Вести
Во Белград ќе се одржи конференција „Western Balkans 2030“
12.11.2025
Во Белград денеска ќе се одржи конференција Western Balkans 2030, организирана од списанието „The Region“, водечка регионална деловна публикација, со поддршка на Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС).
Овогодинешната програма ќе вклучува панели посветени на регионалната интеграција и пристапувањето кон ЕУ, зелената транзиција и дигитализацијата.
Учесниците на конференцијата ќе бидат претставници на европски институции, меѓународни и регионални организации, дипломатски и експертски заедници, како и водечки компании.
Поврзувајќи ги носителите на одлуки и експертите од Европа и Западен Балкан, конференцијата има за цел да го истакне потенцијалот на регионот да придонесе за создавање поконкурентна, одржлива и поврзана Европа.
Целта на организаторите е и да го воспостават „Western Balkans 2030“ како годишен форум за дијалог и соработка и како место каде што идеите се трансформираат во конкретни акции и партнерства.
„Western Balkans 2030“ е клучен регионален форум што ги обединува претставниците на европските институции, меѓународните организации и деловната заедница со цел заеднички да ги дефинираат насоките за развој на регионот до 2030 година. Фокусот е ставен на регионална интеграција, енергетска транзиција, дигитализација, одржлив раст и инвестиции.
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ денеска ќе престојува во официјална посета на Република Србија, каде ќе учествува на конференцијата „Western Balkans 2030“, во организација на Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Во рамки на престојот во Белград, Стоилковиќ ќе оствари и работна средба со потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија Адријана Месаровиќ. На средбата ќе се разговара за потпишување меморандум за натамошно унапредување и продлабочување на економската соработка, поттикнување на заедничките инвестициски проекти, како и за заеднички настап на трети пазари, во пресрет на македонско-српскиот бизнис форум што ќе се одржи во Македонија на 2 и 3 декември.
-Посетата претставува уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон стабилен, економски поврзан и европски ориентиран регион на Западен Балкан, наведуваат од Кабинетот на потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците.
Фото Економија и бизнис