Бизнис
Експертите препорачуваат земјите од Западен Балкан да ги усогласат стандардите со ЕУ за да го зголемат учеството на жените во корпоративното управување
27.10.2025г
Постигнување родова еднаквост во рамки на раководните структури на компаниите може да го зголеми БДП на Европа за до 3 трилиони евра до 2050 година. Земјите од Западен Балкан кои ги усогласуваат своите прописи со Директивата на ЕУ за жени во управни одбори (Директива 2022/2381), имаат потенцијал да остварат и економски и политички бенефит. До овој заклучок се дојде на тркалезната маса „Унапредување на родовата еднаквост во лидерството и управувањето“. Настанот, организиран од Women on Boards Adria (WOBA) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), собра повеќе од 50 експерти, креатори на политики и бизнис-лидери од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, во Стопанската комора на Северна Македонија во Скопје.
Дискусијата стави фокус на она што е неопходно за практично остварување и унапредување на разновидноста во рамки на раководните органи: јасни законски цели за котираните компании (како што предвидува Директивата 2022/2381 на ЕУ), транспарентни постапки на избор, редовно известување и санкции. Учесниците ги споредија пристапот на земјите од Западен Балкан со искуствата на земјите од ЕУ и ги поврзаа аргументите за добро управување со економските придобивки од намалување на родовите јазови.
Директивата на ЕУ за жени во управни одбори предвидува две јасни патеки на усогласеност за котираните компании: најмалку 40% од местата на неизвршните директори или 33% од сите позиции во одборите да им припаѓаат на помалку застапениот пол до 30 јуни 2026 година, со задолжително годишно известување, корективни мерки и, каде што е потребно, санкции како парични казни или поништување на именувања што не се во согласност со регулативата.
За да го засили своето влијание врз родовата еднаквост, Групацијата ЕИБ усвои посебна стратегија и акционен план за интегрирање на економското зајакнување на жените низ сите свои активности, кредитирање, комбинирање на инструменти и советодавни услуги, и во ЕУ и надвор од неа.
„Компаниите и организациите со разновидно раководство имаат подобри резултати и повисоки перформанси“, изјави Бјорн Габриел, претставник на ЕИБ во Северна Македонија. „Бизнис-аргументот за родова еднаквост е недвосмислен. Тоа носи поголем раст, просперитет и стабилност на нашите економии. Затоа во рамки на Групацијата ЕИБ ја вградивме родовата еднаквост и економското зајакнување на жените во нашиот бизнис-модел.“
„Родовиот баланс во управните одбори денес е правен стандард на ЕУ. За владите и бизнисите низ Западен Балкан, тоа нуди јасна патека кон моделот на управување што се очекува во европскиот систем кон кој тежнеат. Во ЕИБ ја поддржуваме оваа цел со финансиски и советодавни алатки што им помагаат на компаниите да ги искористат инвестициските можности што ги нуди разновидноста“, додаде Габриел.
На настанот, Women on Boards Adria (WOBA) презентираше ново истражување што ги споредува законите и нивното спроведување во земјите од ЕУ и шесте земји од Западен Балкан. „Нашето истражување покажува јасна поврзанот: кога правилата се обврзувачки, бројките растат и се одржуваат; кога се само препораки, напредокот заостанува“, рече Билјана Брејтвeјт, претседателка на WOBA.
„Пренесувањето на целите од ЕУ во национално право, заедно со транспарентни правила за избор, им носи јасност на компаниите и поширока, поквалитетна база на таленти за раководните органи. Тоа може да го подобри управувањето со компаниите, нивните резултати и јавната доверба. Едноставно кажано, тоа е паметен бизнис-потег“, додаде Брејтвeјт.
„Родовата еднаквост не е само политичка цел — таа е прашање на заеднички напредок и просперитет. Обезбедувањето целосно учество на жените во лидерството низ сите сектори — политика, бизнис и граѓанско општество — е клучно за изградба на инклузивна и одржлива иднина“, истакна Н.Е. Михаилис Рокас, амбасадор на ЕУ во Северна Македонија.
Амбасадорот посочи дека несвесните предрасуди, традиционалните родови улоги и отсуството на политики за унапредување на односите во семејството и натаму го попречуваат напредувањето на жените во Северна Македонија.
„Затоа обуките, менторството за лидерство и родово одговорното буџетирање се неопходни за суштинска промена. Ниту едно општество не може да си дозволи да го остави неискористен својот женски потенцијал“, рече амбасадорот Рокас.
