Финансии / Банкарство

Стопанска банка АД – Скопје со добивка од 54,3 милиони евра во првите девет месеци од годинава

Во образложението и анализата на неконсолидирани и неревидирани финансиски резултати кои банката ги достави до Македонската берза стои дека економските активности во трите квартали од 2025 година се одвивале во услови на пораст на бруто-домашниот производ од 3,0 % и 3,4 % во првиот и во вториот квартал последователно. Обемот и динамиката со која ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се најважни фактори кои го диктираат темпото на раст на домашната економија. Согледувањата за остварувањата кај индикативните категории за движењето на агрегатната побарувачка исто така упатуваат на забрзан економски раст. Сепак, предизвиците од инфлацијата, трговскиот биланс и структурата на пазарот на трудот остануваат важни области кои треба да се следат со внимание. Економскиот амбиент и натаму е придружен со неизвесност, а сè уште постојат ризици за светската и за домашната економија.

Во такви услови, од банката велат дека во првите 9 месеци од 2025 година продолжиле со остварување солидни резултати и висока профитабилност. Добивката пред оданочување и исправка на вредност изнесува 4.305.324 илјади денари, што е 7 % повеќе споредено со истиот период од претходната година. Согласно стратегијата на Групацијата и Банката како нејзин дел за одржување висок квалитет на активата и ниска стапка на нефункционални побарувања, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 963.402 илјади денари, што е за 4 % повеќе споредено со минатата година, која покрај исправката за нефункционалните побарувања, вклучува и дел за покривање на ризиците и на редовното портфолио, како превентива од неочекувани движења.

Со тоа, добивката на Банката пред оданочување на 30.09.2025 година изнесува 3.341.922 илјади денари или 54,3 милиони евра. Наведениот резултат е последица како на органскиот раст на активата така и на успешното раководење на бизнис-линиите во рамките на утврдената рамка на прифатлив апетит за ризик.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано