САД и Кина постигнаа „прелиминарен консензус“ во Малезија за решавање на нивните трговски спорови, изјави денес во Куала Лумпур еден од главните кинески преговарачи, неколку дена пред очекуваниот разговор меѓу претседателите на двете земји, Доналд Трамп и Си Џинпинг.
„Кина и САД конструктивно истражија соодветни решенија за прашања што ги засегаат двете страни и постигнаа прелиминарен консензус“, изјави Ли Ченганг, кинески претставник за меѓународна трговија и заменик-министер за трговија, за новинарите по дводневните билатерални разговори во малезискиот главен град.
Разговорите следеа по одлуката на Кина да воведе ограничувања за извозот на ретки минерали потребни за модерните технологии и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе дополнителни тарифи од 100 проценти за кинеските стоки.
Трамп, исто така, изрази увереност дека договорот е близу.
„Тие сакаат да постигнат договор и ние сакаме да постигнеме договор“, рече Трамп.
Најважниот дел од азиската турнеја на Трамп треба да биде средбата во Сеул во четврток со кинескиот претседател Си Џинпинг. Тие ќе присуствуваат на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во тој град.
„Мислам дека ќе постигнеме добар договор со Кина“, изјави Трамп за новинарите.
Американскиот министер за финансии Скот Бесант денес оцени дека разговорите со кинескиот вицепремиер Хе Лиенг во Куала Лумпур овозможиле подготовка на состанокот на нивните лидери „во многу позитивен контекст“, пренесува Данас.
Фото Економија и бизнис