Економија

Белгија ќе ограничи колку од струјата можат да трошат центрите за ВИ

Белгискиот оператор на електрична мрежа објави дека може да ја ограничи потрошувачката на енергија на центрите за податоци за да обезбеди снабдување на други потрошувачи во индустријата.

Центрите за податоци треба да бидат одвоени во посебна категорија потрошувачи со прецизно дефинирани и ограничени мрежни капацитети, предложи операторот Елија.

Ова би гарантирало пристап до мрежата за други сектори. Центрите за податоци сè уште би можеле да одржуваат флексибилни врски во периодот на „загушување“ на мрежата и ограничени капацитети.

Големите технолошки компании трошат милијарди долари за технологија на вештачка интелигенција и центри за податоци, а земјите ширум светот се борат да најдат решенија за да ја задоволат зголемената побарувачка за електрична енергија.

„Таков обем на потрошувачка не беше предвиден за време на планирањето на различните сценарија за оптоварувањето на белгиската енергетска инфраструктура“, нагласи операторот.

Центрите за податоци во Белгија денес трошат девет пати повеќе електрична енергија отколку во 2022 година, а резервираниот капацитет за 2034 година е веќе двојно поголем од осумте терават часови предвидени во националниот план за развој на мрежата, објави операторот од Белгија.

Трендот на потрошувачката на електрична енергија во центрите за податоци ќе биде тема на новиот план за развој на мрежата во периодот од 2028 до 2038 година, изјави оваа недела во парламентот министерот за енергетика Матие Бије, пренесуваат медиумите.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано