Општество
Плаќање паркинг во центар со QR-код – ЈП Паркинзи на Општина Центар со нови информативни табли и нова можност за плаќање
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје, денеска успешно реализираше поставување на нови информативни табли со современ дизајн и вграден QR-код кој овозможува едноставно и брзо плаќање на паркинг услугата со платежна картичка.
-Во рамки на напорите за дигитализација и модернизација, претпријатието денес започнува со замена на сите информативни табли со нов, модерен дизајн, како и поставување дополнителни табли за подобра информираност и полесна ориентација на корисниците. Новите табли содржат јасно означени податоци за зоните, тарифите и начинот на плаќање, а QR-кодот овозможува директен пристап до безбеден систем за електронско плаќање, без потреба од најава, регистрација или испраќање SMS порака, се наведува во соопштението од Општина Центар.
Со едно скенирање, корисниците можат брзо и удобно да ја извршат уплатата, што претставува чекор напред во модернизацијата на услугите за паркирање во oпштина Центар.
-Воведувањето на QR-код системот е дел од нашата стратегија за дигитализација и поедноставување на услугите за граѓаните. Со ова решение, секој возач може за неколку секунди да го плати паркирањето без апликации, без регистрации и без дополнителни чекори. Нашата цел е да обезбедиме модерно, ефикасно и кориснички ориентирано паркирање во oпштина Центар, вели директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски.
Овој проект е дел од континуираните активности на ЈП ПОЦ за унапредување на јавните услуги, подобрување на искуството на корисниците и воведување на иновативни дигитални решенија во интерес на граѓаните и посетителите на општина Центар.