Интервјуа

ИНТЕРВЈУ | Петар Ниновски, основач и главен извршен директор на Бреинстер Групацијата: Македонските наставници пред нова ера: ВИ како алатка, не како закана

Разговор со Петар Ниновски, основач и главен извршен директор на Бреинстер Групацијата, за предизвиците и за придобивките од воведувањето на ВИ во образовниот процес

Светот се соочува со брз технолошки напредок и вештачката интелигенција сè повеќе станува составен дел од повеќето сегменти во животот на луѓето. Како развојот на ВИ се одразува на образовниот систем?

П. Ниновски: Вештачката интелигенција е најголемата можност што ја има образованието во последниве децении. Таа ни дозволува да направиме скок од еднонасочна, стандардизирана настава кон персонализирано, флексибилно и многу поинтересно учење. Учениците добиваат алатки што им помагаат да напредуваат во свое темпо, а наставниците добиваат партнери што им заштедуваат време и им овозможуваат да се посветат на она што е најважно, а тоа е повеќе интеракција, инспирацијата и мотивацијата на учениците.

Покрај широките можности што ги нуди ВИ во унапредување на образованието, тоа носи и нови предизвици. Колку примената на новите алатки на учење може да се одрази на досегашниот начин на настава, како и за ризикот од губење на работните места во образовните институции?

П. Ниновски: Ќе го промени драматично, но на позитивен начин. Вештачката интелигенција ќе ги преземе рутинските работи: креирање тестови, проверка на домашни, административни извештаи. Но, наставникот не исчезнува. Напротив, тој станува уште поважен како ментор и лидер. Јас често велам: вештачката интелигенција нема да нè замени, туку оние кои ја користат ќе ги заменат луѓето кои не ја користат. На вештачката интелигенција не треба да гледаме како на закана, туку како на можност за професионална надградба.

Каква е состојбата во Македонија кога станува збор за примената на ВИ во наставниот процес?

П. Ниновски: Сега е вистинскиот момент да започнеме со сè што подразбира воведување алатки од вештачка интелигенција во нашето образование. Со Министерството за образование потпишавме меморандум со кој за првпат системски се отвора вратата за вештачката интелигенција во средните училишта. Веќе се подготвуваат насоки за наставниците. Бреинстер заедно со МОН ја започнува најголемата обука досега, „ВИ во училница“, преку која наставниците од средните училишта ќе имаат можност да следат 8 различни ВИ-курсеви секој месец, од врвни инструктори во областа, со меѓународно искуство кои доаѓаат од Мајкрософт, Линкдин, Гугл, Тесла, Амазон.

Колку развивањето вештини од ВИ може да ја подобри конкурентноста на кадрите кои подоцна би се нашле на пазарот на трудот?

П. Ниновски: Драстично. Вештините поврзани со вештачката интелигенција денес се она што беше англискиот јазик или компјутерската писменост пред 20 години − основа за секоја кариера. Компаниите веќе започнаа да бараат луѓе кои умеат да користат ВИ-алатки, без разлика дали се во ИТ, маркетинг, медицина или право. Нашите млади, ако уште во средно учат како да ја користат вештачката интелигенција, ќе бидат конкурентни не само дома туку и глобално. Со тоа не само што ќе најдат подобри работни места туку ќе креираат и нови бизниси и иновации. Реалноста е дека, доколку сакаме да останеме конкурентни и релевантни, мора да станеме израснати со вештачка интелигенција. Да ја користиме вештачката интелигенција природно и вешто, како што на пример, течно и природно го говориме мајчиниот јазик. На крајот од денот секој еден од нас треба да си го одговори прашањето дали ќе остане некој кој само гледа од страна или ќе биде активен играч кој ја креира иднината користејќи ги сите можности кои ги нуди дигиталната ера во која живееме.

Започнувате со обуки на наставниот кадар во средните училишта. Колку професорите од средните училишта се подготвени за примената на новите вештини што ги носи ВИ?

П. Ниновски: Значајниот потенцијал им е веќе видлив: имаат голема желба да ги прошират своите знаења и вештини, да бидат релевантни и да ги донесат новите технологии, особено вештачката интелигенција до своите ученици. Некои од нив веќе експериментираат со дигитални алатки, но за мнозинството ова е нов терен. Токму затоа започнува „ВИ во училница“, бесплатна, напредна обука која Бреинстер ја спроведува заедно со МОН, а е наменета за наставниците од средните училишта, кои сакаат да бидат лидери на дигиталната револуција и да го модернизираат образованието однатре.
Оваа програма е внимателно дизајнирана да им даде на наставниците практични вештини за интегрирање на вештачката интелигенција во сите фази од наставата: од подготовка и комуникација до оценување и, секако, да внесе нов ентузијазам во училниците. Наставниците ќе добијат пристап до 8 различни ВИ-курсеви месечно, поддржани од инструктори со меѓународно искуство кои доаѓаат од Мајкрософт, Линкдин, Гугл, Тесла, Насдак, Амазон, како и ментори кои ќе им нудат персонализирана поддршка за време на обуката, но и по нејзиното завршување.
Наставниците од средните училишта имаа можност до 12 септември на страницата на МОН да ја пополнат апликацијата за „ВИ во училница“ и оние кои ќе го поминат процеост на селекција од 1 октомври да ги започнат напредните курсеви за вештачка интелигенција.

Како главен предизвик се наметнува прашањето како да ја вклучиме вештачката интелигенција во наставната програма на начин што е корисен за учениците, но притоа да биде и етички.

П. Ниновски: Со јасни правила. Учениците мора да знаат дека вештачката интелигенција е помошник, а не замена за нивното размислување. Наставниците треба да креираат задачи што бараат критичко мислење и личен придонес, дури и кога ќе се користат ВИ-алатки. Треба да се зборува и за приватност, безбедност и академски интегритет. Ако тоа го направиме системски, тогаш вештачката интелигенција ќе биде корисен партнер, а не ризик.

Каков е ризикот учениците да станат „зависни“ од ВИ и како да се зачуваат индивидуалноста и креативноста во образовниот процес?

П. Ниновски: Клучот е баланс. Вештачката интелигенција може да поттикне идеи, но ученикот мора сам да ги развие. Задачите треба да бараат лична интерпретација, аргументација, креативно решение. А наставата треба да вклучува и активности надвор од технологијата, како што се уметност, спорт, природа, а целта е да се негуваат сите аспекти на креативноста. Ако ги научиме младите дека вештачката интелигенција е алатка, а не одговор на сè, ќе им помогнеме да ја зачуваат индивидуалноста.

Со МОН склучивте договор за соработка. Кој е примарниот фокус и што значи тоа за воведувањето на ВИ во нашиот образовен систем?

П. Ниновски: Фокусот е да ја направиме вештачката интелигенција дел од нашето образование, и тоа системски. Не како изолиран проект, туку како национална стратегија. Обуките за наставници, насоките за примена, пилот-проектите и вклучувањето на претприемништвото се дел од тој пакет. Со овој меморандум државава покажа дека сака не само да ги следи светските трендови туку и да учествува во нивното обликување. Тоа е голем чекор напред.

Во што се состои вашата обука на наставниците за стекнување на вештини од ВИ во примената на наставата?

П. Ниновски: „ВИ во училница“ е програма што им дава на наставниците практични вештини: како да користат вештачка интелигенција при подготовка на час, како да вклучат интерактивни содржини, како да креираат тестови и да даваат повратна информација. Наставниците добиваат пристап до 8 онлајн курсеви месечно, ќе имаат и ментори и секако сертификати по завршените курсеви. Но, уште поважно, на крај од секој курс секој наставник ќе стекне вештини за да изработи конкретен план или материјал кој ќе може веднаш да го примени во училница. Значи не зборуваме за теорија, туку за пракса од првиот ден.

Какви други обуки имате, освен за вработените во образованието во Македонија?

П. Ниновски: Во Бреинстер секогаш тргнуваме од основната идеја, а тоа е да создадеме образование што одговара на реалниот свет и на реалните предизвици на времето во кое живееме.
Тука доаѓа новиот проект „ВИ на работа“ во чии рамки, на 1 септември, со обуки за ВИ започнаа 2 000 индивидуалци и 74 компании. Достапни ќе им бидат 8 различни курсеви секој месец со што ова ќе биде еден од најголемите проекти за изучување на вештачка интелигенција во регионот, па и пошироко. Интересот за „ВИ на работа“ за нас е јасен сигнал дека луѓето сакаат денес да учат за вештачката интелигенција, а не утре. Особено сум горд што во програмата предаваат експерти од Гугл, Мета, Мајкрософт и други глобални компании, луѓе од кои учесниците ќе имаат можност да учат директно.
Интересот беше огромен, местата се пополнија веднаш, па сега е отворена листа за чекање, а во декември започнуваме со новата група.
Сето ова е дел од нашата поголема мисија, да изградиме образование и систем што не само што ги следи глобалните трендови туку и создава генерација подготвена да ја води иднината.

Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано