Економија
ОПЕК ПЛУС ГО ЗГОЛЕМУВА ПРОИЗВОДСТВОТО, ЦЕНАТА НА НАФТАТА МОЖЕ ДА ПАДНЕ
12.11.2025
Организацијата на земјите производители на нафта ОПЕК плус континуирано го зголемува производството од април и покрај релативно ниските цени, што би можело дополнително да ги намали цените на овој енергетски производ, се наведува во анализата објавена од Европската централна банка (ЕЦБ).
Според моделите на Европската централна банка, доколку Саудиска Арабија продолжи да го зголемува производството за да го максимизира пазарниот удел, цените на нафтата би можеле да паднат за дополнителни 10 проценти на околу 60 долари за барел до 2027 година.
Слична ситуација имаше во 2014 година, кога зголеменото производство од страна на Саудиска Арабија и другите членки во комбинација со силниот раст на производството на нафтени шкрилци во САД предизвика пад на цените на нафтата за околу 34 проценти во последните три месеци од таа година.
Неколку фактори укажуваат дека е малку веројатен остриот пад на цената на нафтата, сличен на оној од 2014 година. Падот на цените во 2014 година беше поттикнат од комбинацијата на зголемено производство на ОПЕК и силен раст на понудата надвор од ОПЕК, која се зголеми за 4,4 проценти таа година.
Спротивно на тоа, моменталните проекции на Меѓународната агенција за енергија очекуваат само умерен раст на производството од земјите кои не се членки на ОПЕК во 2025 и 2026 година, за 2,1 процент и 1,7 проценти, се наведува о извештајот на ЕЦБ.
Фото Економија и бизнис