.

Самата помисла дека ќе се патува некаде веднаш буди прекрасна емоција. Вложувањето во патување е вложување во духовен развој. Патувањата се емоционално вложување, кое трае цел живот! Тие се форма на самоизразување и животна филозофија, можност да се стигне до подлабоки искуства, личен раст, начин да се чувствуваме „поврзани“ со себе, со блиските, со природата, со други култури.

Кога ќе се свртиме назад во минатото, единствено што ни останува длабоко врежано во меморијата тоа се доживувањата од патувањата, средбите со луѓе од други култури, па дури и да се патувања до некоја блиска дистанца, соседен град или некое место случките се паметат и се раскажуваат.

Патувањата не се само бегство од секојдневието. Во светот се забележува глобален тренд: наместо купување нови автомобили, брендови и техника, луѓето избираат да посетат нова дестинација, да кампуваат под ѕвездите, да научат да готват некое нетрадицинално јадење, да дoживеат некое ново автентично искуство.

Патувањата се поврзани со индексот на среќа. Колку една нација почесто патува толку е посреќна. И тоа не мора секогаш да се далечни, скапи патувања. Некогаш вистинските бисери се близу нас. Беровското езеро, езеро Мантово во радовишко, посета на винарница Кукутанов или пак на гастро доживување во Дојран, со вкусување на дојрански крап.

Туризмот денес доживува трансформација од материјално кон емотивно. Денешниот турист не бара луксуз, туку приказна. Тој сака: да слушне од стариот рибар како се живеело во Струга пред 50 години, да вкуси домашен ајвар во Демир Хисар, да се качи на врвот на планина и да почувствува слобода што не може да се опише. Патувањата денес се емоционално вложување, „жив спомен“ a не нешто што ќе го обесиш на ѕидот....тие се искуство што се носи во срцето. Она што порано беше „луксузен автомобил“ денес е „луксузна авантура“.

Она што порано беше „нова куќа“ денес е месец работа од Бали или викенд на Преспа со шатори. Ова е промена посебно изразена кај младите генерации, кои бараат вредност и значење, и тоа не во она што го поседуваат, туку во она што го доживуваат. Не бараат хотел со пет ѕвезди, туку пет локални приказни. Патувањето не е повеќе луксуз. Тоа е приоритет! Тоа е новиот начин на живеење. Во време кога светот се движи брзо, луѓето бараат нешто што ги забавува, враќа кон суштината.

Искуството е новата валута. А нашата земја е богата со приказни, само треба да ги раскажеме. Сето ова треба да се имплементира во стратегијата за туризам. Ова е правецот во кој треба да одиме.

 

За авторот:

Влатко Сулев е Генерален менаџер на Balkan Prime Tours, Vice President на Spiti World Network  бизнис мрежа на тур оператори кои работат дојдовен туризам и претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ). Balkan Prime Tours е компанија која организира тури во Македонија и на балканот за странски туристи од 2007 година. Благодарение на оваа компанија илјадници странски туристи изминативе години ја имаат посетено Македонија, што ги прави вистински промотери и амбасадори на нашата земја и Балканот. Компанијата има своја канцеларија во Скопје, но и во Софија, Подгорица и Тирана, соработува со огромен број на хотели, ресторани и семејни туристички работници од регионот, за да креира автентични туристички понуди според желбите на туристите.

ПРЕПОРАЧАНО