Ирена Радовиќ, гувернерка на Централната банка на Црна Гора и основачка на Women on Boards Montenegro 2023–2026, одржа воведно излагање за напредокот на Црна Гора во унапредување на родовата еднаквост во лидерството. Таа нагласи дека, согласно изменетиот Закон за стопански друштва, Црна Гора ги применува целите на ЕУ, поткрепени со парични казни, а од 30 јуни 2026 година Централниот регистар ќе може да одбие упис на членови на раководства што не се во согласност со правилата. Таа ја воспостави и програмата Women on Boards Montenegro 2024–2026 за подготовка на нова генерација жени подготвени за членство во одбори, и од јавниот и од приватниот сектор.
„Лидерството значи да се гради доверба преку интегритет, да се обезбедува стабилност во неизвесни времиња и да се отвораат можности за нови мислења во раководството. Како гувернерка, посветена сум на поттикнување инклузивен раст и финансиска отпорност, но и на создавање простор повеќе жени да учествуваат во обликувањето на одлуките на највисоките нивоа на економското и монетарното управување“, истакна Радовиќ.
Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси на Северна Македонија, Сања Божиновска, Сања Божиновска истакна дека Министерството, во партнерство со WOBA, работи на поголемо вклучување и оснажување на жените во енергетиката и рударството, сектори што традиционално се сметаат за машка област, во согласност со духот на Директивата на ЕУ за жени во управни одбори.
„Кога жените се дел од процесите на одлучување, енергетските политики се попаметни, ресурсите се користат поефикасно, а институциите стануваат поправедни и поотпорни. Вклучувањето на повеќе жени во лидерството не е само прашање на еднаквост — тоа е прашање на подобри резултати,“ рече министерката Божиновска.
Таа нагласи дека владите треба да се погрижат овие прашања да не останат на маргините, туку да бидат во сржта на јавните политики, и дека е неопходно новите генерации жени да имаат јасен пат кон лидерството.
„Наш приоритет е застапеност и видливост: повеќе жени на кратките листи за раководни позиции, редовно следење и јавно објавување на напредокот во институциите од секторот, како и партнерства за менторство и STEM што ќе ја отворат патеката за следната генерација таленти,“ додаде министерката Божиновска.
Кармен Нитхамер, виша специјалистка за родови прашања во ЕИБ, објасни зошто оваа тема е важна и за растот и за управувањето. „Лидерството на жени е важно и за климатската акција. Компаниите со најмалку 30% жени во одборите значајно ги надминуваат конкурентите во амбицијата и транспарентноста на климатските политики. Кога до раководните органи доаѓаат повеќе перспективи, компаниите порано препознаваат ризици, поддржуваат посилни стратегии и привлекуваат таленти. Со други зборови — ги прошируваат своите видици. На системско ниво, тоа води до повисока продуктивност и посилни економии, поради што ги интегрираме родовите аспекти во нашето финансирање, советување и климатски операции“, рече Нитхамер.
Тања Михајловска Димитриевска, главна амбасадорка на WOBA за Северна Македонија, изјави дека земјата има талент, но сѐ уште ѝ недостига правен механизам кој ќе направи избалансираните управни одбори да бидат правило, а не исклучок. „Кај нас, во Северна Македонија, жените заземаат само околу едно од пет места во управните одбори на котираните компании, бројка што речиси и да е променета веќе една деценија. Тоа не е одраз на способноста, туку на можностите. Веќе гледаме како новиот пристап на Црна Гора, кој ги спојува целите со спроведување, носи резултати. И искуството од европските земји што воведоа законска обврска за повеќе жени во управните одбори покажува јасен напредок. Hе само во родовата еднаквост, туку и во деловните резултати, отпорноста и стабилноста. За Северна Македонија, ова е пресуден момент — време е принципите да се претворат во акција“, заклучи Михајловска Димитриевска.
За Западен Балкан, следењето на Директивата на ЕУ за жени во управни одбори може да има двоен ефект. Прво, да обезбеди мерлив напредок кон усогласување со ЕУ, преку отсликување на корпоративните стандарди за управување што се воспоставени на единствениот пазар и да ги унапреди аргументите за пристапување кон Унијата. Второ, да помогне во отворање на значајна економска можност. Истражувањето на Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE) покажува дека намалување на родовите јазови во лидерството може да го зголеми БДП на ЕУ за 6,1 до 9,6 проценти до 2050 година — еквивалентно на околу 3 трилиони евра. За помалите и динамични економии на Западен Балкан, и дел од тој потенцијал може да значи посилен раст, поголеми инвестиции и повисока конкурентност.