Вести

Царината заплени 130 килограми марихуана, без претходна дојава

Царинската управа заплени 130 килограми марихуана која на „црниот" пазар би чинела над 700 000 евра.

Со ова, како што рече денеска директорот на Управата Бобан Николовски, спречен е меѓународен канал на нелегална трговија со опојна дрога.

Според Николовски, се работи за квалитетна марихуана која, што е можно поскоро, ќе биде предадена во Агенцијата за конфискација на имот. 

Едно лице е лишено од слобода и против него е поднесена кривична пријава. Станува збор за српски државјанин, сопственик и возач на превозна компанија регистрирана во Љубљана.

-Марихуаната е запленета без дојава и ова не се случува секој ден. Нашите службеници имаат доволно искуство да проценат што да контролираат, а резултатот е повеќе од очигледен, истакна Николовски на прес-конференција.

Како што информира директорот, управувајќи товарно возило, на излез од Македонија, на граничниот премин Табановце, сторителот се обидел да ја прокриумчари марихуаната, давајќи лажна изјава кај царинските службеници. Возилото го пријавил како празно и рекол дека нема ништо за царинење.

-При прегледот, службениците забележале дека палетите се специјално прекроени и не се во стандардна форма, а зад нив имало повеќе торби. На прашање за содржината на стоката во торбите, возачот изјавил дека пренесува цигари и се обидел да понуди мито што било веднаш одбиено и е продолжено со детална контрола при што во торбите се пронајдени 131 пакување со 130 килограми марихуана, напомена Николовски. 


Фото: МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО