Општество

Кос: Само со обединување на Европа можеме да обезбедиме мир, слобода и просперитет

Ние Европејците треба да направиме многу повеќе за да ја преземеме контролата врз нашиот континент, да ги браниме нашите демократски вредности и да ја заштитиме нашата сопствена безбедност, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос при презентацијата на пакетот извештаи за напредокот на кандидатите за членство во ЕУ пред Комитетот за надворешни работи на Европарламентот. 

- Ова може да се направи успешно само со заедничка работа со нашите соседи за да создадеме силна, стабилна, безбедна и обединета Европа заснована на заеднички вредности и принципи. Само ако го завршиме обединувањето на Европа, можеме да обезбедиме мир, слобода и просперитет на нашиот континент. Само заедно со сите оние кои ги делат нашите вредности можеме да обезбедиме Европа да има независен глас во светот, истакна Кос, додавајќи дека денеска презентираните извештаи треба да се читаат во контекст на брзо трансформирачкиот геополитички пејзаж.  

За земјава Кос посочи дека е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и продолжуваат техничките подоготовки во однос на патоказите и Акцискиот план за преговори по првиот Кластер, но додека не презела „решителни чекори“ за напредок во преговорите за членство и мора „да го промени Уставот во согласност со заклучоците на Советот од 2022 година, за да напредува по својот пат кон ЕУ“.

Таа нагласи дека досега Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина постигнале „значителен напредок“ на патот кон ЕУ, што, според неа, покажува дека реформите се исплатуваат.

Во однос на Србија, Кос оцени дека вистинското темпо на спроведување на реформите значително забавило, за Босна и Херцеговина рече дека се соочува со политички тензии и застој во реформите, а за Косово дека бележи застој во напредокот поради политички ќорсокак по изборите.  

За Турција, Кос изјави дека има континуираното влошување на демократските стандарди, владеењето на правото и почитувањето на основните права, а за Грузија дека се бележи сериозно демократско назадување.  

Сепак, според Кос, севкупно, 2025 година била „добра година“ за работата на ЕУ со земјите кандидати, при што е забрзана нивната постепена интеграција во ЕУ, вклучително и преку Инструментот за Украина и Плановите за раст за Западниот Балкан и за Молдавија. 

- Овие нови инструменти ја препознаваат геополитичката реалност дека треба пошироко да размислиме за работата со земјите аспирантки и да одобриме учество во различни политики и програми пред членството во ЕУ, порача Кос, додавајќи дека напредува работата и во усогласување со техничките стандарди и сертификати на ЕУ, што ќе го прошири единствениот пазар и ќе ги зајакне паневропските вредносни синџири. 

Кос потсети дека некои од кандидатите, меѓу кои е и земјава, се приклучија на Единствената европска платежна зона, а напредок се бележи и во роамингот.  

- Ова се чекори за интеграција што се одвиваат во замена за реформи, особено во почитувањето на владеењето на правото, основните права и демократијата. Ова оди подалеку од опсегот на Извештаите за проширување. Треба да ја примениме логиката на рано интегрирање на нашите идни членови и во активностите што Комисијата ги подготвува за заштита на демократијата, како што се Штитот за демократија, Програмата за отпорност на медиумите и поддршката на граѓанското општество, додаде Кос. 

Според неа, со оглед на забрзувањето на процесот на пристапување за некои земји-кандидатки, успешното проширување на ЕУ е реална можност во наредните години. 

- Секое проширување треба да ја направи нашата Унија посилна. За да го постигнеме тоа, ни треба поголем напредок во два главни столба. Прво, идните земји членки мора да се подготват за одговорностите од членството, и второ, мора да ја подготвиме нашата Унија за поголема ЕУ, додаде Кос. 

Според неа, следната година ќе претставува момент на вистината за сите земји кандидатки, но особено за оние кои презентираа амбициозни планови за завршување на преговорите, бидејќи „високите амбиции доаѓаат со високи очекувања за реформи“. 

- Тие треба да ги засилат напорите за спроведување реформи, што ќе овозможи трајна трансформација на нивните економии и општества за целосно прилагодување кон демократските стандарди и вредности. Ова треба да биде поткрепено со почитување на владеењето на правото и основните права и јасно почитување на геополитичката ориентација на ЕУ, рече Кос. 

Според неа, во исто време, и ЕУ веќе презема чекори за да се подготви за прием на нови членки и за таа цел Комисијата работи на прегледи и реформи на политиките пред проширувањето, кои го проценуваат влијанието на проширувањето врз клучните области на политиката. 

Таа нагласи дека идните проширувања можат да бидат успешни само ако се обезбеди највисок квалитет на реформите и се воспостават заштитни мерки што, вели, „ ги уверуваат нашите граѓани дека интегритетот на нашата Унија и демократските вредности се обезбедени“. 

- Треба да обезбедиме позитивната динамика за владеењето на правото, демократијата и основните права да се одржи и по пристапувањето. Комисијата смета дека идните договори за пристапување ќе треба да содржат посилни заштитни мерки, а воедно да се задржи фундаменталниот принцип на еднаквост. Ова е за да се избегне какво било назадување од обврските преземени за време на преговорите за пристапување, потенцира Кос. 

Еврокомесарката заклучи дека секое претходно проширување ја направи ЕУ посилна, па затоа не смее да има двоумење за водење на потребните дискусии за тоа како може да се осигура поголемата Унија да биде и посилна. сп/вг/

Фото: МИА

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано