Економија
ВИСОКО НАМАЛУВАЊЕ НА ТРГОВСКАТА РАЗМЕНА СО ГЕРМАНИЈА, вкупниот увоз на Македонија е повисок за двапати од извозот
04.11.2025
Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – септември 2025 година, изнесува 368 279.8 милиони денари и бележи пораст од 2,09 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – септември 2025 година, изнесува 523 204.2 милиони денари, што е за 3,59 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.
Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за пренос на лица.
Во периодот јануари – септември 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47,7 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 59,6 % во вкупната размена.
Вкупниот обем на трговската размена со Германија во периодот јануари-спетември 2025 година во однос на истиот период лани изнесува 3,4 милијарди долари и бележи намалување за 4,9 отсто. Извозот од Македонија е намален за 5,7 отсто, а увозот за 2,8 отсто.
Главни поенти
Извоз јануари – септември 2025 година во однос на јануари – септември 2024 година
- 368 279.8 милиони денари: +2,1 %
- 5 978.9 милиони евра: +2,0 %
- 6 689.5 милиони САД долари: +5,0 %
Увоз јануари – септември 2025 година во однос на јануари – септември 2024 година
- 523 204.2 милиони денари: +3,6 %
- 8 494.3 милиони евра: +3,5 %
- 9 498.0 милиони САД долари: +6.5 %
Фото Економија и бизнис